Не е проблем мандатот, проблем е едностраноста, „толкувањето” и читањето на уставот според потребите или опортунистичките потреби. Ако, нешто е проблем, се обидуваш да го решиш, а не да го продлабочиш. Ако, нешто некогаш било проблем, не може сега да биде решение
НИКИЦА КОРУБИН
Принципиелноста е крајно потценета работа, а во добрата политичка пракса е клучна. Ако, нешто пречи во друг политички контекст, пред четири години, не може сега да биде “оправдание”, а уште помалку воспоставена пракса.
Не е проблем мандатот, проблем е едностраноста, „толкувањето” и читањето на уставот според потребите или опортунистичките потреби. Ако, нешто е проблем, се обидуваш да го решиш, а не да го продлабочиш. Ако, нешто некогаш било проблем, не може сега да биде решение. Не на исклучив начин.
Мандатот не се бара, тој се дава. Според пропишани уставни норми. Ако еднаш или два пати е згрешено, што ја прави третата грешка исправна? Што е побитно, правото или лошата пракса? Или најбитен е моментот? Но, моментот е изграден од контекстот, а овој контекст со зацртана евро-атлантска интеграција, бара нормалност. Нормалноста пак бара принципиелност, доследност и добри правни пракси.
Затоа, секоја одлука треба да биде јасна и концизна, без простор за широко толкување. Треба да се темели на логика и разум, а не на политичка проценка. Треба да биде прифатена од сите, бидејки тоа е смислата на демократијата, или сите или никој нема легитимитет во еден заеднички изборен процес.
Големите теми се завршени. И тие не се предмет на триумфализам, а најмалку на било какво оправдание, за било какво постапување. Но, големите промени се на почеток. Промените на начинот на кој ја разбираме државата и правниот систем, која не е желба, туку обврска.
Затоа, да се запрашаме добро, сакаме држава за сите или само за „нашите”? Кои и да се тие „наши”, кои упорно ги обвинуваат другите за заробената држава. А, таа заробена од партократската логика, која се прилагодува на своите замислени и зацртани цели.
И навистина ли стана прифатливо сега, нешто што беше неприфатливо тогаш? Ако, ние забораваме, историјата памети. Нека ни биде конечно историјата учителка, а не параван за нашата совест.