Поталот „360 степени“ објаснува зошто обвинетите во аферата „27 април“ не можат да се користат со ставот на Врховниот суд на Шведска за неиспорачување на обвинетиот Дејан Давидовски
Во пресудата воопшто не се доведува во прашање кривичното дело за кое е обвинет Дејан Давидовски (настаните од 27 април) туку тоа се поистоветува со делата од Глава 18 од Кривичниот законик на Шведска, кои се т.н. „политички кривични дела“ (насилно уривање влада, насилно попречување на влада, парламент, шеф на држава, суд…) и за кои, според нашироко применетото меѓународно-правно начело (дел од шведското законодавство), може и да не се одобри екстрадиција. Тоа начело е содржано и во нашиот Закон за меѓународна соработка во кривичната материја, се вели во текст објавен на порталот „360 степени“.
Пресудата на Врховниот суд на Шведска, со која се одбива екстрадиција на Дејан Давидовски, обвинет за настаните од 27 април во Собранието, се интерпретира на сосема погрешен начин, со што се доведува во заблуда јавноста, вели експерт по меѓународно казнено процесно право со кого го консултирале од „360 Степени“.
„Не станува збор за проценка на шведскиот суд дека во земјава се води политички процес или политичко судење за настаните од 27 април ниту се доведува во прашање делото за кое се товари Давидовски. Станува збор за примена на меѓународно-правен стандард дека за дела кои спаѓаат во групата на ,политички кривични дела’ може и да не се одобри екстрадиција“, вели експертот. Тој појаснува дека и „политичките кривични дела” се кривични дела за кои се одговара во секој демократски систем.
Во преводот од пресудата, објавен во дел од медиумите, може да се прочита дека Врховниот суд во Шведска го подвел делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, за кое е обвинет Давидовски, во групата „политички кривични дела“ и го поистоветил со кривичните дела од Глава 18 од Кривичниот законик на Шведска. Во членот 1 од таа глава може, на пример, да се види дека за дело слично со она за кое се товари Давидовски во земјава, во Шведска се оди во затвор и до 10 години.
„Ова начело е содржано во Европската конвенција за екстрадиција и се применува и во нашата земја“, вели соговорникот на „360 Степени“.
Во Законот за меѓународна соработка во кривичната материја експлицитно пишува дека „екстрадиција нема да се одобри за политички кривични дела“.
Шведска нема да го екстрадира Давидовски, Врховниот суд вели на 27 април немало тероризам
За шведскиот суд упадот во Собранието на 27 април пред две години е бунт, а не терористички акт.
Барањето на македонското Министерство за правда за екстрадиција на Дејан Давидовски – Дешо, еден од обвинетите за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста” е одбиено од шведскиот Врховен суд, кој сметал дека делото во овој случај е политичко.
„Од документите во конкретниот случај се чини дека наводното дело вклучува упад во Собранието за да се обидат со закани и насилство да го спречат изборот на претседателот на Собранието. Делото за кое Дејан Давидовски е осомничен според шведскиот закон може да се смета дека одговара на бунт… Затоа постојат пречки за екстрадиција“,–пишува во одлуката на шведскиот Врховен суд донесена на 15 август.
Како таа ќе се одрази на случајот во земјава, кој веќе половина година е заглавен пред Апелација, е нејасно, но одбраната очекува во секој случај таа да има битно влијание пред Еврпоскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Нашето судство нема слух очигледно, ниту менталниот склоп е таковда размислува за жач се работи по инерција, и досега ниту една реформа во судството не е преземена, буквално имаат клиентелистички што е жано, но ова секако ќе влијае пред судот во Стразбур, каде што сметам дека предметот ќе заврши. “ вели адвокатот Звонко Давидовиќ.
Со првостепената пресуда пролетва, обвинетите што не беа опфатени со амнестијата, добија вкупно околу 200 години затвор. Апелација се уште нема закажано седница по жалбите на одбраната, бидејќи се уште го чека мислењето на Вишото обвинителство.
Во меѓувреме Русковска поднесе обвинение и против организаторите на упадот во мај, но судот се уште се нема одлука дали го прифаќа.