ДЕНКО МАЛЕСКИ
Доживотно избран, не секогаш на начин кој влева почит, македонскиот академик е специфично суштество. Тој го носи ореолот на најдоброто во македонската мисла, научна и друга, кој му го дава институцијата која самата се репродуцира со нови членови налик на оние кои го вршат изборот
Македонските политичари ја осудија сопствената држава на четвртвековна стагнација во процесот на евроинтеграциите и еве ги живи и здрави во одбрана на своите стари политики. Добро, може да загубат избори и да паузираат мандат-два ама одговорност за погрешни политики нема. Имено, во една либерална демократија сите политики се на слободниот пазар па ако народот одлучи да ја избере најлошата затоа што му се чини дека е најлесна, тоа е негово право. И сето тоа заради фактот дека во оваа сфера на човековото живеење во која некогаш се сечеле глави, денес, благодарение на демократијата, главите се бројат на избори.
Прилично комотно за модерните владетели, зарем не? Има само една покомотна позиција во македонското општество која дури и не е подложна на верификација на избори, макар колку погрешна да била. Тоа е функцијата академик. Доживотно избран, не секогаш на начин кој влева почит, македонскиот академик е специфично суштество. Тој го носи ореолот на најдоброто во македонската мисла, научна и друга, кој му го дава институцијата која самата се репродуцира со нови членови налик на оние кои го вршат изборот. Тука почнуваат проблемите зашто нашиот академик кој, верувајќи дека е врвен авторитет (и вон својата професионална област) почнува да сонува како да му се оддолжи на својот народ. И да го зцврсти сопствениот углед и позиција, се разбира. Во годините на мојата неуспешна соработка со МАНУ разбрав дека сонот на академиците од другите балкански земји е сон и на нашите: како, со некаков меморандум, на нардот да му го пробијат патот до светлата иднина и да го оправдаат (не) заслужениот јавен углед. Интересно, тоа што таквите меморандуми кои не ја разбираат реалната домашна и меѓународна политика туку почиваат врз националната егзалтација, ги поведоа југословенските народи во меѓусебни војни не ги колеба нашите академици да ја посакуваат улогата на водачи на својот народ.
Од упорноста со која претседателот на МАНУ, избран заради заслугите во својата компјутерска област колку знам, и неговата колешка поетеса и литературен критичар, ја водат кампањата за своите политички стојалишта можат многу да научат врвните македонски политичари, кои се откажаа од тоа водство уште пред две години. Она што иницијално беше критика на академиците на политиката на владата кон Бугарија го поплни целиот вакуум оставен од повлекувањето на политичарите со тотална негација на политиките на сите влади во изминативе триесет години. Акцентот на нивната критика, сепак,останува на „предавничката“ политика на актуелната влада. Всушност, јавајќи на бранот на повредената национална гордост на Македонецот и на незадоволството на народот со тешките и непопуларни решенија на независна држава во борба за опстанок, тие демонстрираат застрашувачко незнаење за домашната и меѓународната политика. Но, тоа што двајцата академици ја водат државата во погрешна насока е проблем на оние кои, во услови на слободен политички натпревар, решиле да ги следат. Проблем е и за политичарите кои набргу ќе се свестат дека нивното водство е императив зашто ако не ги водат настаните, ќе бидат водени од нив.