На урбано Скопје, среде лето, од 15 до 21 јули,му се случи 20-то јубилејно издание на Фестивалот на европски филм СИНЕДЕЈС, кој во текот на овие две децении израсна во значајно регионално културно случување кое се издвојува со храброста да исцртува поинакви линии на комуникација и едукација.
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Кога некој како Маргарита Арсова, млада жена која се одзива на звањето „програмски координатор“ нов во случајов дирекно е повикана за се* она што е замислено да се случува во рамките на претстојниот Фестивал на европски филм СИНЕДЕЈС кој овојпат пркосно го носи слоганот „Филм фактор 20“, ќе ви каже дека на манифестацијата во иднина, за една, две децении… и пожелува само успешно да плови во немирни води, тогаш работите се повеќе од јасни. И во вакво, „ново нормално“ време, приказната продолжува успешно да се испишува. Како на филм. Европски. Квалитетен. И тоа пред се*, благодарение на тимот од Младински културен центар-Скопје, на кој и самата му припаѓа. А разговорот со неа во оваа пригода, наместо со претресување на програмата, тргна по друга патека.
Дваесеттиот Фестивал на европскиот филм – СИНЕДЕЈС, традиционалниот ноемвриски термин овојпат ќе го замени со летен. Ќе се одржи од 15 до 21 јули во МКЦ и сето она што оваа градска институција може инфраструктурно да го понуди. Кој беше концептот за ова јубилејно издание и колку времето во кое живееме, или „живуркаме“, влијаеше врз актуелната програмска понуда на манифестацијата? Се вкрстија ли желбите со условите или изнудено како тим бевте принудени на компромиси со реалноста во која „пари за култура никогаш доволно“? Од таму ли годинешниот слоган „Филм фактор 20“?
Токму така, СИНЕДЕЈС јубилејно во летен период. Зошто да не? Никогаш не сме претендирале да бидеме робови на нормите и формите, а и впрочем мораме постојано да се реобмислуваме како не би заглавиле со она што го нудиме и пласираме како програма. Тоа беше единствениот компромис и принуда која ја имавме, да се адаптираме на новото нормално, за нас ненормално. Покажавме дека културата може да се адаптира и живее во вонредни услови ама ништо не може да го замени чувството на присутност, на следење на настани во живо. Оттаму, бевме „принудени“ да направиме летна варијанта на фестивалот. Програмскиот концепт потоа лесно се прелеа во идеите во кој правец да се движи годинешната кампања. Секако, желбите големи реалноста мава заушки, ама наша задача е постојано да се креваме. Така и големата упорност и работа, работа, работа… пораки, пораки, пораки… и ќе си го добиеш тоа што си го замислил. За свежината на програмата и актуелните наслови, морам да ја споменам и одличната соработка со локалните и регионалните дистрибутери на филмови со кои со години сме на линија, ни го познаваат сензибилитетот и си парираме. И, се разбира „Филм фактор 20“ бидејќи штитиме од штетните УВ зраци на лапни голтни програмата по телевизиите.
И, во едни такви околности како организатори потпишувате случување кое во најава вели дека доследно ја следи досегашната развојна линија. По две децении, имајќи ги пред себе изворните принципи за манифестацијата, сметате ли дека СИНЕДЕЈС ја остварува својата мисија? Дека достојно го промовира европскиот филм во неговата суштина и дека на тој начин едуцира вистинска армија на вљубеници во оваа уметност?
Искрено верувам во тоа. Убедени сме дека сме на вистинскиот пат и дека се држиме до основните принципи на Фестивалот, а тоа е промоција на европската филмска уметност во сите форми. Секако, многу работи и не зависат директно од нас, мораме да ја земеме предвид и околноста на средината во која живееме, она што се пласира насекаде како “демек култура”, недоволната застапеност на вестите за културни настани по медиумите и така со ред. Не ми е јасно, како е можно вестите да не почнуваат најпрвин за она што е најбитно од културата денес во државата, градот? Како може законски да се протне турска серија во категорија „Едукативни документарни филмови“, а потем очекуваме резултати за полни кино сали, проекции, премиери и тн. Се сеќавам на еден одличен пример од соседството, за уредувачката политика на Хрватската Радио Телевизија и каналот ХРТ3. За тогашната уредничка која упорно тврдела како секој ден, секое утро ќе го започнува со прикажување на класични американски вестерн филмови. Гледаноста на почетокот била во тотална негатива. Но, со упорност и континуитет, гледаноста се покачила и денес, секое утро не на ХРТ3 туку на ХРТ1 оди американски вестерн филм. Како очекуваме да имаме публика, да градиме армија на вљубеници кога не работиме здружено на тоа да ја едуцираме, информираме публиката за настаните во кои и самата држава е главен финансиер? Не може се да се потпира на ентузијазмот на поединци, културни институции и организации кои не знам од каде се уште ја црпат својата инспирација да се дел од оваа пирова битка за култивирање на збрчканово секојдневие.
А, кога ќе се подвлече линија и пред вас со ова издание се отвораат нови хоризонти, како ја проектирате натамошната иднина на СИНЕДЕЈС – фестивал со убаво портфолио зад себе, но и манифестација што би сакала да го следи духот на времето во кое пулсира? Сметате ли дека е потребна блага ревизија на стореното и неминовно обмислување на идните „провокации“ за бројната публика?
Искрено сметам дека освен главните програми, кои сепак претставуваат основни столбови на секој сериозен филмски фестивал, како филмови во конкуренција, кратки филмови и ревијални програми во фокус, СИНЕДЕЈС секоја година се труди да внесе нова свежина во својата програма, дали тоа е нова програмска содржина или локација за прикажување на филм или некое музичко изненадување. Ете годинава, како и минатата, правиме летно издание на фестивалот. Којзнае, можеби СИНЕДЕЈС ќе стане и летен фестивал. Инаку да, учиме од се, гледаме да следиме колку е можно повеќе и да се адаптираме на светските трендови но на се внимаваме да го аплицираме нашиот “МКЦ-овски” печат.
Според вас што е она што, освен одбирот на квалитетни филмови, ќе му даде посебна убавина на ова 20-то издание на СИНЕДЕЈС – мастер-класовите, резиденцијалните програми… програмите со кратки филмови…музичките ноќи?
Ах, сето тоа е една убава слоевита летна торта од вишни. Не би можела да издвојам конкретна содржина бидејќи се ми е многу драго, селектирано со особено внимание и причина. Музичките вечери се тука за да не згасне атмосферата по гледањето на филмовите, тоа е еден медиум како да ја привлечеме публиката да биде уште поактивен уживател на фестивалот. Мастеркласовите се тука за да ја доближиме уметноста поблиску до заинтересираната публика, годинава и можеби со еден од најголемите режисери, Бела Тар кој воедно за себе вели дека попрво би бил филозоф отколку режисер, па и оттаму сигурно има многу што да раскаже. Мислам дека убавината на фестивалот ја даваат насмеаните лица на фотографиите од филмските проекции и концертите по нив. А во лето, тоа е веќе и друга димензија.
Во времево кога патувањето и натаму е непозната авантура која може и пред време, зависно околностите, да заврши а пост-пандемијата не ветува мирен сон, сепак на СИНЕДЕЈС очекувате и интересен состав на гости, главно од регионот. Колку нивното присуство е пожелно и помага во креирањето на имиџот на Фестивалот чии цели отсекогаш биле не само да се прескокнат мисловните бариери, туку да се тргне подалеку од физичките (ако сакате и државните) граници на дадениот простор. Да се дофрли преку Табановце, да се живее Европа независно што и не многу широко ни ги отвора портите и покрај нашите стремежи и сторени компромиси.
Културата е тука за да ги скрши тие бариери. За да покаже дека не е важно на кој јазик зборуваш, ако се разбираме. Ако Европа е услов, тогаш ние живееме малку различна Европа, онаа која значи флуиден процес на заедничко созревање. Еве конкретно на СИНЕДЕЈС годинава ќе зборуваме преку битови, бидејќи голем дел од гостите ќе ни се јават преку онлајн платформите. И покрај огромните напори, сепак се уште е присутен стравот и луѓето не се охрабруваат да патуваат. И нудиме ладна лубеница за пречек и пак ништо не помага во убедувањето. Ние ја живееме Европа и пред да биде тоа мејнстрим.
Во ваквата приказна каде е местото на докажаниот пријател на СИНЕДЕЈС – Бернд Будер? Колку неговите сугестии, неговиот ангажман, неговото присуство … низ годиниве наназад СИНЕДЕЈС го направија она што е – ФЕСТИВАЛ? Зарем не треба македонската култура, Градот Скопје него да го прогласи за почесен граѓанин на пример?
За Будер ќе аплицираме да добие „13-то Ноемвриска награда за заслуги“, но шегата на страна. Неговата помош и референци направија СИНЕДЕЈС да биде препознаен во европски рамки како навистина сериозен фестивал. Впрочем, тоа е и неговата експертиза, источноевропската кинематографија, а спојот со СИНЕДЕЈС беше неминовен и логичен.
И, како програмски координатор на СИНЕДЕЈС, како Маргарита Арсова го замислува СИНЕДЕЈС за некаде една деценија… а можеби и две. Ќе успева ли Фестивалот и натаму да биде една од големите привилегии на малиот МКЦ, на Скопје… Каква иднина му пожелува сегашниот организациски тим на ова случување и што би било неопходно да се стори за да останеме сведетели на неговиот раст во пошироки рамки?
СИНЕДЕЈС и генерално културните фестивали и настани, мора да биде препознаени како важен сегмент од градењето на културната стратегија на државата. Културата мора да биде конечно во фокус бидејќи само така може да се зацврстат позициите, да се осовремениме, да можеме да сфатиме конечно како и зошто е важно да сме дел од светот. Искрено се надевам дека нема да згасне идејата за уште поголем фестивал, кој би служел како црвена точка на мапата за препознавање на нашата држава. На СИНЕДЕЈС му пожелувам да не го зароби бродот во некој тесен канал и да продолжи да плови во бурни води.
(Жирито одлучи да ги додели следниве награди: Во официјална селекција, награда „Златна ѕвезда“ за најдобар филм ја доби „Улиште“ (HIVE), во режија на Блерта Башоли. Во „SEE програмата“, награда „Златно сонце“ за најдобар филм доби филмот „Мир и хрмонија“ (It’s all about peace and harmony) од Несими Јетик.
За тој филм, пак, жирито наведува дека е многу моќен женски филм, што е навистина пријатно да се погледне во овие времиња).