Вицепремиерот во „Трилинг“: нагласи дека затоа сега е време за реален консензус. Веќе е обезбедена јасна прецизна позиција, не само од страна на Владата, туку и Европската Унија и од Бугарија и од другите држави членки на ЕУ, дека нема други услови за продолжување на преговорите, освен уставните измени
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во емисијата „Трилинг“ изјави дека искуството на земјите кои денес се членки на ЕУ вели оти најдобро се бранат интересите кога сме земја членка на ЕУ и дека теренот за обезбедување поддршка на уставните измени е расчистен.
Немаат веќе никаква причина, никакво објаснување да не дадат поддршка. Верувајте, најдобрата битка за нашите интереси е да бидеме во Европската Унија. А не да бидеме во чекалната или да се фрустрираме заради тоа што Бугарија е а ние не сме. Тоа е искуството на Хрватска, тоа е искуството на Словенија, тоа е искуството на сите. Дека најдобро се бранат интересите кога сме во ЕУ, рече Маричиќ потенцирајќи дека преку преговарачкиот процес, ќе можеме многу наши интереси да заштитиме и во однос на економијата, домашните производите, земјоделието, виното и така натаму, но и во однос на идентитетските прашања.
Маричиќ укажа дека веќе е обезбедена јасна прецизна позиција, не само од страна на Владата, туку и Европската Унија и од Бугарија и од другите држави членки на ЕУ, дека нема други услови за продолжување на преговорите, освен уставните измени.
– Со решавање и со гласање на уставните измени ни се отвора патот за реално членство во Европската Унија во наредните години. Јасна и прецизна позиција од Бугарија и од другите држави членки на ЕУ дека нема други услови за продолжување на преговорите и отворање на Поглавјето, дека уставните измени се главниот и единствен услов. Дека нашиот јазик и идентитет се заштитени и гарантирани од најголеми поддржувачи во Европската Унија и дека преговарачкиот процес не може да го загрози нашиот идентитет и македонскиот јазик, објасни вицепремиерот Маричиќ.
Во контекст за регионалните случувања и безбедносните предизвици со кои се соочува регионот, Маричиќ рече дека ние сме на безбедната страна на границата бидејќи сме во НАТО и кај нас не се отвораат тие прашања преку безбедносната призма, но она што е битно како што вели тој, „е сега да го оствариме реално консензусот за членство во Европската Унија“.
– Тоа значи сите политички партии, вклучувајќи го и ВМРО-ДПМНЕ, да јасно и гласно, покажат на дело дека се за Европската Унија и за членство, не само на зборови. Дел од нив тоа го направија со НАТО, и затоа денес сме членка на НАТО, мислам дека е време да го направат и за Европската Унија, пак ќе кажам не заради СДСМ не заради Владата, не заради кој било поединец, туку заради државата. Бидејќи како што денеска сме сигурни на страната на безбедноста, затоа што сме НАТО, утре ќе има други предизвици и за нас во наш интерес е да бидеме што побргу во ЕУ, рече Маричиќ.
Маричиќ изрази верување дека уставните измени ќе успеат затоа што како што вели тој „не можам да замислам ситуација во којашто самите ќе си се блокираме, самите ќе си се одделиме од пакетот со Албанија, Србија и Црна Гора како држави кои преговараат и ќе се ставиме во категоријата со Косово и Босна и Херцеговина“, потенцирајќи дека ако не чекаме, ако работиме и ги завршуваме обврските, до 2030 е реално да станеме земја членка на ЕУ.
На прашањето дали после низата критики дека корупцијата и криминалот остануваат проблем во македонското општество, Владата има некаков план за ослободување на правосудството од влијанија, Маричиќ рече дека од 2017 година до денес има поместување кон подобро, дека се свесни за сите слабости и работат на нив, но и дека за тоа е потребна политичка волја од сите актери, јас верувам дека има и треба да ја преточиме во конкретна акција.
– Мислам дека ова Влада остави многу простор на правосудството, да покаже на дело и независност и интегритет и одговорност. За жал, не секогаш судството беше на висина на оваа задача, иако имаме, може да се пофалиме со примери што ги нема во регионот, случаи, против поранешни премиери, против високи функционери на поранешната а и на сегашната Влада, без тоа да предизвика да речам партиски или политички импликации, рече Маричиќ, потенцирајќи дека борбата за интегритетот на Судскиот совет и на судството е борба којашто мора да ја води судската фела, а мора да ја поддржува политиката.
За најавената оценска мисија на Европската Унија, Маричиќ смета е добар сигнал и чекор и дека Владата ќе го прифати тоа, потенцирајќи дека механизмите на ЕУ и Извештаите на ЕУ секогаш биле инструмент за подобрување.
– Оваа оценска мисија не е прва, ние сме имале оценски мисии и имаме за многу области. Но, таа оценска мисија ќе оди детално во анализирање на слабостите на судскиот совет и неговото функционирање и ќе даде конкретни препораки. Ние треба да го искористиме како можност, Владата тоа треба да го прифати, мислам дека за тоа никој нема дилема, тоа е пред сè порака до Судскиот совет и до тоа што се случуваше во изминатиов период, изјави Маричиќ во гостувањето на „Трилинг“.