Денешните околности ни потврдуваат дека сме донеле вистинска одлука, дека сме биле на вистинската страна. Имаме силно оправдување за големите политички жртви што ги направивме, бидејќи, беа вредни за граѓаните и за државата – вели овој политичар
„Денеска со гордост можеме да кажеме дека го исполнивме сонот на многу генерации. Така, треба да го исполниме сонот за Европската Унија, сега пореален од било кога. Ги оставивме далеку зад нас скептицизмот, резервите и грчот од пред 5 години што некои ги имаа. Имавме едно чувство на возвишена цел која ја правиме и која ја работиме за членството во НАТО и членството во ЕУ“, пренесува дел од своето обраќање вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на денешниот традиционален НАТО појадо по повод 4 годишнината од членството на Северна Македонија во Алијансата.
Маричиќ во својата објава нагласува дека „денешните околности ни потврдуваат дека сме донеле вистинска одлука, дека сме биле на вистинската страна. Имаме силно оправдување за големите политички жртви што ги направивме бидејќи беа вредни за граѓаните и за државата“.
„Како што не се откажавме од НАТО, така, без разлика на сите предизвици, нема откажување ниту од ЕУ. Како што ги ставивме интересите на граѓаните и на државата во преден план наспроти личните или партиските кога ги носевме тешките одлуки за НАТО, така ќе направиме и за нашето членство во ЕУ. Но, како и денес за НАТО, кога ќе прославуваме годишнина од членството во ЕУ, знаеме дека граѓаните ќе ни бидат благодарни“, истакнува вицепремиерот Маричиќ.
Тој потенцира дека е сигурен дека „со одговорниот однос кој го имаме кон реформите и пристапните преговори со ЕУ, ќе успееме во достигнување на целта, Северна Македонија до 2030 да биде успешна европска приказна“.