Практично ја завршивме првата фаза на преговорите кои започнаа во јули 2022 година. Се надевам, односно работиме на тоа, тоа да ни биде и фаза на која што нема да застанеме. Она што е битно во наредниот период е да продолжиме со државите кои преговараат, а тоа се Србија, Црна Гора, Албанија и ние – вели вицепремиерот кој се наоѓа на трибина на Харвард
ЈАНЕ БОЈАЏИЕВСКИ
Глас на Америка: Во Бостон сте, на Харвард, вицепремиере, на реномирана конференција за европскиот сон, за ЕУ, која се наоѓа на крстопат. Каде е Северна Македонија во овој контекст со оглед дека тоа е еден од клучните предизвици за иднината на државата.
Маричиќ: Северна Македонија го заврши процесот на скрининг успешно на крајот од минатата година, процес кој што претставува прва фаза на преговорите. Практично ја завршивме првата фаза на преговорите кои започнаа во јули 2022 година. Се надевам, односно работиме на тоа, тоа да ни биде и фаза на која што нема да застанеме. Она што е битно во наредниот период е да продолжиме со државите кои преговараат, а тоа се Србија, Црна Гора, Албанија и ние, да продолжиме на овој пат без поголем застој или без поголема пауза која што природно ја наметнуваат европските избори, изборите кај нас и изборите во Соединетите Држави, но примарно европските избори и изборите кај нас. Значи, ние се наоѓаме во една критична фаза во која што треба да продолжиме со реформите, да ги завршиме уставните измени, и да не ја пропуштиме шансата што ни ја дава Европската Унија, а тоа е креирање на држави кои што ќе бидат нов пакет за проширување до 2030-тата година.
Што се случува со евро-интеграциите, со оглед дека се, де-факто, де јуре, во ќорсокак. Дали очекувате дека по изборите ќе има двотретинско мнозинство, неопходно, за изгласување на неопходните уставни реформи?
– Многу ќе беше подобро тешките прашања, поточно оние прашања за кои е потребно двотретинско мнозинство, а тоа се уставните измени, да се завршат од страна на нас политичарите и ние да ја преземеме одговорноста за одлука во Собранието. За жал, не успеавме во година и половина, бидејќи, опозицијата реши да има став со кој што ќе ја блокира сопствената држава, не успеавме да дојдеме до тоа двотретинско мнозинство и сега таа одлука е однесена практично во изборите. Изборите ќе бидат еден вид на крстопат, една пресвртна точка по која што или ќе отидеме во правец на членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година или ќе одиме во еден стар филм кој што го гледавме 11 години и кој што значи повторно преговарање со соседите, поточно со Бугарија, еден тунел од десет години кој што не знаеме кога ќе се појави светлото на крајот на тој тунел или кога би излегле од него и повторно отворање на истите и истите прашања поврзани со идентитетот, со јазикот, со нешто што денес ни е веќе решено и ни е ставено во преговарачката рамка со Европската Унија и во процесот на преговорите. Мислам дека така ќе се постават или така се поставуваат сите политички партии без оглед на тоа со каков етнички предзнак се или со каков идеолошки предзнак се. Од една страна ќе бидат политичките партии кои што сметаат дека сите жртви кои што до сега ги дадовме не треба да бидат залудни и дека треба да продолжиме, дека имаме уште многу работа, имаме уште многу реформи, многу предизвици, многу отворени прашања, многу грешки, но дека имаме волја да го продолжиме патот и да стигнеме таму каде што заслужуваме да бидеме. Европската Унија и европската интеграција не се само убава приказна. Ние видовме каква е трансформацијата на Хрватска, каква на Словенија, на Бугарија, на Романија, на држави на кои што дел од нив биле и помалку развиени дури и од нас во минатото, денеска имаат повеќекратно повисок животен стандард не затоа што се поспособни од нас или затоа што подобро ја менаџираат економијата, туку затоа што се во Европската Унија, туку затоа што ги прифатија тие стандарди и затоа што го препознаа својот сопствен интерес во членството во Европската Унија. Ние, се бориме за тоа Северна Македонија да го препознае конечно својот интерес во членството во ЕУ и шансата која што ни се дава околу новиот геостратегиски моментум поврзан со војната во Украина и поврзан со желбата на Европската Унија да јасно ја исцрта картата на државите членки на ЕУ, да ја искористиме таа можност и да на нашите граѓани им овозможиме македонскиот пасош да биде европски пасош.
Дали од сегашна гледна точка, од оваа перспектива, како што бројни официјални лица во Северна Македонија, најавуваат, – 2030-та е реална за членство во ЕУ?
– 2030-та е реална можност. Тоа не е датум, кој ни е даден како гаранција, туку како можност. Ние се боревме долго време, еве, ова влада се бори 7 години, и успеа да добие од ЕУ, индикативен датум како можност за членство во 2030-та. Тоа го кажа претседателот Шарл Мишел. Зошто е тоа, важно? Ако ние за година и пол завршивме еден скрининг процес кој што Србија и Црна Гора траел две и пол години, тогаш сум сигурен дека преговорите можеме да ги завршиме за четири години. Затоа мислам дека во наредниот мандат, на наредната влада, на про-европската влада, е всушност во четири години да ги завршиме овие преговори. Ако наредната наша влада со овој коалиционен состав, ги заврши преговорите до крајот на 2028-ма, реално е да се очекува дека до 2030-та, ќе биде година на нашето членство. Треба една до една и пол година, за ратификација на Договорот за пристапување. Дали ќе стасаме до 2030-та на бината за прием на нови членки, зависи пред се од нас, или ќе ги гледаме проблемите на начин на којшто сакаме да ги завршиме или на ќе ги гледаме на начин како можност за никогаш да не ги решиме и како можност за популизам и национализам. Ние сметаме дека е многу важно конечно да излезе од онаа долга и тешка транзиција, да им понудиме на новите генерации нова политика, и нови можности, и да дојдеме до посакуваната точка на членство во ЕУ. Членството во НАТО го имаме веќе четири години и ни носи многу придобивки. Сега треба да си кажеме сите, дека е реално и членството на ЕУ, но само ако работиме на него. И, да продолжиме со притисокот и кон Брисел и кон државите членки, дека мора да испорачаат членство за оние кои ќе бидат спремни во 2030-та. Да заклучам, во 2030-та сигурно ќе има прием на нови членки. Наше е – одлуката, прашањето, дилемата, дали ќе бидеме меѓу тие нови членки на бината и ќе потпишуваме договор за пристапување или ќе бидеме во публика, ќе се радуваме, затоа што некои наши соседи ќе бидат во ЕУ.
Од внатрешно-политички актуелности во Македонија, дали внатрешниот раскол во владејачката Алијанса за Албанците се рефлектира и врз техничката влада? Дали може да се одрази врз раситнување на владејачкото мнозинство?
– Не очекуваме значително намалување на владејачкото мнозинство. Да не заборавиме дека ние сме веќе во технички мандат, во мандат на 100 дена пред изборите и со влада која има примарна задача да ги организира изборите. Видов дека премиерот Џафери предложил, измена на двајца министри, очекувам, Собранието да го расправа тоа и согласно ќе ја прифати таа иницијатива и оти ќе продолжи со работа техничката влада. Останува дилемата за секоја партија, за секој учесник во политичкиот процес, да одлучи на која страна ќе биде во оваа политичка битка. Тешко е да сакате да бидете дел од владата и од владејачката коалиција, а во исто време да тврдите дека сте во опозиција. Затоа сметам дека е добра прилика за секого, во наредните денови, пред почетокот на кампањата да се позиционира соодветно. Мислам дека ќе имаме интересна кампања која треба на граѓаните да им донесе нова вредност, но и стабилен курс на движење кон европските интеграции.
Глас на Америка: Неодамна за Гласот на Америка на македонски, портпарол на Стејт департментот, изјави дека САД силно ги поддржуваат напорите на Северна Македонија да бара одговорност од оние што ја злоупотребуваат довербата на јавноста за лична корист. Дали иницијативата да се санкционираат и дома, лицата и субјектите што се ставаат на црната листа на САД, ќе има опипливи резултати?
Маричиќ: Таа иницијатива веќе има опипливи резултатите. Сигурен сум дека по донесувањето на овој закон тие ќе добијат и институционална форма. САД и Северна Македонија заедно работат на борбата против корупцијата, и тоа ни е ѝ целта со овој закон за рестриктивни мерки – да оние укажувања од САД добијат институционална форма и кај нас, но со почитување на сите човекови права. Владата во последните месеци направи интензивен напор, и со овој закон и со полициската акција во Грчец и со случајот со Онкологија кои што го поддржуваат три четвртини од јавноста, да покаже на дело дека навистина има политика волја за борба против корупцијата и организираниот криминал. Исто така овој закон за рестриктивни мерки го бараат и граѓаните, во огромно мнозинство, и владата сака да покаже дека заедно со поддршка од граѓаните, е подготвена да го спроведе овој закон. Сите оние лица за коишто што нашиот стратешки партнер САД ни укажале и се ставени од некоја причина на „црната листа на САД“, ќе бидат разгледани од нашите институции без никакво прејудицирање за исходот на постапката.
(VOA)