Раководството на Русија го пофали американскиот документ. Промените направени во стратегијата на САД се „во голема мера во согласност“ со гледиштето на Русија, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул во петокот изјави: „Темелно ќе ја анализираме новата стратегија на САД во сите нејзини аспекти, досега не бевме во можност да го направиме тоа“

ЈЕНС ТУРНАУ
Генералниот секретар на НАТО ги предупреди земјите членки на Алијансата од заканата од Русија и повика на зголемени трошоци за одбрана – меѓу другото и како одговор на новата безбедносна стратегија на САД.
Генералниот секретар на НАТО во четвртокот (11 декември, 2025) всушност допатува во Берлин на настан на Минхенската безбедносна конференција со цел да претстави фундаментални размислувања за иднината на Алијансата. Тој зборуваше за улогата на европските држави, кои мора да преземат поголема одговорност бидејќи деценискиот главен гарант на воениот пакт, САД, стануваат сè понепредвидливи.
Новата Национална безбедносна стратегија на САД ја уплаши Европа, опишувајќи ја ЕУ како слаба и истрошена од миграцијата, а не како партнер на САД. За време на средбата со канцеларот Фридрих Мерц во неговиот кабинет, Руте се обиде да смирува и посочи дека во документот се наведува и оти САД остануваат посветени на Европа и европската безбедност, одноисно дека „САД држат до своите обврски спрема НАТО“. Но, дали е сега време за принципиелни преиспитувања? Поверојатно дека не е. Сега се клучни денови за судбината на Украина – дали САД, кои со децении беа силата што ја заштитува Европа, ќе ја остават Украина на цедило? И со неа и земјите-членки на ЕУ? Мерц рече дека „ништо веќе е како што некогаш било. Живееме во друг свет и други времиња. И тоа бара да се одговори различно отколку во минатото.
ЕВРОПА БАРА БЕЗБЕДНОСНИ ГАРАНЦИИ Различни времиња, различни одговори – тоа мометално е кризен менаџмент. Може ли Европа, можат ли европските членки на НАТО да ги ублажат најстрогите барања од американскиот план за мир во Украина? Мерц ги повторува точките што се важни за Европа, имено „прекин на огнот што конечно ќе стави крај на оваа ужасна војна во Украина по речиси четири години. Прекинот на огнот мора да биде обезбеден со цврсти правни и материјални гаранции.“ Тоа подразбира гаранции од НАТО, ЕУ, но и од САД. „Договорно решение мора да ги зема в предвид и европските безбедносни интереси. Тоа не смее да биде на сметка на ЕУ и НАТО“, додава Мерц.
ЗЕЛЕНСКИ ПОДГОТВЕН ЗА ИЗБОРИ ВО УКРАИНА Но, дали Мерц и Руте, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер може да го постигнат ова? Првобитниот план на САД со 28 точки за ставање крај на војната толку многу излегуваше во пресрет на интересите на агресорот, Русија, што дури имаше гласини дека текстот всушност е составен во Москва. Иако се чини дека таквиот план е ад акта, американскиот претседател Доналд Трамп бара од украинскиот претседател Володимир Зеленски брзо одржување избори како доказ дека е легитимен претседател. И тоа среде војна. Зеленски се согласува. А, и нема некој избор. Украина во меѓувреме им претстави свој план на САД.
СЛЕДНАТА СРЕДБА ВО БЕРЛИН СО СТАРМЕР И МАКРОН Уште во деновите пред средбата на Мерц и Руте во политичките кругови во Берлин кружеа контрадикторни информации околу тоа што ќе донесат следните неколку дена. Се шпекулира за средба во германската престолнина, на која следниот понеделник канцеларот ќе ги дочека Стармер и Макрон. Дали ќе има и претставниците од САД? Мерц вели дека сите инволвирани страни повторно ќе ги разгледаат плановите во текот на викендот. Се мисли на територијата во источна Украина што треба да ѝ биде отстапена на Русија за да се стави крај на војната. Ваквите територијални отстапки се неприфатливи за Украина, но се чини и речиси неизбежни.
Руте предупредува од натамошни напади од Русија
На настанот од Минхенската безбедносна конференција што се одржа во претставништвото во германската престолнина, Руте децидно предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин нема да остане на нападот врз Украина. „Ние сме следната цел на Русија. И веќе имаме претрпено штета“, наведе тој алудирајќи на европските партнери од НАТО.
Русија речиси секојдневно напаѓа инфраструктура на запад, ги дели општествата преку дезинформации и шири страв и терор преку напади со беспилотни летала. „Но, премногу луѓе кај нас сè уште не ја препознаваат итноста. Премногу луѓе си мислат дека времето работи за нас. Но, не е така“, порача генералниот секретар. Земјите-членки на НАТО одамна требало ментално да се стават во воена состојба, рече Руте и додаде дека треба енергично да работат на тоа да може самите да се одбранат. Во моментов постоело само едно лице кое може да го сопре Путин, а тоа е американскиот претседател Доналд Трамп. А, Европјаните прво ќе мора повторно да го придобијат, како што многу пати се обидуваат. Можниот успех ќе се покаже во следните неколку дена.
Во петокот, САД ја објавија својата нова безбедносна стратегија, во која упатуваат обвинувања против Европа, додека едвај се осврнуваат на Русија, која во моментов води агресорска војна против европска земја. Првичните реакции во Европа беа доста резервирани, но политичарите сега сè повеќе реагираат со остри зборови.
Експертот за надворешна политика на ЦДУ, Норберт Ретген, оцени дека новото позиционирање на американската надворешна политика претставува „втора пресвртница“. Првата пресвртница ја прогласи тогашниот канцелар Олаф Шолц во 2022 година по руската инвазија на Украина, најавувајќи масивно опремување на Бундесверот, германските вооружени сили. Во интервју за весниците на Редакциската мрежа Германија (RND), Ретген додаде дека за прв пат од крајот на Втората светска војна, САД повеќе не стојат на страната на Европејците. И САД повеќе не стојат на страната на Украина, против која се води брутална војна до уништување.

САД сакаат да „ѝ помогнат на Европа при корекцијата”
Националната безбедносна стратегија е документ што периодично го објавува американската влада. Таа ја опишува визијата за надворешна политика на претседателот и служи како еден вид водич за владините одлуки. Во својата нова безбедносна стратегија, САД, меѓу другото, се жалат на наводната загуба на демократијата и слободата на изразување во Европа и повикуваат на корекција. Понатаму, се наведува дека целта на САД мора да биде „да ѝ помогнат на Европа да го поправи својот сегашен курс“.
Ретген коментираше дека САД на овој начин го дефинираат мешањето во внатрешните работи на европските држави како цел на надворешната политика. „Целта е да се влијае на нашиот внатрешен устав според сегашните идеолошки насоки на движењето МАГА и, за таа цел, да се соработува со внатрешните непријатели на либералната демократија во Европа – во Германија, тоа е АфД”.
Кремљ: „Согласност во голема мера”
Лидерката на Партијата на зелените, Франциска Брантнер, за весниците на Медиумската група Функе изјави дека новиот американски документ, пред сè значи дека Европа веќе не може да си дозволи да губи повеќе време. Континентот сега мора да инвестира во сопствениот суверенитет. Експертот на ЦДУ за одбрана, Родерих Кизеветер, за Групацијата Функе, во која е вклучен и весникот „Хамбургер абендблат”, изјави дека под претседателот Доналд Трамп, САД повеќе не се партнер заснован на заеднички вредности, туку безмилосно ги следат своите економски интереси.
Поранешниот премиер на Латвија, Крисјанис Каринс, за Ројтерс изјави дека Русија сигурно е најсреќната земја со документот. Москва со години се обидува да го растури трансатлантскиот сојуз. „А сега се чини дека најголемиот фактор на нарушување во овој сојуз се самите САД, што е жално“.
Всушност, раководството на Русија го пофали американскиот документ. Промените направени во стратегијата на САД се „во голема мера во согласност“ со гледиштето на Русија, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, за рускиот државен телевизиски канал Русија. Иако американската влада го опишува завршувањето на војната во Украина како централен интерес во документот, тој речиси и да не содржи критики кон Русија.
ВАДЕФУЛ: НЕМАМЕ ПОТРЕБА ОД СОВЕТИ Во текот на викендот, повеќето европски шефови на држави и влади молчеа за документот. Многу влади внимаваат да не го антагонизираат озлогласено непредвидливиот американски претседател Доналд Трамп и да избегнат провоцирање реакции што би можеле да ѝ наштетат на Европа, на пример, во областите на економијата или безбедноста. Постојано се нагласуваше дека Европа е во голема мера зависна од САД.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул во петокот изјави: „Темелно ќе ја анализираме новата стратегија на САД во сите нејзини аспекти, досега не бевме во можност да го направиме тоа“. Во врска со обвинувањата за недостаток на слобода на изразување во Германија, тој рече дека не верува оти „некој треба да ни дава совет околу ова, тоа е регулирано со нашиот уставен поредок“. Во Германија, додаде тој, не постојат само државни гранки на власта – извршната, законодавната и судската – туку и, сосема правилно, слободни медиуми.




