Мрежа од 75 интернет страници од Македонија со лажни вести го пронашол ловецот на лажни вести Мартен Схенк. Во разговор за Радио Слободна Европа тој открива за што биле користени овие интернет страници и кој стоел зад нив. Според него, Русија не стои зад нив, но има корист од ширењето на лажните вести
Колку интернет страни откривте, кои шиеле лажни вести и кои се поврзани со луѓе од Македонија? – е прашање на РСЕ.
– Во оваа конкретна мрежа најдовме 75 интернет страници. Но, иако не сме ги изброиле, сум видел околу сто или повеќе интернет страни во изминатата година. Но, оваа мрежа имаше 75 интернет страни.
Како откривте кој стои зад тие интернет страни и зад профилите на социјалните медиуми кои ширеле лажни вести?
Најдовме неколку профили на Твитер кои објавуваа линкови до интернет страните кои шират лажни вести. Имавме среќа со еден профил, бидејќи еден од тие Твитер профили не беше регистриран неодамна како другите, туку всушност беше стар профил кој сега се користел за поинаква цел. Успеав да најдам стара верзија на профилот на Google Dashboard со друга слика на профилот на која имаше тетоважа, која ја најдовме на профилот на една личност на Google plus и потоа го најдовме неговото име.
Другиот начин кој го користевме е проверка на регистрацијата на интернет страните и проверуваме кои од нив се меѓу првите регистрирани. Некои од нив не беа регистрирани анонимно, туку со вистински имиња, телефонски броеви и електронска пошта. Потоа ги најдовме нивните профили на Фејсбук и забележавме дека објавуваа линкови од интернет страните кои ја сочинуваа мрежата. Тогаш знаевме дека сме ги пронашле луѓето кои ги регистрирале тие страни. Потоа во нивната листа на пријатели на Фејсбук забележавме дека некои од овие луѓе се пријатели и дека исто така се пријатели со лажните профили и проверивме кој од нив објавува линкови од интернет страните. Утврдивме дека некои од овие луѓе се вистински пријатели или имаат семејни врски. Некои од профилите беа лажни како Џони Смит, кој е наводно американски војник од Њу Џерси, но имаше само пријатели од Македонија и тоа очигледно беше лажен профил. Гледајќи ги врските меѓу овие профили видовме дека многу од лажните профили се пријатели со луѓето кои ги најдовме и затоа сме убедени дека сите овие луѓе имаат врска со ова.
Рековте дека имале и семејни врски и изградиле семеен бизнис. Дали стапивте во контакт со нив и дали оние кои имале семејни врски само ги ширеле лажните вести или работеле заедно?
– Ги прашавме. Но, не одговорија за тој дел. Некои од нив кажаа дека го правеле тоа порано, но не повеќе. Некои од нив ни спуштија слушалка, не одговорија на нашите прашања или не ни вратија на електронската пошта. Ние навистина не знаеме што точно бил договорот. Дали им плаќале? Дали им побарале услуга или се дел од тоа? Ние не знаеме, само знаеме дека нивните профили биле користени за да шират линкови. Тие не кажаа зошто го прават тоа, така да било кое објаснување е можно. Тие можеле и да го користа профилот на нивните сопруги и на тој начин да го направат тоа или можеле да го побараат како услуга или можеби им плаќале. Ние не знаеме може и да биле дел од бизнисот. Но, со сигурност знаеме дека биле инволвирани на некој начин.
Најстариот веб сајт кој го откривте датира од 2016 година. Дали дел од веб сајтовите кои ги откривте со вашиот софтвер ширеле лажни вести за изборите во САД и за што друго?
Да најмногу беа такви работи, но исто така и теории на заговор и антимуслимански, антимигрантски текстови и антиобама текстови. На пример еден од текстовите беше дека докторот на Мишел Обама тврди дека таа е маж што е популарна теорија на заговор во САД во некои кругови. Но, текстот кој тие го пренесуваат е од сатирична интернет страна и всушност беше шега.
Голем дел од нив повеќе не се активни. Колку точно?
Најмалку 45 од страните се затворени. Се’ уште има неколку интернет страни кои се активни. Но, ние мислиме дека овие интернет страни не биле всушност активни во минатото. Тие беа активни само неколку недели или неколку денови. Можеби немале успех, туку само експериментирале со нов изглед или можеби некој ја ископирал интернет страната да почне нешто ново или да проба нешто ново. Најголемиот дел од интернет страните кои се уште се онлајн можеби се и од нивни пријатели, кои исто така сакале да се обидат. Но, делат исти карактеристики со другите интернет страни кои беа затворени. Факт е дека веднаш кога нашата сторија беше објавена и пред да биде објавена во медиуми, но откако ги контактиравме луѓето за кои знаевме дека се дел од мрежата и им пративме електронска пошта, ги баравме телефонски, сите интернет страни беа затворени.
Според вашите сознанија Русија не стои зад оваа мрежа. Но, дали овие лажни вести всушност се во нејзина корист?
– Стратегијата на Русија, колку што јас ја разбирам е да се рашири сè што ќе предизвика раздор, поделби и политичка дебата. Она што сум го видел досега од извештаите на САД дека тие го зголемуваат постоечкиот наратив и стории. Ова е содржина кои тие најверојатно би сакале да ја рашират. Видовме во еден од извештаите на САД дека некои од руските профили ширеле скриншот од други интернет страни. Некои од тие страни беа како овие за кои зборуваме. Копираат и постираат антимуслимански и антимигрантски текстови. Не мислиме дека Русија стои зад оваа мрежа. Сметаме дека овие момчиња или помалку се аматери кои тоа го правеле тоа за пари. Но, секако тоа е содржина која Русија би сакала да се шири. Но, да потенцирам, не сме нашле докази дека тие стојат зад тоа.
Дали го продавате вашиот софтвер и дали ова е профитабилен бизнис?
– Да софтверот „Trendolizer“ е за продажба за медиумски агенции, маркетинг агенции и проверувачи на факти. Се работи за израмнување на сметките и не правам голем профит од тоа. Но, очигледно е има поголема побарувачка за вакви решенија, бидејќи проблемот со лажни вести стана попознат во јавноста. Ќе биде користен односно има интерес од проверувачи на факти од ЕУ за време на изборите со цел да се набљудува што се кажува на темата и што се шири, бидејќи, има толку многу лажни вести кои не добиваат внимание, но проверувачите на факти треба да се сконцентрираат на тие текстови кои добиваат голем ангажман, многу лајкови и споделувања. Со тие најпрвин треба да се бават. Она што мојот софтвер го прави, ви кажува во вистинско време кои се тие текстови, за да може да одговорите на тие кои се од најголемо значење.
Во Македонија има и регуларни интернет страни кои меѓу другото шират и лажни вести. Како може да се бориме со овој тренд?
– Советот кој јас би ви го дал е да продолжите да ги откривате и со докази побивајте го тоа што тие го пишуваат, а не е точно и обидувајте се да го правите тоа што побрзо. Значи што побрзо откако тие ќе објават излезете со вистината и уверете се дека и вашиот текст може лесно да се најде кога луѓето ќе ги пребаруваат клучните зборови за текстот.
Нњкои текстови во медиумите покажаа дека т.н. кумановската мрежа за лажни вести била многу посилна од велешката за време на американските избори во 2016 година. Според експертите, лажните вести вообичаено се дел од модерната хибридна војна, но при тоа мора да има директна политичка врска, а не само профит.
Велешаните кои правеа лажни вести за време на кампањата за претседателските избори во САД во 2016 година се тинејџерска работа во однос на кумановската мрежа што ја откриле белгискиот ловец на лажни вести Мартен Схенк и холандскиот сајт Њузкечерс. Велешаните воопшто не биле во центарот на создавањето на лажни вести во корист на тогашниот кандидат, а сега претседател Доналд Трамп, туку екипата на професионалниот војник на АРМ Слаѓан Цаго Бојковски. Белгиецот го исконтактирал Бојковски пред да го објави истражувањето. Тој прво негирал, но потоа рекол дека „сите во Македонија тоа го прават“. Бојковски не одговорил на прашањата што му ги испрати Радио Слободна Европа.
Лажните вести се во фокусот на истражувањата во светот последните две години, бидејќи како што велат аналитичарите, тие во голема мера влијаат на јавното мислење, на креирањето политики и се дел од модерната хибридна војна меѓу Западот и Русија.
Дали мрежата на Бојковски е создадена со цел само за заработка или има и политика во позадина, нема одговор. Белгиецот кој ја откри мрежата вели оти не верува дека Русија стои зад сето ова, но дека ја искористила ситуацијата во своја полза. Но, како и да е, како што велат експертите, лажните вести ги оствариле и двете цели – и политика и профит.
„Вакви дејности главно се реализираат преку компјутерски ботови, но и директно од човечки фактор. Кога во вакви дејства се вклучени индивидуи не може да се занемарат и нивните бизнис интереси. Но, без конкретни докази не можеме ништо да тврдиме. Во секој случај лажните вести имаат силно влијание врз креирањето на јавното мислење, особено кога секојдневно сме во допир со нив, а при тоа, како што покажа нашето најново истражување, многу млади не се доволно медиумски писмени и немаат алатки за рано препознавање лажни вести“, вели Илија Џугуманов од Евро-атлантскиот совет на Македонија.
Експертите велат дека лажните вести можат да бидат дел од модерната хибридна војна која последните години Русија ја води против Западот, бидејќи авторите на лажните вести можеби ги прават заради профит, но некој друг ги користи за политички цели. Џугуманов вели дека мора да постои директна врска.
„Пласирањето дезинформации секако е дел од хибридна војна ако тој што ги креира и пласира е во директна врска со руските интереси. Но за тоа требаат цврсти докази. Можеби тоа ќе се провери ако има истрага“, вели Џугуманов.
Истражувањата на белгискиот ловец на лажни вести Схенк откриваат дека мрежата на Бојковски години на назад прави лажни вести на интернет. Почнале со еротски содржини, но тоа не носело профит па се свртеле кон стории против муслиманите, теории на заговор и педофилија, а се во полза на Доналд Трамп, објаснува Схенк. Со една лажна вест заработувале околу сто евра дневно.
Македонската мрежа е откриена со помош на софтверот на горенаведениот Схенк наречен „Trendolizer“, кој открива кои вести станале вирални, за потоа да ја провери нивната вистинитост преку неговиот вебсајт „Leadstories“.
Деталната проверка покажала дека војникот од Куманово, како што вели Схенк, создал цела мрежа од сајтови за лажни вести, лажни профили на Фејсбук и другите социјалните мрежи, ширејќи ги лажните вести до милиони луѓе, најмногу во САД.
Според Схенк, македонската мрежа била и семеен бизнис. Со Бојковски работела и неговата сопруга, Наташа, но и негови пријатели од Куманово. Белгиецот открил десетици профили кои ги споделувале истите лажни вести на интернет во исто време – Џесика, Ема, Моли, Џони и повеќето од нив се сега веќе суспендирани. Суспендирани се и вебсајтовите на кои се објавувале лажните вести, како тапаинфо.ком или твртинфо.ком. Фотографиите употребени на профилите биле најчесто од балкански ѕвезди како Станија Доброевиќ или Викторија Лоба.
Слаѓан Бојковски на Твитер го користел својот прекар „Цаго“, со локација во Чикаго, и објавувал „микс на лажни и автентични вести“ објаснува Схенк. Овој налог во меѓувреме е суспендиран од Твитер.
Кумановските пријатели на Цаго имале вебсајт наречен unisharenews.com, чии линкови се објавувале на Фејсбук страници во поддршка на Доналд Трамп. Во истражувањето на Схенк стои и дека дел од оваа мрежа бил и еден македонски полициски инспектор, кој на Белгиецот му рекол дека повеќе не работи за полицијата.
Схенк истакнува дека најголем дел од овој бизнис бил префрлен на Твитер, бидејќи Фејсбук го суспендирал. Таму Схенк успеал да разоткрие 450 лажни женски Твитер налози со десетици илјади следачи, по што и од таму следела суспензија.
2019 ќе биде година на дезинформациска војна, предупредуваат аналитичарите, освен ако владите успеат да се справат со дезинформациската криза која главно доаѓа од т.н. руска фабрика за тролови, ако граѓаните научат да пепознаваат лажни вести, а медиумите место „кликови“ да почнат да ловат факти.
Ако мислите дека политичкиот земјотрес од лажни вести завршил со американските избори и со Брегзит – се лажете. Не заврши ниту со „Жолтите елеци“, ниту со Договорот за името на Македонија. Војната се разгорува и со лажни вести, руски ботови и манипулации, 2019-та ќе биде година на дезинформациска војна, анализира британскиот експерт за интернет и политика и извршен директор на тинк-тенк организацијата „Веб рут демокраци“, Арик Чоудари.
Според неговата анализа, изминативе години, ботовите, продавачите на лажни вести и психографските аналитичари „си ги научиле грешките и допрва политиката и дигиталната моќ ќе се судрат во совршена бура“. Според него, главниот избор на дезинформациите во 2018 година била т.н. фабрика за тролови на Кремљ, односно руската Агенција за интернет истражување (ИРА).
„Тоа ќе биде значајна година во дезинформациската војна. Токму сега, другата страна изгледа посилно, поискусно, поспособно. Во меѓувреме, ние сме безгрижни, несигурни дали сме подложни на напад и што дури и го означува овој феномен“, пишува Чодари во неговата анализа објавена на интернет страницата на младинската тинк-тенк организација „Веб рут демокраси“, која работи на унапредување на демократските вредности.
Со него се сложуваат и аналитичарите од британскиот Центар за истражување на социјалните медиуми „Демос“, според чие последно истражување, од почетокот на Брегзит, само на социјалната мрежа Твитер биле регистрирани над девет милиони објави од речиси 3.500 сега веќе блокирани профили, односно сметки, кои биле поврзани со фабриката за тролови на Кремљ. Од таму велат дека интернет медиумите се покажале како слаба точка
„Непријателските актери ги идентификуваа интернет вестите и интернет медиумите како слаба точка во нашите демократии и ги искористија како прозорец за своите цели“, вели Алекс Красодомски Џоунс, истражувач во лондонскиот центар „Демос“.
Не само интернет медиумите, туку и нивната публика се покажала како слаба точка во целиот тој систем, велат аналитичарите, па читателите лесно биле „измамувани“ да поверуваат во лажните вести. Тие, како што за РСЕ вели Илија Џугуманов од Евро-атлантскиот институт на Македонија, секојдневно се соочуваат со разни вести, но медиумската писменост не им е доволно развиена на сите.
„Лажните вести имаат големо влијание врз креирањето на јавното мислење. Луѓето секојдневно се среќаваат со голем број информации за кои најчесто или немаат селекција или немаат подлабока анализа дали тие вести се поткрепени со факти. Според последното наше истражување како организација, заедно со Глобсек, а ако дел од проектот насловен ‘Борба против дезинформациите во централна и источна Европа’, младите се свесни дека секојдневно се соочуваат со вести кои во позадина немаат никаква издржаност, никакви факти, но сепак нивната медиумска неписменост и немањето алатки прават младите да не можат да бидат имуни на вакви модерни трендови“, објаснува Џугуманов за Радио Слободна Европа.
Дали владите ќе успеат да се справат со дезинформациската криза, дали ќе победат агентите на раздорот, како што аналитичарот Чоудари ги нарекува креаторите и нарачателите на лажните вести, или пак ќе победат објективното известување и вистината е прашањето кое си го поставуваат голем број аналитичари, политиколози и медиуми.
„Медиумите мора да престанат да собираат кликови од какви било вести заради профит, туку да се посветат на вистинитоста. Владите треба да земат пример од тоа како Силиконската долина се справува со последиците од несаканите дејства. Граѓаните треба да станат критични аналитичари на информациите, да се сомневаат повеќе и да веруваат помалку. Ова е сè уште малцинска дебата и малцинска борба, ограничена на мали ехо комори на интернет и неколку членови во парламентарните комори. Затоа во оваа година да влеземе со поголема решителност и да одиме подалеку од оваа фаза, градејќи силни штитови со кои можеме да се се бориме“, вели Чоудари.
која била злоупотребена за ширење дезинформации за геополитички цели.