БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Со маските можеме само да го заштитиме здравјето, и- животите. Ништо повеќе од тоа. А тоа никогаш не и е доволно на оваа партија, која на животот гледа филозофски, некако магливо и со скепса.
Една интересна фотографија ги распара очите деновиве. Министерот за здравство, Венко Филипче, на фејсбук објави слика, на која вели дека претставува состанок на ВМРО-ДПМНЕ, на кој се бара одговорност од власта за коронавирусот.
Иронијата која тој сака да ја подвлече е дека на прикажаната партиска средба, само неколкумина носат маски, што не е воопшто сериозен грев за кој треба дополнително да се дебатира, ќе се сложиме сите заедно.
Затоа што, со маските можеме само да го заштитиме здравјето, и- животите. Ништо повеќе од тоа. А тоа никогаш не и е доволно на оваа партија, која на животот гледа филозофски, некако магливо и со скепса. А што е навистина животот, има ли суштина, зошто сме тука, кои сме ние, се прашуваат тие плачливо, со тегоба во градите. Им се корне душата кога ќе помислат низ се што морала оваа партија да помине- криминали, корупција, истраги, затвори, бегства, ендеци, Груевски, Мијалков, зарем е малку, пресреќно плескаат што сепак се спасија.
А зошто сето тоа кога парите не се спасот, ниту пак теророт со кој владееја, зошто кога маскирани и пропаднати, мораат да се влечкаат по судови, да се кријат од страв во други земји, зошто сето тоа, кога крајот и онака еднаш доаѓа.
Замислени и упропастени од тоа сознание, потпрени на Белата палата, загледани во далечината, упатени со погледот накај Космосот, каде и навистина не може многу да се види и дознае. Се изгледа како голема црна дупка, која може да не голтне, заклучуваат, оттука, не вреди ниту овој петпарачки живот.
Маските никогаш нема да не заштитат од смртта, а таа секако некогаш ќе дојде, можеби е тука, не демне, беспредметно е тоа бегство, филозофираат тие, вртејќи страници записи од локалните бајачи и видовњаци, кои ја запоседнале Партијата.
Маските, се држат за стомаците тие, за да не прснат од смеење, за почеток, не штитат од нечовечноста, кога ќе се истури неверојатно количество на лошотија и сето зло врз починат млад човек, кој бил партиски член на СДСМ, како во случајот со младиот лекар кој трагично почина.
ВМРО не ни помисли да ги осуди ваквите опасни и ужасни коментари, ниту пак, најважното, да упати сочувство за семејството, еден човечки, топол збор, никогаш чуен и сосема непознат на овие простори, полни со проклетија, од која се стресуваат историските читанки.
Маските само во еден случај му помогнаа на ВМРО- тогаш кога се распукнуваа главите на 27 април, на сите пратеници кои не беа од нивните редови. И, каков апсурд, маскираните напаѓачи и насилници таа ноќ, само ја потцртаа важноста од славењето на хероите на оваа партија, кои до ден денес, се чувари единствено на крајот, никогаш на животот.