Претпоставуваат дека Трамп ќе продолжи да се пенави додека реалноста не ја покаже неоснованоста на неговото сфаќање на економијата. Но, изгледа дека нешто пропуштиле: опседнатоста на Трамп со царините е само дел од глобалниот економски план кој е сосема солиден – иако ризичен

ЈАНИС ВАРУФАКИС
Соочени со економските потези на претседателот Трамп, критичарите од центарот на политичкиот спектар главно се двоумат помеѓу препуштање на очај и трогателна вера дека неговото царинско лудило наскоро ќе стивне самото од себе. Претпоставуваат дека Трамп ќе продолжи да се пенави додека реалноста не ја покаже неоснованоста на неговото сфаќање на економијата. Но, изгледа дека нешто пропуштиле: опседнатоста на Трамп со царините е само дел од глобалниот економски план кој е сосема солиден – иако ризичен.
Нивното размислување се заснова на погрешна претстава за тоа како капиталот, стоките и парите се движат низ светот. Како винопроизводител што се опива од сопственото вино, центристите ѝ поверуваа на сопствената пропаганда: дека живееме во свет на конкурентни пазари, во кој парите се неутрални, а цените автоматски ја усогласуваат понудата и побарувачката. Несофистицираниот Трамп всушност е многу пософистициран од нив, бидејќи сфаќа дека суровата економска моќ, а не маргиналната продуктивност, одредува кој што може да си дозволи – како на домашната, така и на меѓународната сцена.
Иако обидите да се проникне во умот на Трамп наликуваат на гледање во бездна, треба да се разбере како размислува тој за трите клучни прашања: зошто верува дека остатокот од светот ја експлоатира Америка? Каква е неговата визија за новиот меѓународен поредок во кој Америка повторно ќе биде „голема“? Како планира тоа да го оствари? Одговорите на овие прашања водат до основана критика на економскиот мастерплан на Трамп.
Зошто претседателот верува дека Америка лошо поминала во договорите со остатокот од светот? Неговата примарна забелешка е дека странците ја користат надмоќта на доларот – кој на американската администрација и владејачката класа им дава огромна моќ – на начин што води кон неминовен пад на САД. Значи, она што повеќето го сметаат за голема американска привилегија, тој го гледа како голем товар.
Трамп со децении се жали на затворањето на американските фабрики: „Ако немате челик, немате ни држава.“ Но, зошто за тоа ја обвинува глобалната улога на доларот? Бидејќи странските централни банки не дозволуваат вредноста на доларот да падне на „вистинското“ ниво, на кое би се опоравил американскиот извоз, а увозот би бил ограничен, вели Трамп. Тоа не значи дека странските централни банки се здружиле во заговор против Америка. Едноставно, доларот е единствената сигурна меѓународна резервна валута што им е достапна. Сосема е природно што европските и азиските централни банки ги акумулираат доларите што пристигнуваат во Европа и Азија кога Америка ја купува нивната стока. Со одбивањето да ги заменат залихите на долари за сопствената валута, Европската централна банка, Банката на Јапонија, Народната банка на Кина и Банката на Англија ја намалуваат побарувачката за сопствените валути (и со тоа нивната вредност). Благодарение на тоа, извозниците од нивните земји можат да продадат повеќе стока во Америка и да заработат уште повеќе долари. Во маѓепсаниот круг, доларите се акумулираат во трезорите на странските централни банки, кои ги користат за купување на американскиот државен долг и така остваруваат приход.

Во тоа е проблемот. Трамп верува дека Америка увезуба премногу зашто се однесува премногу чесно, како да е должна да им обезбеди доларски резерви на странците. Накратко, производството во САД е во опаѓање зашто Америка е добриот Самарјанин: нејзините работници и средната класа страдаат за остатокот од светот да може да се развива на сметка на Америка.
Но, американската исклучителност почива токму на хегемонскиот статус на доларот, што Трамп добро го знае и го цени. Инвестирањето на странските централни банки во американски обврзници ѝ овозможи на американската администрација да одржува буџетски дефицит и да ја финансира огромната војска што би ја банкротирала секоја друга држава. Како темел на меѓународниот платен систем, хегемонскиот долар му овозможува на претседателот денешен еквивалент на дипломатијата со топови: може да казни кој било поединец или држава во светот.
И покрај тоа, според Трамп, тоа не е доволна компензација за страдањето на американските производители, кои не можат да им конкурираат на странците чии централни банки ја злоупотребуваат „услугата“ (доларските резерви) што Америка им ја дава бесплатно, со што ја зголемуваат преценетоста на американската валута. Трамп верува дека Америка се поткопува самата себеси поради својот геополитички примат и акумулирањето на туѓите профити. Доларите што доаѓаат однадвор им користат на Волстрит и на трговците со недвижности, но ѝ штетат на работничката класа во централниот дел на Америка, која произведува „машки“ добра, како што се челикот и автомобилите – добра неопходни за опстанокот на нацијата.
Негова ноќна мора е минливоста на американската хегемонија. Уште во 1988-та година, кога Лери Кинг и Опра Винфри му помагаа да ја промовира книгата Уметноста на договорот, често се жалеше: „Ние сме нација во долгови. Нешто мора да се случи во наредните неколку години, бидејќи не можеме засекогаш да правиме минус од 200 милијарди долари годишно.“ Сега е уште поубеден дека се приближува катастрофален пресврт: Додека американското производство се намалува во однос на остатокот од светот, глобалната побарувачка за долари расте побрзо од американските приходи. Затоа вредноста на доларот мора да расте уште побрзо за да го одржи чекорот со потребите на светот. Тоа не може да трае засекогаш.
Кога американскиот дефицит ќе надмине одредена граница, странците ќе испаничат. Ќе ги продадат средствата деноминирани во долари и ќе најдат некоја друга валута. Американците ќе се најдат среде глобален хаос, со уништен производствен сектор, застарени финансиски пазари и несолвентна администрација. Поради ова сценарио, Трамп верува дека неговата мисија е спасување на Америка и воспоставување нов меѓународен поредок. И токму тоа е суштината на неговиот план: во 2025-та година да предизвика силен глобален шок што ќе ги поништи последиците од укинувањето на системот од Бретон Вудс во 1971-та година од страна на Никсон, со што започна ерата на финансиската доминација.
Централното место во новиот глобален поредок треба да го заземе поевтин долар, кој истовремено ќе го задржи статусот на светска резервна валута – со што дополнително ќе се намалат каматните стапки за долгорочно задолжување на Америка. Може ли Трамп да го добие и јарето (хегемониската позиција на доларот и ниските приходи на американските државни обврзници) и парите (девалвиран долар)? Тој знае дека пазарите тоа нема да го прифатат доброволно. Тоа можат да го направат само странските централни банки. Но, за да го сторат тоа, прво треба доволно да се исплашат за да преземат нешто. Тука на сцена стапуваат царините.
Тоа е она што не го разбираат неговите критичари. Тие погрешно мислат дека Трамп верува дека царините се доволни за намалување на американскиот трговски дефицит. Трамп знае дека тоа нема да се случи. Царините се корисни како средство за шокирање на странските централни банки и принудување да ги намалат домашните каматни стапки, што ќе ги ослабне еврото, јенот и јуанот во однос на доларот. На тој начин ќе се неутрализира растот на цените на царинетите производи увезени во САД, па цените што ги плаќаат американските потрошувачи ќе останат непроменети. Трошоците на царините на Трамп практично ќе ги сносат земјите против кои тие се воведени.
Но царините се само првата фаза од неговиот економски мастерплан. Откако ќе ги наметне високите царини како нова нормалност, додека странскиот капитал продолжува да се акумулира во Америка, Трамп може да чека вистински момент додека неговите пријатели и непријатели во Европа и Азија го молат да прифати преговори. Тогаш започнува втората фаза: големите преговори.
За разлика од неговите претходници, од Картер до Бајден, Трамп не сака мултилатерални самити и преговори со многу учесници. Тој повеќе сака да преговара еден на еден. Неговиот идеален свет може да се замисли како тркало од велосипед со жици, каде што ниту една поединечна жица не влијае на вртењето на тркалото. Врз основа на таквиот светоглед, Трамп е уверен дека може успешно да се справи со секоја земја поединечно. Со царините од една страна и заканите за повлекување на американскиот безбедносен штит (или дури и негово насочување против соговорникот) од друга, Трамп планира да ги принуди повеќето земји на послушност.
Тие треба да се согласат значително да ја зголемат вредноста на сопствените валути без да ги ликвидираат долгорочните доларски вложувања. Тој бара не само сите да ги намалат домашните каматни стапки, туку и да прифатат некои посебни барања. Од азиските земји што во моментов акумулираат најмногу долари ќе бара дел од краткорочните доларски вложувања да ги заменат со сопствената валута (и така да ја зголемат нејзината вредност). Еврозоната е релативно сиромашна со долари и внатрешно поделена, што ја зајакнува преговарачката позиција на Трамп, па тој може да бара три нешта: да се согласат на замена на долгорочните обврзници со ултра-долгорочни или дури трајни обврзници, да дозволат германските производители да се преселат во Америка и, секако, да купуваат повеќе оружје произведено во САД.
Замислете ја насмевката на Трамп додека ја замислува втората фаза од неговиот мастерплан. Секогаш кога некоја странска влада ќе ги прифати неговите барања, тој запишува уште една победа. А ако некоја непослушна држава го одбие, царините ќе останат на сила, генерирајќи постојан прилив на долари со кои тој може да располага како што сака (бидејќи Конгресот ги контролира само фискалните приходи). Кога втората фаза од планот ќе биде завршена, светот ќе остане поделен на два табори: оној што е заштитен со американскиот безбедносен штит, но по цена на поскапување на сопствената валута, губење на производствените капацитети и присилна купопродажба на американскиот извоз, вклучувајќи оружје, и оној што стратешки можеби ќе биде поблизок до Кина и Русија, но ќе остане поврзан со Америка преку намалена трговија, која ќе му носи редовни приходи од царините на Трамп.
Неговата визија за посакуваниот меѓународен економски поредок се разликува од мојата, но тоа не значи дека треба да се потценат неговата цврстина и целисходност – како што прават повеќето центристи. Како и секој добро осмислен план, и овој може лесно да заврши со неуспех. Можно е падот на вредноста на доларот да не биде доволен за да се неутрализира растот на цените што ќе ги плаќаат американските потрошувачи поради воведените царини. Или продажбата на доларите може да биде преголема за да се одржат приносите од долгорочните американски обврзници на доволно ниско нивo. Покрај овие ризици кои можат да се менаџираат, неговиот мастерплан ќе треба да го издржи тестот и на две политички прашања.
Првата политичка закана доаѓа однатре. Ако трговскиот дефицит почне да се намалува, странските приватни инвестиции ќе престанат да се слеваат на Волстрит. Трамп ќе мора да избере помеѓу финансискиот елитен слој и работничката класа што го доведе на власт. Вториот ризик е реакцијата на другите земји. Ако сите ги третира одделно, може да ги натера да создадат нов заеднички блок. Можеби ќе формираат нов Бретон Вудс предводен од Кина, каде што јуанот ќе ја преземе улогата што некогаш ја имаше доларот. Тоа може да биде најголемото наследство на Трамповиот план , а воедно и негова најголема казна.