Во СДСМ се прашуваат зошто ВМРО-ДПМНЕ молчи дали Алказар има одобрение за градба?

На овој начин ВМРО-ДПМНЕ само потврдува дека доаѓаат матни времиња во енергетскиот сектор. Договорања зад затворени врати со лични, приватни интереси на поединви од врвот на власта.
Денес, јавноста не знае ништо за инвестициите кои во енергетиката ги најавува ВМРО-ДПМНЕ и наводно тежат над 1.5 милијарда евра.
Клучните прашања се без одговор, граѓаните ништо не знаат.
Ако навистина станува збор за проекти од јавен интерес, зошто бегаат од одговорите? Нека излезат и нека кажат:
Кој е бенефитот за граѓаните?
Ќе биде ли струјата поевтина за граѓаните од берзанската?
Кој ќе ја гарантира цената ако повторно, како во енергетската криза, скокне над 500 евра за мегават-час?
Нема одговори затоа што очигледно за жал во позадина се кријат лични бизнис интереси. Фактите говорат дека ЕСМ во 2024 година произведе помалку, околу 3.600 GWh, а оваа година бројките се уште полоши.

Казанџи, според најавите на Мицкоски, ќе произведува 4.100 GWh, а Алказар – над 1.200 GWh. Со други зборови, државната ЕСМ ќе го изгуби приматот како најголем производител во земјава. Тоа ли е интересот на граѓаните?
Кој ќе ја гарантира евтината струја за домаќинствата, која сега ја обезбедува ЕСМ? Очигледно е – од овие нетранспарентни договори бенефит ќе имаат само блиски до власта, не и граѓаните. Нема ниту еден аргумент како овие проекти ќе го подобрат животниот стандард или ќе донесат развој за државата.
Го повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да излезе пред јавноста со конкретни бројки и детална пресметка:
– Колкав е јавниот интерес? Кој е финансискиот ефект за граѓаните и буџетот од овој проект?
И повторно бараме, велат во СДСМ:
Јавно објавување на дозволата за градба за „Алказар енерџи“, на чиј „почеток на градба“ присуствуваше премиерот Мицкоски. Ако ја има.
Ги повикуваме надлежните институции по допрен глас, да го истражат овој случај.
Не треба да има скриени зделки за сметка на граѓаните – се заклучува..
Паралелно на ова Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и австралиската компанија „Пела глобал лимитед“, од Перт, почнаа бизнис-соработка преку фирма што заеднички ја основаа.
Како што е објавено на Централниот регистар, дејноста на фирмата „Константин енерџи“ е производство на енергија од обновливи извори.
Според податоците од регистарот, фирмата е основана со паричен влог од 5.000 евра.
Директор е Aвстралиецот со македонско потекло, Николче Јовановски. Тој е еден од директорите на „Пела глобал лимитед“, фирма која работи на проекти за рударство и обновлива енергија низ Југоисточна Европа.
Во кратката биографија за Јовановски пишува дека течно говори македонски, член е на дијаспората и клучен за успехот на „Пела глобал лимитед“ како нејзин основач и извршен директор уште од нејзиното основање.
На страницата на „Пела глобал лимитед“ стои дека стратегија на оваа компанија ѝ се: унапредувањето и развојот на проектот за рестартирање на рудникот за кристалот антимон, во Крстов Дол, кај Крива Паланка и проектот за пронаоѓање злато кај кривопаланечко Луке.
Ова не е прв влез на МПЦ-ОА во енергетскиот сектор.
Во 2020 година МПЦ-ОА заедно со три физички лица и друштвото „Мелничко-пекарска индустрија Жито Караорман“, ја основаа хидроцентралата „Драгов дол“ од Кичево.
Две години подоцна, во 2022, МПЦ-ОА влезе како содружник во фирмата „Тринити солар“, која исто така е регистрирана за производство на струја.
Покрај бизнисот со струја, најголемата верска заедница во Макеоднија, заедно со „Мега фешн“ ја основаа фирмата „Обновители“, со која ги градат новите згради спроти хотелот „Холидеј ин“ во Скопје.
Базата на БИРН „Верски имоти под лупа“, покрај регистрираниот верски имот, откри дека МПЦ-ОА, освен храмови и манастири, поседува и завидна бројка станови, деловни простории, обработливи површини и туристички капацитети. Некои од нив ѝ носат заработувачка од закуп.