Овој левичарски филозоф деновиве гостуваше во Скопје на фестивалот за критичка култура „Крик“ и одржа предавање на тема „Помеѓу политиките на задолжување и подемот на неофашизмот“. Според Лазарато, неолибералните политики ја зголемуваат социјалната нееднаквост меѓу луѓето
Демократијата исчезнува поради уривањето на системите од внатре, а иднината на Европа многу зависи од изборите во 2019 година, вели за Телма, Маурицио Лазарато, социолог-марксист и филозоф , кој предава на универзитетот Сорбона во Парис. Тој деновиве гостуваше во Скопје на фестивалот за критичка култура „Крик“ и одржа предавање на тема „Помеѓу политиките на задолжување и подемот на неофашизмот“. Според Лазарато, неолибералните политики ја зголемуваат социјалната нееднаквост меѓу луѓето.
Тв Телма : Според констелацијата на односи во светски рамки, до што сме поблиску, до нова светска војна или до нова револуција ?
Демократијата исчезнува. Зошто? Бидејќи, како што може да се види во многу политички системи, како во Европа, така и во САД и во Латинска Америка, тие системи се уриваат одвнатре. Сигурно е дека демократијата исчезнува, но што доаѓа на нејзино место? Гледаме појава на некои нови форми , авторитарни форми, неофашистички форми и она што е важно е дека следниве години се многу важни за нас. Посебно за ЕУ. Многу ќе зависи од изборите во Европа, што ќе се одржат во 2019, вели Маурицио Лазарато.
Тв Телма: Одржавте предавање „ Помеѓу политиките на задолжување и подемот на неофашизмот“. Па, која е врската меѓу едното и другото ?
Всушност, подемот на овој нов фашизам е поврзан со кризата од 2007 година. Секако дека неофашизамот постоеше и порано. Меѓутоа, повеќе се нагласува од почетокот на финансиската криза, која всушност претставува и должничка криза. И токму таму се наоѓа проблемот. Значи ние се наоѓаме во една криза, во која што економијата не успева да даде легитимитет на функционирањето на општеството. Имаме потреба како општество од нови поделби, пред се расни поделби, вели Лазарато.
Тв Телма : А, зошто левицата и социјалдемократите не се доволно активни за да ја сменат оваа слика, во светски рамки ?
Социјалдемократијата денес нема политички простор. Таа порано го имаше, поради тоа што во 20 век, еден од условите што овозможуваше таа да постои, беа токму револуциите. Имено, револуцијата во Советскиот сојуз, појавата на комунизмот, други важни битки што се водеа на европско тло и сето тоа е многу поврзано со социјалдемократијата. Но, таа без револуции кои што отвораат пат за реформи, не може да постои. Бидејќи ако немате притисок врз капиталот, тоа не е можно. Денес немаме такви револуции и токму поради тоа социјалдемократијата исчезнува.