Сместена бев во хостел на кампусот на ЦЕРН. Средствата што ги добивав од ЦЕРН беа доволни за обезбедување сместување и основни трошоци во текот на престојот, вели Маја Шаревска од скопскиот Машински факултет
Четврта година е на Машинскиот факултет во Скопје, има просек 10 и не преполагла ниту еден испит досега. Летово го помина во Европската организација за нуклеарно истражување (ЦЕРН) и работеше на истражувачки проект во лабораториите на светската организација. Маја Шаревска е една од големите надежи на науката во Македонија. Завршила во средното училиште „Никола Карев“ во родното Скопје, а продолжила да студира на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на насоката термичко инженерство. Вели дека предметите ги учи со љубов и посветеност, а оценките се резултат на тоа.
Што Ве предизвика да се запишете на Машинскиот факултет во Скопје?
– Уште од основно и средно училиште омилени предмети ми беа математика и природни науки. Континуираното и посветено учење на предметите доведоа до одлуката да продолжам да учам и да работам во STEM (Science Technology Engineering and Mathematics) областите. Студирањето на Машинскиот факултет претставува предизвик за стекнување знаења кои можат да отворат многу можности за понатамошно професионално усовршување.
Од кога постои интересот за механиката? Дали уште како дете Ве интересирало тоа?
– Да, во парк додека чекав ред за лулашките го пресметував периодот на осцилирање на лулашката. На часовите по физика во средно омилени ми беа темите од термодинамика и механика на флуиди. Оттаму дојде и изборот на факултет и конкретно насоката термичко инженерство.
Колку се пресудни познавањата и владеењето на природните науки и математика за да се биде успешен студент на Машински?
– Природните науки и математиката се неопходна основа за успешно студирање на Машински факултет. Изучувањето на природните науки и математиката ги развива аналитичките способности и креативното размислување.
Ја почнавте четвртата година, со досегашен просек 10. Што е потребно за еден студент да го има највисокиот просек?
– Проблемите што ги изучуваме на факултет се интересен предизвик и те поттикнуваат да продолжиш да размислуваш на нив и откако ќе заврши испитот. Новата материја ја учам тргнувајќи од претходни знаења и таа ме предизвикува за понатамошни истражувања. Предметите ги учам со љубов и посветеност. Оценките се резултат на тоа. Никогаш немам преполагано испит.
Како активен студент, кон што се насочени Вашите потесни интереси?
– Мојот примарен интерес е развојот на нови енергетски ефикасни технологии во областа на термичкото инженерство.
Летово два месеца поминавте во Европската организација за нуклеарно истражување (ЦЕРН). Како дојде до оваа соработка?
– Секоја година ЦЕРН организира летна студиска програма за студенти од цел свет од областа на математика, физика и инженерство. Аплицирав на конкурсот објавен од ЦЕРН за 2019. Во изборот на кандидатите најголемо влијание имаат мотивациското писмо, успехот во студиите и препораките.
Раскажете ни за Вашето искуство таму? Каде бевте сместени, што работевте/во што бевте вклучени, со какви впечатоци се вративте?
– Програмата вклучува следење на предавања од истакнати научници од ЦЕРН и од професори од познати универзитетски центри од Европа, Русија и САД, и работа на истражувачки проект во лабораториите на ЦЕРН. Јас бев дел од тимот на ISOLDE, каде што работев на Биофизичка вакуум-комора во која се врши имплантација на јони во мраз од вода во услови на длабок вакуум (притисок 1÷5×10-3Pa) и ниска температура (од 83K до 170 K). Почетните истражувачки аспекти на проектот опфаќаа дефинирање на карактеристиките на јонското зрачење (масата и атомскиот број на јоните, енергијата, јачина на струјата, насоката под која јоните паѓаат врз површината на мразот, дефинирање на површината во која се имплантираат јоните, до која длабочина на мразот пенетрираат итн). При удар, јоните ја предаваат енергијата на молекулите вода и предизвикуваат ерозија на површината на мразот. Од површината на мразот се губат молекули на вода поради директниот пренос на моментум од јоните на молекулите вода или кога енергијата на јоните е доволно висока, молекулот на вода се дели на молекул на водород и молекул на кислород. Врз основа на претходни истражувања и емпириски релации се оценува бројот на молекули вода ослободени од површината на мразот.
Во рамките на проектот дизајнирав систем од капиларна цевка преку која се доведува водена пареа во комората. Водената пареа десублимира на површината на мразот и се надоместува за количеството изгубено при ерозија. Фазните промени на водата (сублимација – десублимација) на ниски притисоци и ниски температури се предмет на истражување во многу научни дисциплини, вклучително во термодинамиката на ниски температури, планетарната наука и астрофизиката. Посебно интересен истражувачки аспект беше струењето во капиларната цевка. Во неа густината на гасот е многу мала и тој не може да се третира како континум. Струењето во капиларната цевка го решавав како молекуларно струење. Посебен проблем беше загревањето на примерокот мраз. Го пресметував порастот на температурата на површината на мразот кој се случува кога јоните ја предаваат својата енергија на молекулите вода. Анализиран беше сложениот пренос на топлина од ѕидовите на комората кон површината на мразот со топлинска радијација, како и преносот на топлина со спроведување од држачот на мразот преку бакарна прачка до резервоар со течен азот на температура 77 K. Добиената топлина мора да се спроведе и да не се дозволи температурата на мразот да се покачи над температурата на која мразот сублимира. Пресметката на температурата на сублимација во зависност од работниот притисок во комората беше уште еден истражувачки аспект од мојот проект. Резултатите од моите истражувања во рамките на проектот ќе бидат искористени за модифицирање на постојната експериментална Биофизичка вакуум-комора со цел постигнување стационарни работни услови.
Работното време го поминував во лабораториите на ISOLDE и библиотеката на ЦЕРН. Организирани беа посети на најпознатите експериментални центри во ЦЕРН: ATLAS, CMS, ALICE, LHCb, Antimatter Factory итн. Ние, студентите, организиравме дружења во ресторанот на ЦЕРН по работното време, а преку викендите прошетки низ Женева и други туристички места во регионот: Гренобл, Берн, Лозана, Монтро, Шамони, Мон Блан, Анеси и други. Сместена бев во хостел на кампусот на ЦЕРН. Средствата што ги добивав од ЦЕРН беа доволни за обезбедување сместување и основни трошоци во текот на престојот.
Како ова искуство ќе го примените во понатамошните студии?
– Истражувањата во ЦЕРН, како и културата на иновација и непрекинато учење, се инспирација за личен и професионален развој. Особено значајно искуство е можноста да се работи на експерименти и да се научи како се интерпретираат резултатите од експериментите.
Голема е веројатноста да дипломирате со највисок просек. Што планирате понатаму?
– Сакам да продолжам да учам и да работам на истражувањата во областа на енергетиката, особено во областа на енергетската ефикасност, новите и обновливи извори на енергија, новите енергетски системи, постројки и машини со висока енергетска ефикасност, како и на суперсонични летала и CFD симулации на квантни компјутери.
(fakulteti.mk)