Затворањето на фестивалот беше доверено на наградуваната претстава „Мајка Храброст и нејзините деца“ од Бертолд Брехт, во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Новосадско позориште, Србија. 50 јубилејно издание на Млад отворен театар (МОТ) се одржа од 19 до 25 ноември, а публиката имаше можност да проследи внимателно селектирани претстави, концерти и изложба. Под насловот „Нашите во светот“, фестивалот ја истакна интернационалната видливост на македонската театарска мисла и вредноста на уметниците кои создаваат надвор од границите на државата, но носат јасен печат на македонската уметничка школа.

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА
Претставата „Мајка Храброст и нејзините деца“ на Новосадско позориште, во режија на Дејан Пројковски, ја затвори јубилејната 50. фестивалска вечер на МОТ со исклучително силен одек кај скопската публика. Беше тоа завршница која не повика на аплауз, туку на молчење – она тешко, густо молчење што останува по претстава која ја отвора душата и ја потсетува на нашата длабоко растресена човечност.
Пројковски, веќе добро познат по своите големи сценски композиции и поетски прегледи на човечкото страдање (Ана Каренина, која минатата година гостуваше на МОТ и др.), овојпат нѐ поставува директно во срцевината на Брехтовиот антивоен механизам – свет на постојана крв, глад, суровост и бесконечна историја што ги меле животите како да се ништо повеќе од ситници на божествена бирократија.
ЕФЕКТОТ НА ОТУЃУВАЊЕ ОВДЕ НЕ Е ТЕХНИКА ТУКУ РАНА На сцената владее постојана напнатост помеѓу документарното и поетското. Пројковски не ѝ дозволува на публиката да се „катарзира“ преку солзи. Наместо тоа, како што би рекол и самиот Бертолт Брехт, ни дава спектакл што те спречува да се загрееш во сопствената емоција, па наместо да плачеш – мислиш.
Емина Елор, во улогата на Ана Фирлинг – Мајка Храброст, носи импресивна, болна и цврста толкувачка линија. Нејзиниот лик, кој ја минува сцената уште додека публиката се сместува, стои на розови балетански врвки – суптилна и убиствена метафора: женската нежност поставена над грубоста на војната. Балетот како отпор, жената како последен бастион на животот.
Овој визуелен парадокс ја следи низ целата претстава. Нежноста станува оружје. Грациозноста станува протест. А телото станува сведоштво за цената на преживувањето.
ВОЈНАТА КАКО МАШИНА Кореографијата на Олга Панго им дава на битките една страшна, ладна прецизност. Овде војната не е хаос: таа е фабрика. Ритам, повторување, тркала што се вртат. Пушки што се подигаат со синхрона логика на бесчувствителна индустриска лента.
Кога Мајка Храброст ја влече својата кола низ сцената, тие кола не е се само реквизит, туку и симбол на бесмислената упорност, на човечката потреба да го продолжи животот и покрај апсурдот што го голта.
Театарот на Пројковски изобилува со силни симболи, јазик на иронија, но и јазик на болка. Тој е слоевит и визуелно моќен. Секој симбол не само што е прецизно изграден, туку е и директно насочен кон гледачот, кој во ниту еден момент не смее да остане пасивен.
Младите актери, Даниел Тот, Чаба Бенце Кемиве и Дина Дедовиќ Томиќ, ја носат тежината на идејата за „детето во војна“ не како конкретен лик, туку како универзална категорија. Во нивните сенки се наоѓа секое дете чиј живот е прекинат, секоја иднина што не се случила.
И затоа, во последните сцени, претставата го добива својот краен тон: трагичен, пророчки и болен.
ПУБЛИКА ШТО ЈА СЛУШАШЕ ТИШИНАТА Публиката ја прифати претставата со силни реакции, но уште поважно – со таа длабока, концентрирана тишина што е знак дека претставата допрела. Пројковски успеа да го врати Брехт во неговата најстрога, најпотребна форма: како уметност против заборавот.
„Мајка Храброст“ во контекст на МОТ е една неопходна претстава. Затворањето на јубилејното издание на МОТ со ова дело беше добар избор што ѝ даде достоинство на програмата, успеа да допре до публиката и да ја запечати пораката се додека деца страдаат во војна, нема мир ниту на сцената, ниту во животот.

ПРИЗНАЕН РЕЖИСЕР ДОМА И ВО СТРАНСТВО Режисерот Дејан Пројковски е со меѓународна кариера, чиј опус се движи од класични текстови како „Ричард Трети“ и „Ана Каренина“, до современи поетики и политички набој. Поставувал во Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, Велешкиот театар, а деновиве се одржа и премиера на неговата најнова претстава „Црнила“ во Прилепскиот театар. Тој поставувал и на голем број регионални и европски сцени. Неговите претстави често го добиваат истото признание: силни, визуелно длабоки и човечки точни.
Со ова враќање на МОТ, Пројковски на некој начин го заокружува кругот – од македонската сцена, преку Европа, назад до фестивалот што секогаш бил отворен за смели режии.
„СЛУГИНКИТЕ“ И „КУЧЕНЦЕТО СЕ ЗАСМЕА“ Публиката имаше можност да ги види и „Слугинките“ на Агнес Нокшиќи, претстава што го спојува текстот и танцот низ 15 сцени, создавајќи кореографско-драмско дело кое функционира како театарско огледало. Преку сложените односи на моќ, љубов и омраза, слугинките, госпоѓата и господинот се огледуваат во динамиката на контрола и манипулација, додека публиката се соочува со сопствените емоции и реакции. Претставата ја истражува тенката линија помеѓу сериозноста и апсурдот, отворајќи простор за продлабочена перформативна изразност, претерување и игра со енергиите. Со ова, режисерката Нокшиќи овозможува секој гледач да се препознае себеси, да се преиспита или да се оддвојува од она што го гледа, создавајќи активен дијалог помеѓу сцена и аудиториум.
„Кученцето се засмеа“ (Спам Студиос, Бугарија) е моќна монодрама заснована на романот на Џон Фанте. Во режија на Ана Батева, актерот Севар Иванов создава интензивна и емотивна сцена која ја носи публиката низ психолошкиот свет на Артуро Бандини – лик кој е живописен пример за деградирачката моќ на его-то и нарцизмот, одделувајќи го човекот од реалноста и од сонот за признание. Изведбата е на бугарски јазик, со превод на некои делови, а музиката и сценскиот дизајн, поткрепени од Стефан Здравески и Христо Христов, создаваат интимна и провокативна атмосфера. Претставата е доказ за тоа како едноставен актерски пристап и моќна режисерска визија можат да го носат целиот наратив, предизвикувајќи размислување и емоционална инволвираност кај публиката.
Јубилејниот МОТ 2025 го потврди својот статус како место за креативност, интернационална размена и истражување на современите сценски форми. Фестивалот ја истакна вредноста на македонските автори кои, со своите дела, ја инспирираат домашната публика и создаваат континуитет на уметничката традиција и современите сценски експерименти.




