Ако војната заврши според условите на Русија, што е сосема веројатно, тогаш Трамп едноставно ја забрзува капитулацијата на Украина. Ова не е исто што и воспоставување мир, вели за ДВ шведскиот политиколог Мајкл Сулман. Соговорникот е инаку поранешен директор на Нобеловиот комитет

РОМАН ГОНЧАРЕНКО
ДВ: Договорот за заедничко ископување во Украина не беше потпишан, а САД ја прекинаа воената помош за Украина. Дали САД ја предадоа Украина?
Мајкл Сулман: Во оваа фаза, да, се разбира. Тоа е сосема јасно. Не само тоа, туку целиот наратив на Вашингтон се совпаѓа со наративот на Кремљ. Ова е промена во светот што ќе биде многу важен пресврт во историјата.
ДВ: Дали ова значи дека Доналд Трамп е подготвен целосно да ги исполни желбите на Москва?
Сулман: Не знам, но сè укажува на тоа. Кремљ нема да му даде се’ што му треба на Трамп – т.е. прекин на огнот. Ова е спротивно на интересите на Москва. Трамп нема да ја добие таа брза дипломатска победа што ја вети. Тешко е да се замисли дека Путин ќе се откаже од својата позиција сега кога ќе види како се развиваат работите. На крајот на краиштата, тој претходно беше во офанзива во Украина. Дури и да се обнови испораките со оружје, ситуацијата во Украина е многу тешка, сепак, има еден позитивен ефект. Однесувањето на Трамп е толку апсурдно, толку надреално, што дури ги натера Европејците да почнат да размислуваат и да дејствуваат.
Во ЕУ, процесот на поддршка на Украина отсекогаш бил бавен, особено поради акциите на Унгарија, санкциите беа воведени бавно. Но, сега оние кои сакаат да и помогнат на Украина се обединети во неформална група земји во кои Унгарија нема ни најмало влијание. И тоа е секако позитивно. Степенот до кој ова може да го пополни недостигот што ќе се појави во Украина поради политиката на Трамп е непознат. Празнините ќе бидат во разузнавањето, иако има навестувања за способности од Британците и другите Европејци.
ДВ: Што мислите, какви се шансите за завршување на војната оваа година?
Сулман: Во моментов, со исклучок на некои непредвидени случувања во Кремљ, не гледам како оваа војна би можела да заврши оваа година. Путин ќе ја продолжи воената кампања и прашање е до кога Украина ќе може да издржи.
Но, се поставува прашањето: дали САД ќе продолжат да им продаваат оружје на Европејците доколку сакаат да ја вооружат или помогнат Украина со тоа? Европа нема доволно сопствен производствен капацитет. Не е јасно дали Трамп ќе забрани таков договор, кој е во корист на американскиот воено-индустриски комплекс – најверојатно не. Ако се дознае дека Трамп забранил договор што бил корисен за локална фабрика, тоа може да влијае на неговиот имиџ и поддршка.
ДВ: Колку е веројатно Европа да испрати свои војници во Украина?
Сулман: Не можам да кажам што ќе се случи, но во основа целата оваа дискусија се базира на хипотезата дека ќе има прекин на огнот. И, второ, дека Путин и Лавров би се согласиле да прифатат некои војници на НАТО долж линијата на разграничување – на што тие веќе се спротивставија. Односно, во овој случај имаме работа со многу хипотези.
ДВ: Експертите велат дека поразот на Украина во оваа војна ќе биде пораз и за Западот. Дали се согласувате? Што би значело ова за Европа?
Сулман: Да, се согласувам. Ова би значело дека Чембрлен го победил Черчил. И тоа ќе значи дека процесот што сега некако почнува (превооружувањето на Европа) ќе продолжи, ќе се интензивира и ќе чини огромни суми пари. Меѓу другото, тоа значи и зајакнување на источното крило. Тогаш веќе нема да биде доволно да има шестотини шведски војници во Летонија или германска бригада во Литванија.
ДВ: Се зголеми ли ризикот од војна меѓу Русија и НАТО во последните недели и денови?
Сулман: Не знам до кој степен Путин е подготвен за уште луди авантури. Но, ако погледнете добро – членот 5 на НАТО е доведен во прашање. Уште порано имаше изјави на Трамп за време на изборната кампања дека нема да ги заштитиме оние кои не ги исполнуваат обврските кон НАТО, а Русите ќе можат да прават што сакаат.
ДВ: Шведска неодамна стана членка на НАТО. И Украина го сака тоа, но Трамп јасно стави до знаење дека тоа засега може да се заборави. Можна ли е нова алијанса, паралелна со НАТО и ЕУ, која би ја вклучила и Украина?
Сулман: Не можам да кажам со сигурност, но, од една страна, да, групата северни земји е 100 отсто на страната на Украина и агитира за дополнителна поддршка. Но, тешко ми е да замислам како овие земји плус Полска би создале некаков вид алтернативна оперативна воена сила. Од друга страна, постојат многу различни опции. Во Шведска, неколку години пред да влеземе во НАТО, склучивме договор со Велика Британија со кој беа опфатени скандинавските земји плус Холандија. Во тоа време, ова беше алтернатива за влез во НАТО.
ДВ: Добро ја познавате Русија, живеевте таму. На почетокот на масовната руска инвазија на Украина, многу луѓе во Европа се прашуваа што сака Путин. Како би одговорил на ова прашање сега?
Сулман: Мислам дека тој сето тоа го изложи прилично јасно во тој неславен есеј во летото 2021 година, во кој тврдеше дека Украина не постои како држава или нација. Во неговите планови нема Украинци, сето тоа е Руси. Тој јасно ги изразува своите цели да ги обнови, повторно да ги собере поранешните руски земји.
ДВ: Во интервју за Дојче веле тврдевте дека ова е војна на Путин, а не на рускиот народ. Дали би го кажале истото сега?
Сулман: Би рекол дека е исто како во Втората светска војна – војната во Германија беше во голема мера војна на Хитлер. Да се потсетиме на тој состанок на рускиот Совет за безбедност кога Путин водеше еден вид испит, ги испрашуваше сите свои подредени – беше јасно дека се изненадени, и дека тоа е неговиот план. Вистина е дека сега релативно мнозинство луѓе го поддржуваат. Но, тоа е секогаш случај. Во Франција, мнозинството од луѓето беа за продолжување на војната во Алжир, дури и кога помудриот Де Гол склучи мировен договор со Алжир. И во САД, наспроти сите протести, мнозинството беше за продолжување на војната во Виетнам. Но, ова е само психосоциологија – луѓето не се доволно информирани.
ДВ: Може ли нешто да го спречи Путин сега?
Сулман: Можно е ако Трамп наиде на „ѕид“ на неподготвеноста на Русија да направи отстапки. Самиот рече дека тогаш ќе свири друга музика. Но, од друга страна, Трамп веќе отиде толку далеку во својата подготвеност да оди заедно со Кремљ. Не можам да судам – гледаме како постојано ги менува позициите. Не сум првиот што кажува дека ова е случај за психијатрија.
ДВ: Претседателот Трамп вели или навестува дека би сакал да ја добие Нобеловата награда за мир. Бевте директор на Нобеловата фондација. Дали воопшто има шанса, макар и теоретски, ако војната заврши?
Сулман: Прво, никогаш не сум учествувал во Нобеловиот комитет за мир, кој е со седиште во Осло. Тие работат целосно независно од фондацијата на која раководев. Но, тоа ми изгледа малку веројатно. Луѓето можат да го номинираат Трамп, тоа е таен процес, но мислам дека тој има мали шанси да ја добие Нобеловата награда за мир.
ДВ: Зошто е тоа така? Што точно би го спречило тоа? Да замислиме дека војната завршува по некое време.
Сулман: Ајде да видиме како ќе заврши. Ако е според условите на Москва, што сега изгледа сосема веројатно, тоа значи дека Трамп едноставно ја забрзува капитулацијата на Украина. Ова не е исто што и воспоставување мир.