Од перспектива на бизнисот, историја на преговори, ако на двете страни има некакво незадоволство, вообичано тоа значи дека тоа е најдобриот договор што можел да се добие. Се прашувам, ако повторно го отвориме прашањето, дури и на ниво на сомнеж, дали е мудро да се прави тоа?- го изјави ова Зафировски во интервју за „360 степени“
Мајк Зафировски, еден од најпроминентните претставници на македонската дијаспора, пред сè познат како врвен извршен директор во некои од најголемите американски и мултинационални корпорации, за „360 степени“ зборува и за едно од најчувствителните прашања во поновата историја на земјата – Договорот од Преспа
„Ако на двете страни има некакво незадоволство, вообичаeно тоа значи дека тоа е најдобриот договор што можел да се добие. Се прашувам, ако повторно го отвориме прашањето, дури и на ниво на сомнеж, дали е мудро да се прави тоа“, вели Зафировски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, кој деновиве беше во Скопје, каде што присуствуваше на Самитот на „Македонија2025“, организација во чие создавање неговиот личен влог се смета за клучен
360°: Следното прашање само се наметнува во овој период. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во заклетвата не го користеше уставото име, реши да каже само Македонија. Тоа предизивика бура од реакции, не само од Грција, туку и од ЕУ. Следуваа критики и укажувања од Грција и од ЕУ дека меѓународните договори се обврзувачки и дека треба да се почитуваат. Го слушнавме и Христијан Мицкоски кој го повтори истиот став дека усното користење на терминот „Македонија“ не е прекршување на Договорот од Преспа. Што мислите вие на оваа тема?
– Сигурен сум дека тоа што ќе го кажам ќе предизвика гнев кај некои луѓе. Ако му зборувам на македонскиот народ, ќе гледам во камерата. Мислам дека сум Македонец патриот, ја љубам оваа земја, ја љубам иднината за неа. Но, можеби оваа перспектива е премногу практична, двајцата премиери што го потпишаа Договорот од Преспа, ги загубија следните избори. Голем дел од причината беше договорот за името. Кога грчкиот премиер и Заев повеќе не беа на власт, имаше многу незадоволство на двете страни. Од перспектива на бизнисот, историја на преговори, ако на двете страни има некакво незадоволство, вообичано тоа значи дека тоа е најдобриот договор што можел да се добие. Се прашувам, ако повторно го отвориме прашањето, дури и на ниво на сомнеж, дали е мудро да се прави тоа?
360°: Значи, мислите дека не ѝ е од полза на Северна Македонија?
– Ние ја нарекуваме Македонија приватно и на други места, но ако имате договор… Повторно, ако имате 11 или 12 големи прашања, дали ви требаат дополнителни одвраќања од вниманието? Уште една перспектива, без да навлегувам во историјата, ручав со претседателот Иванов пред десет години. Му поставив прашање – ме интересира, љубопитен сум за преговорите за името, колку од вашето време трошите на грчкото прашање? Ми рече 90%. Пак го прашав – вие или и премиерот и персоналот. Мислев ќе рече, само јас. Ми рече и премиерот и персоналот. Ми рече, сите ние. Во практична смисла, можеби сум премногу далеку од Македонија, кога ги имате сите овие предизвици, ако трошите 90% од времето, не велам дека е неважно прашање, колку ви останува за да ги решавате другите проблеми? Тоа што го велам е дека, имајќи ги предвид сите предизвици, би се обидел да најдам начин да го оставам тоа прашање настрана и да гледам напред. Ако сакате да промените, мислам би било многу тешко да постигнете нешто подобро отколку тоа од пред неколку години. Повторно, ова е лично мислење, не на „Македонија2025“. Јас сум патриот, навистина сакам да се намали „одливот на мозоци“, да се крене земјата на следното ниво. Бирајте ги битките во кои можете да победите.
Обучувањето на менаџери од земјава на „Келог“ школата за бизнис во САД, една од петте најпрестижни во светот, со финансиска поддршка од „Македонија2025“, ги надминува сите очекувања – вели бизнисменот со успеси на глобално ниво, кој сака да го помага економскиот и демократскиот развој на земјата од која во 1969 година емигрирал во САД
Програмата на „Македонија2025“ за обука на стоте најдобри сегашни и идни менаџери од државава на „Келог“ школата за бизнис во САД дава одлични резултати – вели Мајк Зафировски, соосновач и член на бордот на директори на „Македонија2025“, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1
„Ги надмина сите очекувања. Ако одите во ‘Келог’ програмата за развој на лидери, ние праќаме наши луѓе, велам наши зашто себеси се сметам за дел македонската култура, тие ќе ви кажат дека македонските кандидати, а носиме пет или шест, врвни лидери од САД, Канада, Бразил, Јужна Африка, Кореја, нивното ниво на комуникациски вештини, однос, инспиративно размислување, се на врвот“,
вели Мајк Зафировски.
Тој го посочува примерот на менаџерот Милош Радуловиќ од „Алкалоид“, кој рекол дека не бил свесен колку работите не ги разбирал додека не отишол таму.
„Таму се некои од најдобрите светски умови во маркетинг, вештачка интелигенција, лидерство, ланец на снабдување… Живко Мукаетов од ’Алкалоид’ прати пет луѓе. Прво, мислевме еден или двајца по компанија, а сега не може да дочека да прати повеќе“, вели менаџерот со светско реноме.
Може ли да замислите ако 75 од нив станат извршни директори во земја со помалку од два милиона луѓе – вели Зафировски.
Притоа, од околу 50 илјади долари, колку што чини тринеделната школа по човек, околу 15% го плаќа компанијата или кандидатот, а остатокот го покрива „Македонија2025“. Лани организацијата организирала гала-донаторски прием на кој биле собрани 1,1 милион долари токму за оваа намена.
– Тоа се моите пријатели. Кен Грифин, косновач на ’Цитадела’, еден од најголемите хеџ-фондови во светот. Крис Галвин, поранешен директор во ’Моторола’. ’Боинг’, многу компании инвестираа.
360°: Значи, не само Македонци?
– Не, повеќето не се. Видете, тие прво ја гледаат мојата страст и ќе објаснам без да се срамам. Силна, независна, демократска Македонија е добро за регионот, добро е за САД, добро е за светот. И да се вратам на распределбата на богатството, има толку многу пари на располагање. Луѓето бараат добри причини за да инвестираат. Тоа е една од можностите, да се биде филантроп, да се даде колку што е потребно. И возбуден сум што гледам дека во бордот, кој имаше членови само од дијаспората, сега има шест луѓе од Македонија, следниот претседател на бордот е Виктор Мизо, директор од Македонија. Значи, не станува збор за луѓе само од надвор, туку ова навистина е група на посветени, реализирани Македонци кои ја ставаат земјата пред личниот интерес. Ни треба многу повеќе таков однос за да ѝ помогнеме на земјата да оди напред.