Режисерот Љубомир Стефанов повторува: „Медена земја“ – аларм за прекумерното искористување на природните ресурси
ЈАНЕ БОЈАЏИЕВСКИ
Атиџе, со мудра порака: „Задржи половина од медот за себе, а другата половина остави им ја на пчелите”
Филмот „Медена земја“ освои награда за најдобра кинематографија на Меѓународните документарни награди, најпрестижниот светски настан посветен на овој жанр во Лос Анџелес. Документарецот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов се закити и со наградата „Паре Лоренц“ за „пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина. Повод, за кус разговор со режисерот Љубомир Стефанов во Лос Анџелес.
Со режисерот Стефанов се сретнавме на маргините на Меѓународните документарни награди на Булеварот Холивуд. За Гласот на Америка, вели – по официјалната премиера во САД на „Медена земја“ во јули, сфатиле дека е почеток на кампањата за Оскар.
На идеите треба да им се даде шанса, но важен е и ризикот.
„Ризик е да се нафатиш и потрошиш четири години за нешто што не си сигурен што ќе излезе“, коментира Љубо.
Филмот не за пчели, дециден е Стефанов .
„Денеска ние се соочуваме со еколошки проблеми како никогаш досега – климатски промени, губењето на биодиверзитетот, загадување на воздухот. Проблемот што го адресира филмот е прекумерното искористување на природните ресурси“, заклучува македонскиот режисер.
За порака од документарецот до човештвото, денес, Стефанов вели:
„Основната порака е земи пола, остави пола. Земи колку што ти треба, но внимавај да имаш и за утре“, вели тој.
Глас на Америка: Колку си задоволен од партнерите во Америка? Колку „Медена Земја“ е блиску до Оскар?
Стефанов: „Па, не знам колку сме блиску еве сега сме на Холивуд булевар“, на шега, вели Стефанов.
„Медена земја“ e македонски кандидат за Оскар во категоријата за најдобар странски филм. Номинациите за Оскарите ќе бидат објавени на 13 јануари, а доделувањето на наградите, е на 9 февруари.
На официјална веб страница honeyland.earth, има и добротворна кампања за поддршка на ликовите. Со секоја нарачана тегла мед на Атиџе, се донираат средства за подобрување на условите за живот за неа, но и за децата што се појавуваат во филмот.