Суштината на говорот на шефицата не бриселската администрација во Скопје не беше молба да влеземе во возот за Унијата, туку само едноставно објаснување дека билетот треба сами да си го купиме и за тоа одлучуваат тукашните граѓани преку своите политичари: нема никаков притисок ама нема ниту никаква молба, освен желбата да си размислиме можеби за последен пат за опцијата за иднината. И толку. Директивите за медиумите од Палата Павел беа како во времето на Павел Шатев: Европа е ваква или онаква ама ние не се даваме. Нема да влеземе во возот а вие во Брисел мислете му ја без нас!
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во палатата „Христо Татарчев“ очевидно и очекувано добро се подготвувале за пречекот на шефицата на Унијата – Урсула фон дер Лајен. Стравот тешко може да се сокрие во ДПМНЕ, бидејќи, секоја посета на странец од Европа буди некакви примордијални отпори во врвот на партијата, особено кога се очекува дека е можно нарушување на нивното наводно единство. Впрочем, свежо е сеќавањето кога, пред менувањето на Уставот после Преспанскиот договор, тоа единство и тоа во присуство на поголемиот мајстор за нотарски заверки (Груевски) се растури со осуммина пратеници-дисиденти и тоа ден-два пред гласањето! Тоа е незаборавна ситуација која црвено-црните ги претвора во дувачи во матеница…
Добро, Мицковски може да смета на медиумите, речиси сто отсто и се обидува со нивна помош да го разводни виното во кое може да има кукута во форма на неочекувана политичка понуда на Урсула фон дер Лајен. Според изјавата, објавена на малите екрани во неделата, на 29 октомври, неговото его сметаше дека можеби тоа ќе биде безусловен прием (!) во Унијата за Македонија како услов да гледа благонаклонето кон посетата на шефицата на Унијата. Што мислите: Дали било каков политичар на било која точка од Стариот континент, било кога воопшто би помислил, а камоли изговорил такво нешто? Секако – не, и истата ограда во таа реченица значи поставување на бодликав тел меѓу него и Унијата и сѐ што би значело било каков контакт со Брисел.
Суета на која сега треба да ѝ робуваат сите негови сопартијци, но и стотина интелектуалци кои во понеделникот станаа дел од хорот кој наизменично, од сите можни ТВ студија велеа дека Македонецот треба да си остане со „националната гордост“ во рацете, како да држи кокиче среде некаква зимска пустелија, додека ладните ветришта на злата вековна судбина полека го завејуваат во заборавот. Какви сѐ не метании направија нашите телевизиски уредници по повод ова негово „не“ на Европа!? Како само лесно ја девалвираа иднината на ова општество за да задоволат нечија повредена суета заради прескокот што го доживува на отворена сцена која секако значи минијатуризирање на неговото значење како политичар во било какви интернационални рамки.
Но што во ова ситуација значеше најстрога директива упатена од Палата „Христо Татарчев“ до нашите студија?
Игнорирање на посетата
Најпрвин, никако да не се покажува посебен респект кон гостинката и нејзините пораки. Ако можев да забележам, немаше директен пренос од пресот во Владата со гостинката и домаќинот Ковачевски, со исклучок на емисијата Студио 10 на 24 вести. Зошто? Изнесеното на пресот не смее да донесе изненадување што не е предвидено. Излагањето/излагањата мора најпрвин да минат низ партиско сито и решето, па потоа да се даде изнесеното во некоја форма на селектирано „четиво“ за плебсот.
Дури и ТВ 24, кој вршеше пренос од тој настан, се исклучи во еден момент кога еден колега од, претпоставувам, некоја албанска редакција излезе целосно од контекстот на пресот со прашање што немаше врска со посетата. Дали тука со оваа несмасност на тој новинар, конференцијата навистина заврши, остана нејасно. На другите македонски ТВ канали (и тоа оние со национална фреквенција) си течеа „редовни активности“. МТВ, на пример, ги даваше цртаните филмови од серијата Ш
умфови.
Како беше претставена посетата во пладневните вести? На пример, на Канал 5 си ја испорачаа дословно директивата. Не само што извештајот во спомената ТВ куќа го започнаа со кус ама ефективен коментар (упатство за читање на пораките на гостинката) пред самиот извештај од пресот, туку сето чуено го надградија редакциски, со коментар на Ѓорѓи Филипов (одличен и сликовит!), но го затруја со коментар од идеологот на Татарчев по меѓународни прашања – Ристо Никовски, чии аргументации не се секогаш јасни и видливи, ама затоа секогаш се впечатливи неговите гримаси.
Плус, да нема забуни, направена е анкета на плоштадот, под споменикот на Воинот на коњ, вистина, не сосема под опашката на Букефал, со граѓани кои сите од ред (беа четворица мислам) беа против прифаќањето на предлогот на Фон дер Лајен, кој и не е чуен од нивна страна, секако, ама е дел од нивното „во принцип“ определување да не мислиме многу на влез во ЕУ. Според нив, едноставно, НЕ ТРЕБА ДА ВЛЕЗЕМЕ.
Како ги нашле токму таквите „мислители“? Па за анкетата да биде поубедлива, изјавите беа поделени на два дела (парчиња), па ако сте малку невнимателни може да помислите дека се тоа изјаснувања на осуммина сограѓани. Зошто да се бараат токму осуммина, може да не се погодат, па се оди на формулата „два во еден“.
Дајте „адекватни“ гости!
Директивата од „Христо Татарчев“ секако оди кон тоа како гости-коментатори да се донесуваат врвните апологети на ДПМНЕ во ТВ студијата. Во главните вести на Сител го донесоа ексминистерот за надворешни работи Никола Димитров, чиј став можете, нели, да го погодите за оваа посета и пред до неа да дојде. Просто е срамно – и за мене, признавам – колку сме го респектирале младиот Димитров како битно поинаков од неговите родители во однос на политичките ставови и погледи, ама испадна дека тој е само типичен опортунист кој во мигот само ја прифаќа улогата која изгледа како политички курентна. А кога таа веќе нема да биде никаква, по него, добитна комбинација, ексминистерот се враќа во семејниот табор!
Многу е индикативна иницијалната поставеност на водителот на Сител, Иван Кузмановски, кој го пречека Димитров со сентенцата дека лично имал „измешани чувства“ во однос на тоа каде како земја се движиме, ама дека народот смета само со 12,5 отсто (!) дека сме на вистинска насока! Зошто избрал таква анкета од многубројните и различните по резултат?
Сервираната топка како констатација, Димитров очекувано веднаш ја прифати со волеј и врати со констатацијата дека „народот е секогаш во право“! Ај што му ја украл „поговорката“ на експремиерот Црвенковски, по која тој стана познат – обајцата и онака се сега на ист колосек – ама колку лицемерно заборавил колку анкетите не му дуваа во грб кога се водеа преговорите со Грците околу Договорот во Преспа?! Па овој акт го изработија политичарите кои тогаш беа на функција, а не простото лобирање по ловоровите венци на популизмот! Што велеа тогаш анкетите ексминистре? Ви даваа ли било каков поттик? Тогаш веројатно вие би искористиле друга политичка формула за објаснување на смислата на преговорите – за одговорноста на политичката елита во однос на обичниот народ…
Каде сѐ може еден човек да се лизне, си размислувам, кога ги гледам актуелните амбиции на овој некогашен политичар.
Добар „асортиман“ во понудата на ТВ 24
Во најава на вечерната ТВ трибина, одговорната уредничка Додевска, гледам, го најави Кржаловски како гостин на гореспомената тема. Нема промашување и него го знаеме како дише. Како противтежа, го најави претседателот на поранешната партија Демокрација е ре – Имер Селмани. (Овој политичар беше најавуван во текот на денот како „претседателскиот кандидат“ што внесува забуни, бидејќи, во тек е профилирањето на кандидати за оваа функција). Се вели, нели, поранешен претседателски кандидат. Ама нејсе – тој е поканет за да добиеме некакво „бело кафе“, еден црно, вториот друго, ама сето тоа млако и без дефиниран вкус.
Вечерта, сепак, видовме корекција. Ситуацијата која не е „соло“ во разговор пред камерите, која е секако најповолна, не треба да биде „1:1“, па на страната на опозицијата дојде на помош и Марјан Ѓорчев со својот познат став, ама во прифатливата варијанта „2:1“ или „што е сигурно, сигурно е“. Уредничката може мирно да оди на спиење, нема да биде укорена, иако самата дискусија покажа дека Имер Селмани како последен во вртењето кругови по прашањата секогаш ги матираше останатите.
Не вреди да се дискутира во детали: ниту Ѓорчев, ниту Кржаловски, не можеа да одговорат на наједноставните, а најбитни прашања за моментот: Што добиваме со фактот дека нема да ја прифатиме понудата на гостинката и излеземе од кругот на можните апликанти за Унијата? Кој е планот Б?
Тоа е едноставно да се постави, нели, ама видовме дека за одговорот обајцата се мачат како неспремен ученик кој ќе се најде со креда пред таблата, макар да се работи за равенка со само една непозната!
Генерално, мора да се признае, ТВ 24 понуди разновиден одговор на предизвиците на тој ден, 30 октомври, низ повеќе емисии и разговори! Пред сѐ, преку емисијата Аргумент плус на водителката Биљана Секуловска со Исмет Рамадани и Нано Ружин, која беше единствената која на достоен начин ја анализираше посетата на Фон дер Лајен, нејзината аргументација и она што би бил реален однос кон нејзините зборови.
Имено, суштината на говорот на шефицата не бриселската администрација не е молба да влеземе во возот за Унијата, туку само едноставно објаснување дека билетот треба сами да си го купиме и за тоа одлучуваат тукашните граѓани, преку своите политичари: Нема никаков притисок, ама нема ниту молба, освен желбата да си размислиме можеби за последен пат!
Потоа, рано попладнето, додуша, ненамерно, во онаа контакт емисија на колегата Исмет Мухиќ, се јави и беше пуштен да говори опозитот на Мицковски во истата партија, Оливер Андонов, кој во добиените неколку минути успеа барем да каже дека дилемата за членовите на оваа партија се – или кариерата на Мицковски или судбината на земјата! Андонов, кој во последно време, секако ја има на себе фатвата на Шампитата и нема таков јунак во македонските медиуми да го викне, доби само скромни минути. Просто откраднати тој ден. Тој ја знае својата судбина и сега ја носи со себе а само можам да погодам што го чека оној кој ќе го покани во емисија!
Ако не може во ЕУ тука е Брикс, тука е и Боцевски со понудата
Во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 гостин беше Боцевски. Не, не, овој пат не говореше за евтиниот увоз на свинското месо од Бразил, како награда ако влеземе во БРИКС (30 отсто поевтино свинско, гарантира) како замена за ЕУ, иако во поканата за него секако лежи таа намера на сопствениците на ТВ куќата на Стојменови. Просто игра на асоцијации. Вистина е дека му опонираше проф. Ременски, која не дозволуваше лесно да ја совладаат обидите на водителката да ја прекинува.
И гостувањето на Маричиќ, вистинскиот министер за понеделничката вечер на Топ тема на Телма (водител Боби Христов) даде добра димензија, онаа „четвртата“ на третманот на клучниот настан тој ден. И прашањето на новинарката на оваа телевизија, Тамара Грнчароска, на утринскиот прес, вообичаено, беше на ниво на задачата на средбата на новинарите во Владата и го даде сериозниот тон во стартот, како што нејзиниот извештај во вестите не дозволи многу извртувања на темата и манипулативност.
Најкомично беше гостувањето на ексминистерот Никола Тодоров на ТВ 21 таа вечер кај Борјан Јовановски. Водителот мораше со раката на устата, да не речеме на лицето, да ги сокрие емоциите кога ексминистерот рече дека, ова што се случува со преговорите со Унијата, е резултат на фактот што „СДСМ сака да го стави ВМРО-ДПМНЕ во формат на антиевропска партија“, а всушност СДСМ да ти бил антиевропска партија и сакала да го избламира Мицковски и компанијата кај народните партии во Брисел.
Добро е што во оваа мрачна заднина во однос на нашите државни перспективи можете да превртите некои нивни настапи во макар и горчлив хумор, налик на оние монтипајтоновски бравури. Само, да видиме какви сѐ тоа политичари ја водеа, а гледам, и сакаат да ја водат оваа наша држава. Способни само за комплетно превртување на вредностите и придонесите за државата. Кои ќе нѐ остават на празните перони на огромната скопска железничка станица со „националната гордост“ како багаж кој ќе дреме крај нашите нозе.
А за медиумите прашувате? Па тие генерално си ја завршија работата. Како и секогаш, според поставените строги директиви.