„Изборот на Шах означува голема промена, бидејќи тоа значи дека новинар сега ќе биде на врвот на Би-Би-Си“, изјави портпаролот на британскиот јавен сервис
НУР НАНЏИ-СТИВЕН МЕКИНТОШ
Самир Шах, извршен директор на телевизијата, е именуван како избор на британската влада да стане нов претседател на Би-Би-Си, по оставката на Ричард Шарп во април.
За време на неговата долга кариера, Шах имаше голем број позиции во Би-Би-Си. Тој рече дека е среќен што е избран за владин кандидат.
Претходникот на таа функција Ричард Шарп поднесе оставка на почетокот на годинава поради конфликт на интереси, а во целиот случај беше вклучен и поранешниот британски премиер Борис Џонсон. Во меѓувреме професорот Илан Клоус Стивенс, член на одборот на Би-Би-Си, беше вршител на должноста претседател по оставката на Шарп.
Иако Би-Би-Си е политички независен, неговиот претседател го назначува владата. Луси Фрејзер, секретар за култура, рече дека Шах имал „богато искуство што го препорачал за оваа позиција“.
„Тој има јасна амбиција да го направи Би-Би-Си успешен во медиумскиот пејзаж кој брзо се менува и не се сомневам дека ќе обезбеди поддршка и надзор потребни за да се одговори на предизвиците и можностите во иднината“, додаде Фрејзер.
Кои се обврските на претседателот на Би-Би-Си?
Како претседател на Одборот на директори, Шах ќе биде одговорен за заштита и одржување на независноста. „Би-Би-Си е без сомнение еден од најголемите придонеси што сме ги направиле за глобалната култура.
„Би-Би-Си има одлично место во британскиот живот и единствена должност да допре до голема публика и ќе направам се што можам за да се погрижам ова да се исполни на сè поконкурентен пазар“, додаде Шах.
Тој во иднина ќе биде задолжен и за преговори со Владата за надоместокот за лиценца.
„Изборот на Шах означува голема промена, бидејќи тоа значи дека новинар сега ќе биде на врвот на Би-Би-Си“, изјави портпаролот на британскиот јавен сервис.
Шах работеше во телевизија повеќе од 40 години, почнувајќи со Лондонската телевизија Викенд во 1979 година. Оттогаш ја извршуваше функцијата шеф на информативната телевизија, а во 2007 година беше назначен за директор во бордот на директори на Би-Би-Си.
Шах моментално е главен извршен директор на Џунипер,независна продукциска компанија која испорачува програми за Би-Би-Си, како и за други организации како Канал 4, Нетфликс и National Geographic.
Неговото назначување доаѓа во предизвикувачки период за Би-Би-Си, бидејќи власта се обидува да заштеди 500 милиони фунти (околу 583 милиони евра) во услови на висока инфлација и двегодишно замрзнување на таксите за телевизиски дозволи.
Надоместокот за лиценца, кој обезбедува најголем дел од финансирањето на Би-Би-Си, моментално е 159 фунти (185 евра), но треба да се промени во април во согласност со инфлацијата.
Луси Фрејзер, секретарот за култура, рече дека зголемувањето на надоместокот за речиси 15 фунти (17,5 евра) би било „апсолутно“ премногу. Таа додаде дека се обидуваат да најдат решение за „финансирање на Би-Би-Си во иднина“.
Надоместокот за лиценца треба да остане во сила најмалку до 2027 година, кога завршува Кралската повелба на Би-Би-Си, по што ќе има дебата за тоа како треба да се финансира радиодифузерот.
Минатата недела, Би-Би-Си објави дека ја укинуваат Њузнајт, што Националниот сојуз на новинари го опиша како „голем удар за истражувачките вести“.
Претходниот претседател на Би-Би-Си, Ричард Шарп, поднесе оставка поради извештаите дека не успеал правилно да ја открие вмешаноста во договор за заем за поранешниот британски премиер Борис Џонсон.
Шарп рече дека прекршокот бил „ненамерен“ и дека не го сторил за финансиска корист.
Британската радиодифузна корпорација (ББЦ) лани го прослави својот 100-ти роденден. Радио-телевизијата, денес најголемата во светот, официјално е основана на 18 октомври 1922 година во Лондон, Англија и има разновидна, возбудлива и долга историја. По затворањето на многу аматерски радио станици, Би-Би-Си го започна своето прво дневно радио емитување на 14 ноември 1922 година во Лондон, Англија.
Првата емисија, која започна во 18:00 часот по Гринич, беше вест, која ја пренесоа новинските агенции.