Светот оваа недела беше сведок на една поинаква, помалку позната страна на Новак Ѓоковиќ, еден од најуспешните тенисери во историјата, пишува Александар Брезар за Euro News.
Бркајќи го рекордниот 21-ви Грен слем, Новак Ѓоковиќ, актуелниот тенисер број 1 во светот, не доби дозвола за влез од австралиските власти поради тоа што не обезбеди докази за поддршка на медицинското ослободување што го доби од организаторите на Австралија опен.
Откако беше задржан на аеродромот во Мелбурн неколку часа, прво беше побарано да замине, но потоа заврши во Центарот за баратели на азил, додека неговиот правен тим го оспоруваше одбивањето за влез.
Ѓоковиќ беше јавно скептичен во врска со вакцинирањето уште од раните денови на пандемијата, а нашироко е разбрано дека причината поради која регионалните власти на Викторија му го забранија пристапот до турнирот беше тоа што тој не обезбеди доказ за вакцинација или доказ за основана медицинска состојба што ќе ја оневозможи вакцинацијата.
Скандалот ескалираше во глобална медиумска сензација и постапките на Ѓоковиќ предизвикаа презир во јавноста ширум светот, бидејќи многу земји се борат да ги зголемат стапките на вакцинација во услови на петти пандемски бран на заклучување и безбедносни мерки.
За антиваксерите и скептиците за Ковид-19, Ѓоковиќ стана херој што не се поклонува на естаблишментот, или како што рече неговиот татко Срѓан во изјава за српските медиуми веднаш откако на неговиот син му беше забранет влезот, „Спартак на новото време“.
Ѓоковиќ отсекогаш бил како некој вид на доктор Џекил и г-дин Хајд, вели Сорин Кучераи, политички коментатор од Романија.
„Има две страни на Ѓоковиќ. Едната страна е „Ноле“ – прекрасен тенисер кој направи многу за спортот и особено за тенисот, некој кој имаше многу позитивно влијание на тенисот на многу нивоа, а на другата страна, имате, ајде да го наречеме „Новакс“. Многу чуден тип со чудни верувања и теоретичар на заговори“, објасни тој.
„Ноле и Новакс постоеја од самиот почеток. Но, поголемиот дел од времето сите го гледаат прекрасниот тенисер – Ноле.
Но, повремено презема и Новакс, како што е случајот и со овој инцидент во Австралија“, рече Кучераи.
Додека повеќето луѓе се сеќаваат на неговата спортска моќ на тенискиот терен, се почесто се среќава и онаа друга страна – Ѓоковиќ и неговите езотерични верувања и, честопати теориите на заговор, верувањето во прочистување на водата со емоции, до неговите посети на „пирамидите во Високо“, Босна.
НОВАК КАКО РАШИРУВАЧ НА ВИРУСОТ Откако организираше турнир во Задар, Хрватска, среде пандемијата во обид да докаже дека светот може да продолжи да функционира нормално во пандемија, Ѓоковиќ беше принуден да се извини откако многу од учесниците беа позитивни на тестот. вклучувајќи го и него.
Но, неговите зборови од април 2020 година го открија неговиот презир кон вакцините.
„Јас лично сум против вакцините и не би сакал некој да ме принуди да се вакцинирам за да можам да патувам. Ако се покаже дека ова е правило и закон, што ќе се случи тогаш?“ рече тој во разговор во живо со соиграчите од Дејвис купот.
НОВАК – НАЦИОНАЛИСТОТ Во 2021 година, Ѓоковиќ се најде критикуван за неговата посета на Босна, откако се појавија фотографии од неговата средба со командантот на „Дринските Волци“, единица која учествуваше во геноцидот во Сребреница во 1995 година, каде што повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња беа егзекутирани во три дена во јули, само затоа што се муслимани.
Подоцна, во видео Ѓоковиќ пее на свадба, прегрнат од националистичкиот водач на босанските Срби Милорад Додик, чии сепаратистички тенденции во моментов ја предизвикуваат најголемата криза во земјата од крајот на војната 1992-1995 година.
Откако избија големи протести во Белград поради прогласувањето на независност на Косово во 2008 година, Ѓоковиќ сними видео во кое вели „Подготвени сме да го браниме она што со право е наше. Косово е Србија“.
Запрашан во 2011 година дали се кае за своите постапки, тој изјави за германскиот магазин Der Spiegel „тоа е родното место на моето семејство и, на српската култура. Не се каам за тоа што го направив. Сакаме правда, но едноставно не можеме да ја добиеме“, рече тој.
Откако српската репрезентација го освои АТП купот во 2020 година, Ѓоковиќ, заедно со своите соиграчи, пееја националистички песни, вклучително и „Видовдан“ – заедничка мелодија за Косово што беше химна за време на војните и распадот на Југославија.
Тогаш во негова одбрана со контроверзна изјава излезе неговиот татко Срѓан. „Новак е националист, се разбира, и јас сум исто така“, изјави тој за српските медиуми.
„ГО МРАЗИТЕ НОЛЕ, ГИ МРАЗИТЕ СРБИТЕ“ Додека го држеле на аеродромот во Мелбурн, Срѓан во објава на Инстаграм тврди дека неговиот син бил цел на австралиските власти поради неговата српска етничка припадност.
„Вечерва можат да го фрлат во зандана, утре можат да го оковаат во синџири“.
„Не можат да го спречат на теренот, па решија да го запрат на аеродромот“, напиша Срѓан Ѓоковиќ, велејќи дека луѓето треба да го пречекаат Новак назад во Србија „како што заслужува“.
Следниот ден, на прес-конференција во Белград, Срѓан рече дека „Новак е во заробеништво… Новак е Србија, а Србија е Новак. Кога го газат Новак, тие ја газат Србија и српскиот народ“.
„Исус Христос беше распнат, но издржа и сè уште живее меѓу нас, а и Новак се распнува“, рече Срѓан на православниот Бадник, на 6 јануари.
На Инстаграм реагираше и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој одлуката на австралиските власти ја оквалификува како еден начин на „малтретирање“.
Откако започна неговата австралиска голгота, Ѓоковиќ даде само една јавна изјава, преку објава на Инстаграм:
„Благодарам на моето семејство, Србија и на сите добри луѓе во светот кои ми испраќаат поддршка. Фала му на драгиот Господ за моето здравје“, напиша Ѓоковиќ во објавата.
ПРОИЗВОД НА НЕГОВОТО ДЕТСТВО Американскиот новинар и романописец со босанско потекло Александар Хемон, верува дека Ѓоковиќ е меѓу поддржувачите на српскиот национализам затоа што пораснал додека Југославија се распаѓала.
Поранешната социјалистичка федерација ги вклучуваше денешните Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово и Северна Македонија и се распадна во серија од најкрвавите војни видени во Европа по Втората светска војна.
Хемон објаснува дека постапките на Ѓоковиќ ги исполнуваат очекувањата за она што треба да го претставува еден национален херој – личности што тој најверојатно пораснал идеализирајќи ги како момче – и дека тој е награден за своите постапки во форма на почит што го добиваат Србите и другите на глобално ниво.
„Тој не е баш способен да се замисли себеси надвор од овој националистички национален идентитет. Тоа не мора да значи дека е агресивен пропагандист, но тој секако се придржува и се сретнал со такви пропагандисти“, изјави Хемон за Euronews.
И многу од неговите постапки – и верувања, било да се тоа националистички или анти-естаблишмент – се сведуваат на фактот дека тој пораснал во земја каде што неконтролираниот национализам стана токсичен, па дури и крвав.
„Мислам дека тоа е симптоматично за една генерација, дури и генерации, во регионот што е целосно неспособна да се види себе си или да ја разбере сопствената личност и она што го сочинува нечиј идентитет надвор од наједноставниот, најглупав националистички контекст. И тоа е трагично“, објасни Хемон.
Националистите се вообичаени соработници на езотериците и оние кои веруваат во окултизмот, појаснува Хемон бидејќи двајцата го делат посебното убедување дека се во право кога другите грешат, дури и кога фактите го докажуваат спротивното.
„Интересно е што тоа е вообичаено во националистичките движења во светот во моментов – овој интерес за антинаучни, „Ново време“, митологии. Затоа што на некој начин, национализмот е само измислена, тоа е бајка“.
„Значи, лесно е да се вовлечете во фантазии за енергии и бајки и светски заговори и сето тоа. Пристапот за градење фантазија функционира и во однос на националниот идентитет и на медицинските интервенции“, рече тој.
„Неговиот јавен статус им дава вредност на глупостите за кои тој зборува. Јавната вредност е исто така јавна одговорност, но тој ја одбива таа одговорност“, рече Хемон.
„Таа себичност, тој вид на фанатичен индивидуализам функционира во тенисот ако си најдобар играч. Но, тоа е штетно за јавното добро бидејќи за него нема јавно добро, има само лично добро. Тој победува или губи. Но, што е со нас останатите?“