Официјално, до сега нема декларативен став дека овој процес на артикулирање на незадоволства во ДУИ ќе заврши со формирање на некоја нова политичка партија. Дека во медиумите се шпекулира за ова барање, но тоа официјално не е адресирано
СЕФЕР ТАХИРИ
„Огнената група“ во ДУИ со недели е во фокусот на медиумите на албански јазик, а од неодамна и на медиумите на македонски јазик. Во јавноста се шпекулираше многу за групата сегашни и поранешни функционери на ДУИ, кои изразија незадоволство од начинот на функционирање на нивната партија. Дел од медиумите ја фаворизираа групата, велејќи дека од неа може да се роди и нова партија. Од друга страна, друг дел од медиумите блиски до владејачката партија го потенцираа единството во ДУИ притоа минимизирајќи ги поделбите. За медиумското известување и јавната дебата за „Огнената група“ може да се направи аналогија со претходните поделби што ги следеа албанските партии во Македонија од почетокот на плурализмот во 90-тите…
Неодамна на албанската политичка сцена се појави таканаречената „Огнена група“ која повикува на внатрепартиска дебата во ДУИ.
Новинарот Селајдин Џезаири, во својата колумна со наслов „Огнената група“ и пожарникарот(ите)“ пишува дека овој „земјотрес“ кај интегративците „не е прв и, судам, нема да биде ни последен?“. и, потоа, наведува дека „природно е во една сериозен субјект, кој две децении доминира на албанската политичка сцена, да има триења и судири од различна природа“.
Во соопштението на „Огнената група“ не се бараше оставка или заминување на министрите од ДУИ, туку, како што се вели, „бидејќи се констатира дека нема одговорност за работата на Владата и политичката програма за речиси две години и дека однесувањето на извршната власт на чело со Артан Груби е арогантно и дилетантско, се бара одговорност и отчетност од носителите на извршната власт”.
Но, во написот во весникот „Слободен печат“ , којшто беше нашироко цитиран од медиумите на албански јазик, се известува со бомбастични наслови како „Огнената група: Ако Ахмети не ги отстрани сите министри, ќе отвориме нова партија?“ . Всушност, написот се заснова на неидентификуван извор, за кој се вели дека е дел од „Огнената група“, и кој наведува дека „Ако Ахмети не послуша, ние ќе дејствуваме како фракција, додека не се исклучува можноста повторно да се формира нова партија“.
Официјално, до сега нема декларативен став дека овој процес на артикулирање на незадоволства во ДУИ ќе заврши со формирање на некоја нова политичка партија. Дека во медиумите се шпекулира за ова барање, но тоа официјално не е адресирано, говорат и содржините објавени во Медиумите по средбата меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети и „Огнената група“ . На неа не се ни расправаше за оваа точка, што значи дека останува на ниво на медиумски шпекулации, имено, медиумите се користат за политички притисок врз лидерот на ДУИ, да прифати што повеќе барања од функционерите на ДУИ Изет Меџити, Муса Џафери, Невзат Бејта, Блерим Беџети, Висар Ганиу и други локални функционери.
При известувањето за оваа средба, беше споменато дека присуствувал и поранешниот потпретседател на ДУИ, Садула Дураку.
Во оваа насока, во некои медиуми беше објавен наслов „Средба на Али Ахмети со „Огнената група“ , присутен е и Садула Дураку“. Во прилогот на ТВ 21 беше речено дека на средбата „покрај групата што го потпишала јавниот допис со незадоволството во ДУИ, присутен е и Садула Дураку од кумановскиот огранок“.
Во меѓувреме, некои други медиуми, блиски до ДУИ, сакајќи во своите извештаи да го рефлектираат единството што постои во ДУИ, дури и при известувањето за погребот на покојниот Ердан Рамадани, го истакнаа фактот дека лидерот на ДУИ и Дураку биле еден до друг. Порталот Лапси објави дека „шефот на ДУИ, Али Ахмети, заедно со Садула Дураку денеска учествуваше на погребот на кумановецот Ердан Рамадани, кој пред неколку дена го загуби животот во водите на реката Вардар, по несреќа кај Желино“. Во овој извештај е направен селективен избор на факти, бидејќи на погребот учествувале и други партиски функционери.
ТВ 21, известувајќи за судирите во ДУИ, објави бомбастичен, но шпекулативен и официјално непроверен наслов „ Бујар Османи се предлага како „курбан“ за намалување на тензиите во ДУИ “. Според оваа телевизија, „името на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од интегристите е предложено како функционер кој може да ја напушти Владата, за да биде заменет со личност која би била предложена од т.н. „Огнена група“ – незадоволните во ДУИ кои испратија барање за измени на адресата на претседателот Али Ахмети“. Сепак, оваа шпекулација брзо беше демантирана од самиот министер за надворешни работи. Медиумите потоа известија со наслов: Бујар Османи нема да биде „курбан“.
Порталот на неделникот „Фокус“ извести со сензационален наслов „Меџити, генерален секретар, Беџети, потпретседател на ДУИ?“. Според овој медиум, „како што велат дел од учесниците на состанокот, дискусијата била водена конструктивно и не се зборувало за кадровски решенија, но ова прашање треба да се реши следниот месец, кога ќе се одржи состанокот на Генералниот совет, на кој ќе се избере претседателство“.
Тоа докажува дека насловот не соодветствува со содржината, освен што се зборува за минатото по конгресот на ДУИ, кога споменатите позиции им биле ветени на Дураку и Меџити. Од друга страна, во овој извештај има уште една неточност, бидејќи се наведува дека „дел од „Огнената група“ се и двајца потпретседатели на ДУИ – Невзат Бејта и Садула Дураку“. Како што споменавме погоре, Дураку не е дел од листата на потписници незадоволни од менаџирањето на ДУИ и владината политика.
Еден медиум на албански јазик го протолкува извештајот на „Фокус“ со триумфалистички наратив во корист на „Огнената група“. Неговиот наслов е „ Огнената група“ ќе биде посилна од Артан Груби, генерален секретар Меџити, потпретседател Беџети . Иако „Фокус“, од кој овој медиум ја препиша веста, не потврдува дека има договор за партиските функции, пренесува дека наводно „На средбата во вторникот е постигнат договор, и Меџити и Беџети ќе ги заземат овие позиции. кои беа ветени, со што во иднина ќе бидат многу помоќни од групата на вицепремиерот Артан Груби“.
Изминативе денови се шпекулираше за можен премин во ДУИ на пратеникот Кастриот Реџепи, кој го доби мандатот како дел од Движењето БЕСА. Според порталот Прес24, „Огнената група зема уште еден пратеник на ДУИ, се доведува во прашање мнозинството на Ахмети и Ковачевски “. Овој наслов доаѓа по објавувањето на фотографијата на Меџити и Беџети со пратеникот, кој во јавноста беше нарекуван како „киднапираниот“, Кастриот Реџепи. Порталот пишува дека „Пораката е јасна, „Огнената група“ на ДУИ станува помоќна за еден пратеник во Собранието, што може да направи сериозни проблеми во парламентарното мнозинство на СДСМ и ДУИ“. Сепак, самиот Реџепи тврдеше дека зборувал за влез во партијата на Ахмети, без да ја спомене „Огнената група“.
Како што може да се забележи, медиумските шпекулации за политичките процеси се многу присутни, особено кога станува збор за политички пресметки, кои имаат не само партиско, туку и пошироко политичко влијание.
Иако Етичкиот кодекс на новинарите не забранува употреба на анонимен извор, бидејќи членот 4 вели дека „Новинарот ќе го објави изворот на информацијата, сепак, доколку изворот сака да остане анонимен, новинарот ќе го заштити“. Сепак, новинарите и уредниците на вестите мора да бидат внимателни и да не ја злоупотребуваат фразата „анонимен извор“. Злоупотребата на ова право во функција на различни агенди, без разлика дали се политички, деловни (комерцијални) или лични, во голема мера влијае на губењето на кредибилитетот на медиумите кај јавноста.
Користењето на анонимни извори е спорно прашање во новинарството долго време. Многу уредници не дозволуваат употреба на анонимни извори бидејќи ги сметаат за помалку веродостојни од официјалните извори. Главна причина за тоа е фактот што ако некој не сака да го каже своето име заедно со информациите што сака да ги сподели со новинарите, тешко е да се докаже дека тие се точни и дека нема скриени мотиви или намери да го доведе во заблуда новинарот.
Но, секој што работел во медиумскиот свет знае дека, во некои ситуации, анонимните извори можат да бидат единствениот начин да се добијат важни информации. Ова особено треба да важи за истражувачките стории, во кои изворите имаат малку да добијат, но многу да изгубат, доколку официјално зборуваат со известувачот.
(текстое е објавен во порталот на IM@ го објавуваме со кусо скусување)