БИЛЈАНА БОГДАНОВСКА
Најголемата вредност што Данела Арсовска како градоначалничка на Скопје ја покажа во осумте месеци е експресното разрешување директори кои самата ги постави
Осум месеци по стапувањето на функцијата градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, мака мачи да го одржи предизборното ветување дека директори на јавни претпријатија во главниот град ќе се бираат на конкурс и спорeд соодветни квалификации, а не по партиски образец.
Скандал до скандал се нижат за директорите на јавните претпријатија во Скопје, па градоначалничката, која околу Нова година ги смени сите, при крај на денот, им дели откази.
Иако на средината на минатиот месец беше објавен јавен конкурс за избор на директори на шест од осумте јавни претпријатија под надлежност на Град Скопје, уште нема информации кој сѐ се пријавил и дали е направен потесен избор. Во овој конкурс не се бараше директор за ЈП „Комунална хигиена“, но во меѓувреме и тоа остана без директор, откако градоначалничката експресно го разреши Зуди Енузи Кока, по инцидентот на протестите против францускиот предлог, кога неговиот брат пукаше од пиштол на плоштадот „Скендербег“. Директор на јавен конкурс не се бараше ни за ЈСП „Скопје“, затоа што таму пак, во мај, беше назначен Александар Стојковски, откако претходниот, Иван Илиевски, назначен во декември, замина од функцијата, затоа што „му завршил мандатот“.
По последниот скандал во Золошката градина, каде беа заклани 12 коњи, со цел да се нахранат лавовите, Арсовска го разреши директорот Кристијан Стаменов. Во само една недела, Арсовска интервенто, разрешува директори на јавни претпријатија, па ако едниот не беше директно виновен за своето разрешување, другиот потполно сам си заслужи.
Сите директори на јавните претпријатија во Скопје, кои Арсовска ги назначи откако стана градоначалничка пред осум месеци, беа в.д., а според законот на таа функција може да останат шест месеци.
Градоначалничката Арсовска, која својот мандат го доби како независен кандидат, но со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и повеќе други партии, своевремено изјави дека со ни една партија не направила договор за директорски места и дека всушност никого не менува, туку дека им бил истечен мандатот на в.д. директорите.
И да е така, се добива впечаток дека Арсовска која се кандидираше како менаџер (во предизборната кампања повторуваше: „Јас не се кандидирам за политичар, јас се кандидирам за менаџер на градот!“), никако не успева да ги изменаџира директорските кадри.
За осум месеци владеење со градот Арсовска не успеа да постави први луѓе на претпријатијата, кои би биле доволно кадарни за од нивното работење скопјани да видат некакви резултати.
На јавниот конкурс се бараат кандидати со соодветно образование, петгодишно работно искуство, меѓународен сертификат за активно познавање англиски јазик, а со овие документи мора да се достави и предлог-програма за работа и развој на претпријатието за чие директорско место се аплицира.
Од Градот велат дека огласите не се објавуваат само за да се потврди формално изборот на актуелните в.д. директори преку законски испочитувана процедура, туку дека може да аплицира секој кој ги исполнува наведените услови и дека е можно да се јават и кандидати со подобри квалификации.
За приближно еден месец јавноста требаше да увиди дали на чело на јавните градски претпријатија за кои се распишани јавните огласи ќе останат истите луѓе или ќе има промени, но досега промени гледаме само преку ноќ, по инцидент. Можеби на огласот ќе се пријават поквалитетни луѓе од сегашните, а тоа ќе биде знак дека изборот што првично го направила Арсовска, не бил најдобар. Иако Арсовска во кампањата тврдеше не дека е само најдобра менаџерка во регионов, туку веројатно и во Европа.