На прес-конференцијата по виртуелниот состанок со лидерите на шесте западнобалкански држави, германската канцеларка Ангела Меркел го поздрави напредокот во регионот, но оцени дека треба уште многу да се сработи
Не можевме да предвидиме дека Бугарија ќе го блокира почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел по состанокот со шефовите на држави и влади од шесте земји од Западниот Балкан. Запрашана за оценка на напредокот на регионот во последните 16 години откако таа е германски канцелар, Меркел рече дека имало и добри и лоши моменти. Генералната оценка на Меркел е дека во последните 7 години, од почетокот на ткн. Берлински процес, имало успеси, но и дека останува доста да се сработи во делот на борбата против корупцијата. Како позитивен пример од регионот таа го наведе ткн. „ветинг“ процес во Албанија и оцени дека Берлинскиот процес отворил нов квалитет во соработката во регионот.
Во делот на изненадувачкиот развој на настаните, Меркел ја наведе бугарската блокада на Северна Македонија.
„Некои тешкотии не можете да ги предвидите. Долго гледавме како Северна Македонија и Грција преговараа за името. (…) (Откако се реши спорот) Северна Македонија стана членка на НАТО, но одеднаш Бугарија го блокираше почетокот на преговорите за членство во ЕУ“, рече Меркел.
Германската канцеларка уште еднаш повтори дека иднината на регионот е во ЕУ и тоа, според неа, не е интерес само на земјите од Западниот Балкан туку и на самата ЕУ. Наведувајќи ги тешкотиите со кои се соочува регионот, Меркел наведе три: спорот меѓу Србија и Косово, состојбата во БиХ, како и спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија.
„Потребно ни е многу трпение, но и голем ангажман за да се надминат овие спорови“, рече Меркел.
Одговарајќи на новинарско прашање околу позицијата на Франција за проширувањето на ЕУ, Меркел рече дека претседателот Емануел Макрон исто така бил на виртуелниот состанок и „јасно се изјаснил за перспективата на членство во ЕУ на земјите од регионот“. Таа сепак објасни дека освен во Франција и Холандија, дискусии за проширувањето на ЕУ се водат и во Германија и повика Конференцијата за иднината на Европа да го даде одговорот на прашањето: Кога ЕУ повторно ќе биде подготвена за проширување.
Меркел на состанокот ветила и три милиони дози вакцини за земјите од Западниот Балкан.
„Се радувам што можам да ја продолжам работата со шефовите на држави или влади од шесте западнобалкански земи, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија“, вели германската канцеларка Ангела Меркел во својот видео-подкаст, објавен во текот на изминатиот викенд. Таа од она што досега произлезе како резултат од досегашните конференции за Западен Балкан го издвои Младинскиот форум и оцени дека тоа претставува „убав успех“ кој овозможува размена на ученици и млади.
Според канцеларката, меѓусебното признавање на дипломите, како и напредокот во делот на сообраќајните и инфраструктурни проекти, се „важни чекори за прекугранична постојана размена која помага за намалување на задршките“. Сето тоа, нагласи канцеларката, им помага на земјите од Западен Балкан да напредуваат во исполнувањето на условите за членство во ЕУ. „Уверена сум дека порано или подоцна нивната иднина навистина е во обединета Европа“, вели Меркел.
Германија ја иницираше годишната средба помеѓу и ЕУ и земјите од Западен Балкан, т.н. Берлински процес, во 2014 година. Целта, според Канцлерамтот во Берлин, е да се даде што е можно поконкретен придонес за стабилност во непосредното соседство на ЕУ и за мирен дијалог на сите учесници.