Анегрет Крамп-Каренбауер избрана за нова претседателка на ЦДУ
Генералната секретарка на германската Христијанско демократска унија (ЦДУ) Анегрет Крамп-Каренбауер е избрана за нов лидер на партијата, која на таа позиција ќе ја наследи канцеларката Ангела Меркел, јави ДПА.
Крамп-Каренбауер, долгогодишен сојузник на Меркел, победи во вториот круг од гласањето на Конгресот на ЦДУ во Хамбург, победувајќи го Фридрих Мерц. За неа гласаа 517 делегати (51,75 проценти), а Мерц доби 482 гласа (48,25 проценти).
Иако нема да раководи со партијата, Меркел има намера да остане канцелар до крајот на четвртиот мандат, кој истекува на крајот на 2021 година.
Крамп-Каренбауер ја презеде функцијата генерален секретар на ЦДУ во 2018 година. Пред тоа, од 2011-2018, беше првиот премиер на германската покраина Сарланд, и воопшто четврта жена, која раководела некоја од германските сојузни држави. Таа во периодот 2000-2004 беше министерка за внатрешни работи на Сарланд, исто така, прва жена која била на таква функција во Германија.
Сарланд е најмалата од 16 сојузни држави или провинции.
Крамп-Каренбауер често ја опишуваат како „малата Меркел“. Тие две се многу блиски. Со Ангела Меркел, како што се наведува, ја поврзуваат многу лични случувања, на неа треба за многу работи да и заблагодари, но сепак самоуверено тврди „Јас сум независна. Сега е важно да се отвори ново поглавје со нов стил и нова сила“. Дојче веле тврди дека на Крамп-Каренбауер сепак нема да и биде лесно.
-Тоа ме поттикнува, одговори Крамп-Каренбауер на прашањето дали е потценета во разговор со авторката која ја подготвува нејзината биографија. Книгата под името „Можам, имам желба и сакам“ јасно ги открива нејзините амбиции, наведува Дојче веле. Таа гласно упати и мала критика на сметка на Меркел: досегашното владеење на т.н. голема коалиција го опиша како „железно време“. Меѓутоа, кога станува збор за политичките теми, таа засега речиси воопшто не отстапува од линиите кои ги зацртала Ангела Меркел.
Анегрет Крамп-Каренбауер, ги повика Мерц и Шпан на соработка со цел да се обнови партијата и потенцираше дека сега ЦДУ треба да се одржи како народна партија. Таа дополни дека во текот на изминатите недели во партијата имало конкурентска борба на која другите партии и’ завидувале, што на ЦДУ и’ дало нов поттик и погон.
Во својот кандидатски говор пред делегатите досегашниот генерален секретар на партијата претходно изјави дека ЦДУ мора да биде партија која ќе има храброст, наместо „со страв да гледа кон лево и кон десно“. ЦДУ мора храбро да им се спротивстави на популистите, егоистите и автократите, рече таа. Зборувајќи со исклучително фер-тон кон своите противници, Крамп-Каренбауер оцени: „Ниту еден од нас, тројцата кандидати, нема да значи пропаст за партијата“.
Новата шефица на ЦДУ најави дека веќе на конгресот што е во тек ќе објави со кого сака да соработува како генерален секретар на партијата.
Мерц не се кандидира за член на претседателството на ЦДУ
Поразениот кандидат, Фридрих Мерц, ги повика своите приврзаници да и’ дадат поддршка на новата шефица на партијата. Иако вети дека и натаму ќе и’ помага на ЦДУ, Мерц остави отворено дали тоа сака да го прави на некоја од водечките позиции во партијата. Наместо тоа, тој ги повика делегатите на конгресот да му дадат поддршка на Јенс Шпан при изборот на членови на раководството на ЦДУ.
Пред изборот на нов лидер на ЦДУ, говор пред делегатите одржа жената која 18 години го имаше партиското кромило в раце – Ангела Меркел.
Меркел ја напушта водечката позиција во ЦДУ, но останува канцеларка
Таа повика на единство и рече дека ЦДУ може да постигне добри резултати и во време на поларизација и на АфД. „Каде може да не’ води бескрајна кавга, ЦДУ и ЦСУ искусија горчина во изминатите години“, ги опомена таа делегатите. Тие пак на својата шефица и’ аплаудираа десет минути, а многумина имаа и плакати со натпис: „Благодариме, шефице“.
Меркел, која и натаму останува на функцијата канцелар, соопшти дека се повлекува од лидерската позиција во партијата на крајот на октомври, по критиките поради лошите изборни резултати во Баварија и Хесен.
Ова е првпат од 1971 година делгатите на ЦДУ да избираат лидер од неколкумина кандидати. Ангела Меркел тоа го поздрави: „Ова е чиста демократија, кога има избор“.
Покрај новиот претседател на ЦДУ, петмина заменици и благајник, делегатите во Хамбург треба да изберат и членови на потесното и поширокото партиското претседателство.