РУДИ ЛАЗАРЕВСКИ
Со среќа нека им се сто евра домашните картички на пензионериве! Но советот ми е, побрзајте утре затоа што маркетиве ноќеска ќе ги пеглаат маржите. И пред меркиве шише зејтин од 63 денари отиде на 77 денари. А од утре? Кој знае? Само да не го види ова човеков од погоре. Пак ќе ме праша, маржа од 30 проценти!!? Имате ли вие даночен систем што оданочува екстра профити?!! А што да му одговориш?
Мерките официјализираа еден податок на кој ретко кој му посветуваше внимание. Од вкупниот број 326 илјади пензионери, точно 50 проценти се со пензија колку гарантираната минимална плата во државата. 182 илјади пензионери ќе добијат сто евра картички. Тоа покажува колку била „успешна” политиката на градењето на пензискиот систем и во стариот и во новиов систем.
Истовремено, државата има 6 милијарди евра банкарски депозити. Колку една Шведска. Има ли нешто заедничко? Сигурно. Покрај останатото, трагите водат кон кеш и сивата економија од самоуправувањето до денес.
Ние сме чудесно парадоксална минијатурна земја.
Пред пандемијава, еден странец ми вели, Јас се шокирав кога влегов прв пат во Скопје! Мислев дека сте сиромашна земја и дека сте за греота. А само во Скопје има повеќе џипови по улиците одколку во Рим и Виена заедно! Имате ли вие даночна политика!? Јас побрзав со одговор, Имаме, како немаме!? Ама и си помислив, додуше за џиповете, дивидентите и останатите луксузации имаме хибриден даночен систем. Нормално! Не мора да го знае човекот и тоа!! А тек да знае, дека во Скопје годишно повеќе се градат десеткатници од Рим, Виена, Љубљана…заедно! Нека се чуди малку. Зашто пак ќе ме праша. Имате ли вие даночен систем! Следниот пат ќе морам да му одговорам. Е тоа е Case Sensitive со луксузацииве! Кој ли ќе му објаснува на широко и долго за кеш, сива и лабораториската економија на државава! Или дека, од кога дојде животот, се укинаа контролните функции во државава?!
Да бидам искрен и јас се чудам, колку сме ние чудесна минијатурна земја.
Да се вратам на почетокот. Имам еден совет и едно прашање. Прво советот. Со среќа нека им се сто евра домашните картички на пензионериве! Но советот ми е, побрзајте утре затоа што маркетиве ноќеска ќе ги пеглаат маржите. И пред меркиве шише зејтин од 63 денари отиде на 77 денари. А од утре? Кој знае? Само да не го види ова човеков од погоре. Пак ќе ме праша, маржа од 30 проценти!!? Имате ли вие даночен систем што оданочува екстра профити?!!
А што да му одговориш?
Туку прашањето од погоре ми беше, ок е ова со пензионериве под 15 илјади пензија. А какви картички ќе добијат останативе со 15 илјади и еден денар пензија? Или ќе правиме уравниловка?
Чудесна земја.