БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Маршираше низ Белата палата партиската војска која во паника и лудило пред неколку години се чуваше со тенкови и борни коли за време на Шарената револуција, го голташе сиот страв од истиот тој народ што тогаш навистина немаше за леб…..Сега Мицкоски се враќа на голема врата, во раскошен стил, на местото на злосторството, со Мерцедес кој е симбол на белег на едно време. Времето на Груевски, кога избега во Будимпешта
Протестирањето на ВМРО-ДПМНЕ за поскапувањето на струјата некои во јавноста остро го осудија, затоа што била безобразна и дрска пораката да се пишуваат пароли на протестот- дека луѓето немале за леб, но, каков престап тие направиле, внимавајте сега ве молам. Пораките за немањето леб кон кутриот и напатен народ беа залепени на бесни автомобили -Ауди 8 и, застанете сега- станува збор и за црвен спортски кабриолет Мерцедес. Критичариве тврдат дека тоа не било соодветно, ги навредувале сите што навистина немаат за трошка, ги потценувале сиромашните и гладните, понижените и страдните. Е, да, кога навистина би било така.
Внимавајте, говориме за ВМРО-ДПМНЕ, партијата за која со гордост и сета се сеќаваме- низ годините на Груевски беше прогласувана за најбогата во Европа, но каква иронија е во прашање – истовремено, во најсиромашната земја.
Низ таа партија, низ нејзините лавиринти и тајни ходници тутнеа самоуверено и заканувачки сите сегашни и некогашни, драги и бесрамни, дури и денеска некои од нив се пратеници. Парадираше пред очите на мувлосаниот леб сиот раскош и блуд, е, да, тоа беа славни години.
Се нарачуваа слики во нивната природна големина, со заканувачки димензии, спремни да не голтнат и зошто не, да не стопат со воздухот, да не распрснат. Секој фунционер на тие слики имаше уште од колевка смислено поза, со раширени раце за да столчи што повеќе следбеници, со ококорени очи, во исчекување, како што пленот се демне пред да биде соџвакан. Груевски во преден план секогаш, небаре џин и великан на политичката сцена, иако длабоко свесен дека беше игнориран од западните демократии како заканувачко политичко џуџе. Беше исправен и надвиснат над самите слики, небаре сака да не раситни и протресе меѓу прстите, да не потсети за секоја трошка леб, колку зависи од него, колку не се може без него.
Маршираше низ Белата палата партиската војска која во паника и лудило пред неколку години се чуваше со тенкови и борни коли за време на Шарената револуција, го голташе сиот страв од истиот тој народ што тогаш навистина немаше за леб, е, да тоа беа тие времиња, за жал.
Сега Мицкоски се враќа на голема врата, во раскошен стил, на местото на злосторството, со Мерцедес кој е симбол на белег на едно време. Времето на Груевски, кога избега во Будимпешта, за да не се соочи со затворската казна токму за еден друг Мерцедес.
Затоа, нека протестира Мицкоски со тие негови црвени и сјајни коли, нека парадира, нека прегазува се што му стои на патот. Само така може да го потсети Заев како не смее во иднина, да го стресе со сеќавање-кога станува премногу, а треба само малку- да се пречекори тенката линија, како свилен гајтан предупредување, за секој лидер, кој не памти како може се да заврши.