Користењето на Заевата метла во кадровските чистки не влегува во сите дворови. Таа е се чини планирана и за добивање на време, додека во Мала Речица се кандидсаат на соработка по прашање на видливоста на одговорноста на функционерите. Затоа и за сега луфтирањето оди по партиска линија. А згора, кога имате толпа на сменети лица сите можат да се прават дека се невини жртви
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Што значи користење на широка метла? Промена која треба да донесе генералната чистка во раководната кадровска база на СДСМ, партија која дава основата на локалните и централните органи и тела во земјата? Тоа веројатно би го помислил секој кој буквално ги сваќа објаснувањата на носителот на овој потфат – премиерот Зоран Заев и воедно лидрот на СДСМ. Логично е дека после промената на сите раководства на локално партиско ниво, потоа со викенд изданието на партијата кога се променети потпретседателите на организацијата (да не навлегуваме во тоа дали си дале оставка или биле сменети, јасно е чија е иницијативата) СДСМ ја нема истата „глава“, без оглед што сменетите можат одново да конкурираат за истите функции, кога, веројатно наскоро,ќе има нови конкурси. По ова следат и промени на министерско ниво и кај шефовите на високите институции и установи, каде очекувано се бара време за на тој чекор се одлучи и коалициониот партнер – ДУИ.
Во оваа ситуација се бараат одговори на неколку прашања.
Најпрвин дали метлата може да се врзе за намалениот број на гласови на последните избори, кои донесоа многу неизвесности на генерален план, во остварување на клучните цели на власта: влезот во евроатланските институции, најпрвин.
Јасно е дека после драматичното преминување на власта од едни во други раце во средината на 2017 година, таа очекувана еуфорија кај победниците се искористи кусо, само на локалните избори. Потоа, немаше инерција која би се очекувала од промените, многу веројатно затоа што изостана и очекуваното кадровско „препакување“. Стравот и неизвесноста престанаа да виреат во редовите на новата опозиција а нивните приврзеници едноставно си ги фатија старите позиции во шанецот на политичката борба.
Референдумот за уставните промени не можеше целосно да ја прикаже таа осцилација во гласовите – за изјаснувањето постоеше бојкот од страна на ВМРО ДПМНЕ и имаше, секако голем број на лица кои го прифатија комодитетот од типот на „сигурно ќе влеземе во НАТТО и ЕУ, да си го гледаме ајварот“. Власта освои 630 илјади гласови во корист на Преспанскиот договор и тоа може да се смета за задоволителен скор – реално ние немаме повеќе од 1,2 милиони гласови! Таа во тој миг организаторите на референдумот располагаа со оној резултат кој коалициски се покажа во декември 2018 година (коалициски во форма на збир на гласови на партиите кои гласаа за новата влада) а успеа да го реализира дури шест месеци подоцна.
На изборите за претседател, во првиот круг гласаа помалку гласачи за кандидатот Пендаровски од очекуваниот број, во вториот и одлучувачки круг тој освои повеќе гласови за околу 60 илјади во однос на противкандидатката, што може да се смета за задоволителен успех, во однос на стабилизација на гласачкото тело. Ова не задоволува ако и кога ќе се оди на парламентарни избори, бидејќи е очекуван континуитетот на судирот меѓу власта и парламентарната поддршка, за добивање на оние 80 гласови кои често се пресудни!
Во однос на прашањето од погоре, она за вината, лопогично е дека не се испорачани резултати кои би ја задоволиле гласачката машина која е кај нас класично корумпирлива, која сака да добие нешто за себе на секои избори без оглед на нивниот карактер.
Јасно е дека погледот на мапата на локалните заедници, колку и да се чини дека мериме различни категории (ова се претседателски избори а не локалните или парламентарните) црвената боја опоменува, кога се работи за сините – оцијалдемократите.
Во тој контекст сосема рефлексивно се оди кон оценка за потфрлувања на локалците. Тука, на тој терен, секако има чести и непростливи одења на топката во аут. Ако Ахмети вели дека неговите кадри се задоволувачки присутни во „милетот“ ,што да кажеме за потезите на неговиот градоначалник во Струга, да речеме. Државата дава милиони за да покрива и негови дубиози на теренот а тој си купува супер луксузни автомобили. Не може да згаси пожар на дивата депонија, ако се случи, да реши било кој комунален проблем ама неговата суета мора да се вози во „марка“! И смета ли Ахмети дека во неговиот „пашалак“ градоначалникот Мерко заслужува поддршка?
Во една скопска општина во која новиот градоначалник и неговата партија (СДСМ) доживува дебакл, цела година стојат неискористени парите за помош на куќните совети во реставрација на лифтовите. Граѓаните, преку локалниот весник на општината за тоа дека постои таков фонд дознаваат откако ќе мине буџетската година. Не е искористен ниту денар, а сумата е голема (!). Гласачите од висококатниците го кажаа своето мислење за информирањето на градоначалникот, кој инаку има грст на портпароли (!) и на референдумот и со гласањето за претседател. Изјаснувајќи се бојкотот или за другата страна. Како што веќе напоменав, гласачите се корумпирливи и не сакаат секогаш да мислат дека е битно да влеземе во НАТО и ЕУ кога со полни раце пазарлак се качуваат на 12 кат! А не дека нема пари и дека градоначалникот не се „вооружал“ со армија на задолжени лица за информирањето…
Или да земеме дека еден од навистина најангажираните министри во земјавата – оној за транспорт и врски, за две години не успеа да пушти ниту еден пат (оној за автопатоткај Демир Капија, не му го сметаме) иако може да се соберат на килограми соопштенија од типот „за две недели…“. Исто и за пругата во должина од 18 километри (Битола – Лерин) која се прави од 2004 година а за која Сугарески не „поплави“ од ветувања од типот „веќе следниот месец…“. Јасно е дека тој или командува со неспособна и споровозна армија или не знае да командува ама апаратот си е ОК. Трето, нели, нема ама се знае кој треба да го плати цехот. Работата нема конечен ефект и тоа ти е а да не говориме за неискористеноста на средствата од капитална природа. На оваа влада и недостасува видливост во работата, освен кога се работи за надворешната политика. А кога говориме за видливост мора да се спомене дека „автомобилот, нели е веќе во дефект“, бидејќи има и одвеќе вработени во тој сектор и генерално а не само на локално ниво.
Во секој случај, гледано од тој аспект метлата е добро што е широка. Маната на таквите зафати во нејзино користење (постарите читатели помнат една таквата „хигиена“ во 1966 година, после т.н. Брионски пленум, кога во органите за внатрешни работи системот се чистеше по генерациски принцип – сите постари од 40 – 45 години одат во пензија) е што нема индивидуализација на вината, односно пофалба за одредени носители на партиски или државни функции.
Да појдеме од тоа дека многу успешни функционери може да не се јават повторно на конкурс (тоа е по малку дегуте, за нечиј вкус). Од друга страна многу недораснати имаат алиби во фактот дека смената е масовна,пда се кријат во тој калабалак.
Можеби најважно е да спомене дека користењето на Заевата метла во кадровските чистки не влегува во сите дворови. Таа е се чини е планирана и за добивање на време, додека во Мала Речица се кандисаат на соработка по прашање на видливоста на одговорноста на функционерите. Затоа и за сега луфтирањето оди по партиска линија. А згора, кога имате толпа на сменети лица сите можат да се прават дека се невини и патемни жртви.