ТОНИ ПОПОВСКИ.
Опозицијата има страст и енергија да предизвика предвремени избори и да владее, но страст и енергија го одликува и новиот премиер и подновениот тим
Ново – старата Влада го започна мандатот без „грејс“ период. Првите 30 дена од владеење беа „жешки“ и изминаа во едно жестоко темпо, како на внатрешен така и на меѓународен или поточно, на билатерален план со источниот сосед. Дневно – политичката динамика е таква да не остави простор за поширока јавна дебата за содржината на владината програма. Компетентност е да знаеме што сакаме и како да го постигнеме тоа. Што сака да постигне Владата и како планира да го постигне тоа, е наведено во нејзината Програма.
Видлива и измерлива, позитивна разлика од минатото е императив на секоја влада, но истото може да се постигне само преку позитивна промена на клучните парадигми на владеење, добро осмислени реформски политики со поширока јавна сопственост, и водење на позитивни трансформативни процеси, на транспарентен и инклузивен начин. Ова се истовремено реторички определби на Владата, а дали ќе бидат претворени во дела, ќе видиме.
Повеќе од авторот:Оптимизмот и песимизмот не се научни категории
Каде е разликата?
Пробив во тесното грло со Бугарија, и почеток на оперативно чекорење кон целосна интеграција во Унијата е крупна разлика од минатото, но врз оваа „политика“ има фактори на влијание кои не се под наша контрола. Од таа причина, пожелно е да не се запостават внатрешните предизвици.
Економско- финансиските (фискални) и социјалните политики кои целат кон создавање на повисок стандард и благосостојба, се вообичаено „досадни“ политики и за да станат атрактивни треба да се објасни нивното значење на еден приемчив начин за пошироката јавност. Овие политики се по самата природа линеарни и се спроведуваат постепено. Сепак, во владината Програма предвидени се неколку иновативни инструменти кои треба да и се дообјаснат на пошироката јавност, покрај професионалците. Се работи за механизмот за поголема ефикасност на капиталните расходи како мониторинг алатка со рано предупредување, „зелените“ обврзници во пакет со уште три типа постандардни обврзници, новата конфигурација на фондови: за енергетска ефикасност, за локален и регионален развој, за развој, за поддршка на мали и средни претпријатија, за зголемување на финансиските средства и за ризичен капитал, потоа Стратешкиот зелен инвестициски фонд кој е наменет за мобилизирање на средства од приватни извори за поттикнување на инвестиции во зелени објекти, зелени технологии, инфраструктура и технолошко унапредување на домашни компании, и за крај и групното финансирање.
Во споредба со „досадните“ политики, има такви кои се во категоријата „make it or break it”, односно се фактор кој одлучува дали оваа Влада ќе успее или нема да успее. Според мене тоа се следниве: спречување на корупцијата, консолидација и озеленување на енергетскиот сектор, фискална децентрализација, и воведување на нов, хуман, зелен, паметен и отпорен урбанизам за одржлива трансформација на нашите населени места. Со овие политики се адресираат комплексни предизвици кои се провлекуваат низ декади владеење, но истовремено во нив може да се направи вистинска, позитивна, видлива и мерлива разлика од минатото.
Нешто треба да се промени во борбата против корупцијата и тоа на дисруптивен начин, преку иновации кои се апликативни веднаш. Меѓународните најдобри практики упатуваат намапирање на сите ризици од корупција во јавниот сектор и нивно организирање во регистри заедно со мерки за адресирање и носители на тие мерки – службеници по име и презиме. Секоја јавна институција, треба на својата веб страница, во главното мени да ги објави овие регистри. Промена на парадигмата кај оваа политика е во суштина промена на фокусот, од (не)постапување по воочени девијации, односно контрола на штетата, врз ефикасна превенција од корупција. Ако сакаме пробив, тој е остварлив само со искрен и посветен ангажман на јавниот сектор, со прифаќање на антикорупциска култура во организациите, наспроти очекувањата со овој предизвик оперативно да се справи само ДКСК.
Консолидација на енергетскиот сектор и ефикасна транзиција кон искористување на обновливи извори на енергија е неповторлива можност за правење разлика од минатото. Обезбедените финансиски средства за изградба на дузина фотонапонски и ветерни електрани, излистани во Програмата, се од досега невиден размер (кај нас) и нивната реализација ќе создаде значајни социо-економски и политичко-безбедносни придобивки. Доколку на ова се надгради трансформација на ТЕЦ Неготино во гасна централа, почеток на изградба на ХЕЦ Чебрен, како и конечно формирање на Фонд за енергетска ефикасност, ќе може да говориме за реален пробив во (со декади) наталожени тесни грла.
Продлабочување на фискалната децентрализација е нужност, како што може да заклучиме и од ранливоста на општините на енергетската криза. Локалните расходи веќе една декада како процент од БДП се статични, околу 5% наспроти просекот во ЕУ27, кој е над 11%. Потребен е храбар исчекор и тоа без одлагање. Секако, повеќе средства за општините ќе биде невозможно да се обезбедат доколку не се рационализира гломазната државна администрација и јавни служби. Ова упатува на потреба од брзи резултати во таа реформа.
За крај и урбанизмот, кој е најконфликтната политика во јавноста, а која не засега сите веќе подолг период. Урбанизмот мора да го „припитомиме“ и хуманизираме наместо да продолжиме со негова бескрупулозна комерцијализација. Неопходни ни се паметни, зелени и отпорни населби, како и финансиски подостапно и квалитетно домување. Неповторлива можност за промена на досегашната парадигма, е тековниот процес на подготовка на новите закони за урбанистичко и просторно планирање, и новиот Просторен план на Републиката.
Кризите се истовремено и можност
Резонско очекување е дека сите чинители треба да придонесат во надминување на кризата. Таа ќе помине, но како општество мора да се менуваме на подобро, справувајќи се со сите фактори кои не држат во место или не влечат наназад.
Процеси за позитивна внатрешна трансформација покрај владата мора да се водат и од страна на судскиот систем и во Собранието. Никогаш не е доцна да се навратиме на нашите изворни вредности, да изградиме поширок консензус за начините на кои можеме да ги задоволиме егзистенцијалните потреби и заедно да просперираме