Мозаик за Вевчани ѝ донесе национална награда во Италија на уметницата Аница Китаноска
Гради меѓународна кариера и во речиси сите дела на уметницата Аница Китаноска преовладуваат мотиви од нејзиното родно Вевчани. Со исти мотиви е мозаикот за кој ја добила награда, а на кој работела 80 дена.
Од малото Вевчани до националната награда на Италија за сликарство, која ја освојува во 2023 година. Ова е патот на Аница Китаноска, млад македонски уметник, која во 2021 година дипломирала на академијата за убави уметности во Равена, како визуелен уметник и мозаичар, каде ги прoдолжува и постдипломските студии. На мозаикот со кој ја добива оваа награда, работела 80 дена и е со мотиви од нејзиното родно Вевчани.
„Во 2023 година мојата уметност беше препознаена со национална награда за сликарство во Карара, Италија под раководство на Министерството за универзитетско истражување. Мојот мозаик доби награда за сликарство. Оваа награда беше знак за мојата ангажираност кон уметноста. Ме мотивира да продолжам да се развивам во мојата уметност“, вели Аница.
Каде и да оди од Вевчани никогаш не се откажува. Тоа е вели нејзина постојана инспирација.
„Мојата главна инспирација во моите дела е моето родно место Вевчани, каде целиот мој живот сум опкружена со природа и тоа место е извор на мојата инспирација. Сите мои дела го одразуваат тоа со фокус на пејзажите“, вели Аница.
Најголем стимул и самодоверба во она што го прави, добила кога нејзин автопортрет во 2019 година бил изложен во Амстердам.
„Инспириран од стилот на Рембрант беше одбран меѓу 8300 учесници од цел свет. Оваа чест беше посветена по повод 350 години од смртта на Рембрант и беше придружена со изложба во Ријкс музејот во Амстердам, каде само 575 дела беа одбрани за претставување. И бев поканета како почесен гостин на отворањето“, раскажува Аница.
Делата на Аница која по професија е мозаичар ги карактеризира специфична техника. Во нивната изработка употребува стакло, пигментиран малтер и камчиња кои ги набавува од Венеција. Сите се со различна големина.
„Кога станува збор за техниката во мозаикот, мојата примарна посветеност е во поставувањето на камчињата. Играта на движење и формата е од суштинско значење за мене, со посебна љубов кон микро мозаикот. Спектарот на бои е лимитиран што ме натера да бидам иновативна во спектарот на користење на боите, за да постигнам посакувани резултати. Затоа во последните две години успеав да ги усовршам техниката на мозаикот и сликарството во една синергија. Тоа што е важно, што мозаикот наликува на слика, а сликата наликува на мозаик“, објаснува Аница.
За изработка на еден мозаик некогаш и се потребни и повеќе месеци, се зависи од неговата големина и густината на камчињата.
„Моите планови се да завршам со моето студирање, а потоа да се надоградувам не само во техниката која ја имам, туку и во кариерата, да изложувам, да бидам самостоен уметник“, вели Аница.
Од 2022 е член на Асоцијацијата за визуелни уметности и мозаик во Равена, Италија, а од 2023 и на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Добитничка е и на бројни други награди во земјава и странство.
(glasnaamerika.com)