Предисторијатот на оваа последна епизода со наводна ксенофобија во СДСМ покажува дека ова спинување е започнато уште во јануари годинава, кога Мизрахи како технички министер, а потоа и разрешена, намерно или ненамерно, зборува дека е цел на кампања која нараснала до ниво на антисемитизам. Овој спин е и опасен и смешен истовремено. Произлегува дека утре ако било каде и било кој напише или искаже критика кон изјава или политичка постапка на Рашела Мизрахи, ризикува веднаш да биде нападнат за антисемит. Апсурдно
ТЕОФИЛ БЛАЖЕВСКИ
Рашела Мизрахи, висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, на својот ФБ профил има изјава во која се детектира спин:
Спин: Мизрахи ја загрози македонската европерспектива е во превод Евреите се опасност за Европа како изваден цитат од говорите на Гебелс и неговиот фирер Хитлер. Очекувам во следната ваква изјава на СДС да бидам нацртана како карикатура со огромен нос и наочари.
ЗНАМ ДЕКА НЕМАТЕ СРАМ, НО МАКЕДОНИЈА СЕ СРАМИ ОД ВАС!
[Извор: Фејсбук – статус на Рашела Мизрахи – датум: 24.09.2020]
Контраспин: Без оглед на прагматичната дилема дали СДСМ имаше потреба во изјава за јавноста да ги коментира старо-новите лица во врвот на главната конкурентска партија, ВМРО-ДПМНЕ, госпоѓата Рашела Мизрахи, поранешен министер во техничката влада што ја предводеше Оливер Спасовски, како и самата партија ВМРО-ДПМНЕ, прават од тоа извртување на вистината, т.е. класичен спин . И тоа не е прв пат.
Што кажа СДСМ на 24.09.2020 година? Богданка Кузевска, портпарол на партијата во изјава за јавноста по повод изборот на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го пренесе следниот став:
… Со изборот на Рашела Мизрахи за член на Извршниот Комитет, се потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ е против интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија. Мицкоски ја избра токму Рашела Мизрахи да го брани пред своите, пред членовите на ВМРО ДПМНЕ, истата која како министерка во техничката Влада ги спроведуваше деструктивните политики на Мицкоски, за што го прекрши Уставот и постоеше опасност да го загрози евроинтегративниот процес на земјата.
Наместо да работи на обезбедување услови за фер и демократски избори, што е и главната е единствена функција на техничката Влада, Мизрахи спроведуваше евтин популизам, водена од партиските интереси и интересите на Мицкоски, за што и беше разрешена од Собранието на Република Северна Македонија. Главната цел на Мицкоски, која што се обидуваше да ја реализира преку Мизрахи, беше да се поткопа успехот на државата и да се загрози процесот за влез во Европската унија…
На ваквата изјава/став на СДСМ, следуваше одговор и од Мизрахи и од ВМРО-ДПМНЕ. Мизрахи обвини за антисемитизам, толкувајќи го ваквиот став на СДСМ како омраза кон „Евреите кои биле опасност за Европа“ и како став кој бил како „изваден цитат од нацистичките лидери Гебелс и Хитлер“. На тоа се надоврза и ВМРО-ДПМНЕ, од каде во кратко соопштение потврдија дека ставовите на СДСМ ги сметаат за антисемитизам:
Очигледен е обидот на СДСМ да ја дефокусира јавноста од своите неуспеси и катастрофални политики. Затоа клевети и манипулира, на нивен познат манир. Со ова СДСМ покажа дека стои зад антисемитската хистерија кон Рашела Мизрахи и Евреите.
ВО ПОЛИТИЧКАТА ОЦЕНКА ЗА МИЗРАХИ НЕМА АНТИСЕМИТИЗАМ
Колку и да е несмасно соопштението на СДСМ и фокусирано врз Мизрахи од толку членови на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, јасно се гледа од цитатите дека во ставовите нема ни „а“ од антисемитизам, ниту, пак, некаде може да се најде линк со Евреите. Во соопштението има оценки дека Мизрахи била „спроведувач на деструктивни политики“, дека со таквото дејствување „го загрозувала евроинтегративниот процес на државата“ и слично. Но, сето тоа се политички ставови и се однесуваат на поведението на Рашела Мизрахи како министер за труд и социјална политика во техничката влада, кое кулминираше со нејзино разрешување поради инцидентот со одржаната прес конференција во МТСП на која имаше табла со старото уставно име „Република Македонија“.
И ова разрешување на Мизрахи тогаш од нејзе беше поврзувано со антисемитизам. На самата седница во Собранието, во својот говор на почетокот на расправата Мизрахи изјави:
Наместо да се фатат со својата работа заврши и кулминира со евтина театарска претстава наречена „Таблата во Министерството за труд и социјална политика“. Јас сум Рашела Мизрахи горда Еврејка од Македонија.
Потоа, дел од медиумите блиски до опозицијата го наметнаа ова како теза. Интересно, и тогаш насловот на еден од таквите медиуми, на веста за разрешувањето, беше идентичен како ова тврдење за антисемитизам на СДСМ што го имаме денес од Мизрахи: Хитлер и Гебелс воскреснаа во Македонија: Разрешена министерката Рашела Мизрахи – пишува „Лидер“. За оваа теза и залажување на јавноста во тоа време има разобличување во форма на рецензија на проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк” што го имплементира Фондацијата Метаморфозис.
СПИНОВИТЕ ЗАПОЧНАА ПО ИЗЈАВИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ
Целата замена на тези за наводниот антисемитизам на СДСМ преку случајот Мизрахи, всушност, започна во јануари 2020 година на социјалните мрежи, кога активистка на СДСМ и член на партиска комисија коментираше околу знаменцата на работните маси на Талат Џафери (албанското) и на Рашела Мизрахи (партиското). Мерсиха Смаиловиќ тогаш напиша: „Тоа е знамето на албанската заедница во Македонија а нејзиното е класично партиско. Да беше Давидовата ѕвезда никому ништо!“
Оваа изјава на Смаиловиќ тогаш се злоупотреби за да се измисли наводен антисемитизам. Како небаре секое спомнување на Давидовата ѕвезда, во било кој контекст, веднаш да е антисемитизам. Но, Смаиловиќ буквално кажа дека нема никаков проблем со користењето на Давидовата ѕвезда. И последователниот спин, се разбира, беше фокусиран токму на терминот „Давидова ѕвезда,“ бидејќи нацистите и нивните сојузници во Втората светска војна ги присилувале Евреите да го носат тој симбол на облеката со цел да ги етикетираат и поттикнат насилство кон нив во рамките на Холокаустот. Без разлика на таа злоупотреба, Давидовата ѕвезда остана симбол и на еврејската вера и на етничката заедница, а во 1948 е усвоена како дел од знамето на Израел.
Но, по ова, се накалемија други изјави кои можеа да се разберат анти-еврејски, како онаа од колумнистот Бранко Тричковски. Но, СДСМ тогaш како партија веднаш се огради и го осуди опасниот говор на социјалните мрежи, вклучително и на членови на СДСМ, а осуда уследи и лично од Зоран Заев.
Според целиот предисторијат на овој наводен антисемитизам кај СДСМ, кој едно време стигна и на насловни страници на израелски весници, може да се види дека станува збор за измислено прашање и за класично извртување на тези и на вистината. Дури и во изјава за весникот „Хаарец“ по разрешувањето, Мизрахи самата признава дека не постои антисемитизам во Македонија, но дека постои политичко сценарио со напади кон нејзе кое се издигнало на ниво на антисемитизам:
Сметам дека тие напади се дел од едно грозно политичко сценарио, кое се искачи на нивото на антисемитизам, спомнува жолти ѕвезди и непријатни вербални напади – вели Мизрахи.
Од погоре изложените аргументи, е сосема јасно дека Мизрахи, намерно или ненамерно, прави извртување на вистината, т.е. спинува кога станува збор за политички изјави насочени кон нејзе од страна на СДСМ, па и од кого било друг, нарекувајќи ги антисемитизам, а во таквиот став спиновите ги поддржува и нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ. Овој спин е и опасен и смешен истовремено. Произлегува дека утре ако било каде и било кој напише или искаже критика кон изјава или политичка постапка на Рашела Мизрахи, ризикува веднаш да биде нападнат дека антисемит. Апсурдно.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери. Опрематае на Глобус