Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

МИЛИВОЈ СОЛАР (2): ПРЕДИЗВИК НА ЗДРАВИОТ РАЗУМ

October 21, 2025 Filed Under: Ревија

Свесниот и доследен еклектички пристап на Солар (1936 – 2025) упорно се спротивставува на приклонување кон каква било строго определена и јасно дефинирана методолошка ориентација или школа на размислување

ОМИЛЕН Солар беше омилен професор меѓу студентите по книжевност

ТОМИСЛАВ БРЛЕК

 

Интересот за надминување на антиномијата помеѓу историциско-позитивистичкото утврдување на фактите на книжевниот текст и естетско-моралната интерпретација на книжевното дело како посебен систем на вредности, во опусот на Солар се остварува како упорно залагање за интензивирање на спознајната размена меѓу науката за книжевноста и филозофијата. Притоа, книжевноста има функција на трајна провокација во рамките на херменевтичкиот контекст што го обезбедува филозофијата, која, за возврат, ѝ овозможува на книжевноста да мисли самата за себе.

Во духот на феноменолошкиот прекин со бескрајната аспектуалност на пристапите кон предметот на книжевноста, насочен кон непосредното искуство на читање на книжевниот текст, Солар ја сфаќа филозофската рефлексија како единствен излез од „лошата бесконечност“ на прагматизмот, бидејќи таа овозможува спознајните достигнувања на науката за книжевноста да се споредуваат меѓусебно, надвор од параметрите на непосредната даденост.

Без разлика дали станува збор за неможноста да се обединат или да се раздвојат „искуството на филозофската репрезентација“ и „искуството на самостојната наука за книжевноста“ – што во двата случаи претпоставува утописка „можност за собирање на целокупното човечко искуство во времето“[ x], токму, како што покажа Рената Јамбрешиќ Кирин, „апоријата е залог за автентичноста на Соларовото говорење за книжевноста и главен насочувач на неговите напори околу и за книжевноста“.

Бидејќи вака сфатеното проучување на книжевноста има за крајна цел нејзино вклопување во динамиката на целокупниот историски развој, интерпретацијата логично се јавува како централен проблем и примарен начин на однос кон книжевниот текст, како и кон различните методологии на негово проучување. Во тој процес, сопствената позиција секогаш се одредува како трајно поместлива точка на привремено согледување на целината.

Во согласност со тоа, свесниот и доследен еклектички пристап на Солар постојано се спротивставува на приклонување кон било каква строго дефинирана методолошка ориентација или школа на мислење. Во реткиот автореферентен коментар – неслучајно во предговорот на единствената негова книга со тематски наслов, која не е прирачник, и која токму затоа може да се смета за најдобро воведно четиво за неговото дело – Солар се осврнува на прашањето за формата на размислување во текстовите што не ги поврзуваат ниту „сродноста на зададените теми“, ниту „некое пошироко подрачје“, ниту слични постапки „во обработката на детали кои би можеле да се сфатат како подготовка за разработка на целината“, и кои, секако, немаат „единствена метода што би ветувала дека резултатите ќе се надополнат“.

Сепак, во целата таа хетерогеност, несомнено е присутен свесен „начин на размислување што не ја смета желбата за систем за нужно доблест, но кој истовремено не може да се задоволи со афоризми“. Бидејќи фрагментот и есејот се форми во кои е невозможно да не се забележи дека „темата, се разбира, не може да се одвои од начинот на обработка“, Солар – во изразита спротивност со распространетата наклонетост „формата да се одвои од смислата, а нивното единство потоа да се согледува исклучиво од аспект на едното или другото“ – свесно се определува за овие форми, пишувајќи, дури, есеи за фрагменти.

Клучно за овој избор, како и за ставот на кој се темели, е токму искуството на книжевноста. Како што Солар веќе недвосмислено има утврдено: „Секое книжевно дело е предизвик за здравиот разум, навиката и обичајот на користење на јазикот.“ Погрешно е да се каже дека јазикот во книжевното дело функционира „на посебен начин“, бидејќи „во книжевното дело јазикот повеќе воопшто не функционира – тој се појавува во димензија на непосредно присуство.“ Токму во тоа Солар ја гледа можноста за отворање на нов хоризонт, бидејќи само „ако јазикот, така да се каже, го трансцендира самиот себе, ако ги преминува границите на сопствената систематичност и ако се насочува кон човечкиот свет кој сè уште се обликува, книжевното дело може да изрази нешто навистина ново.“

Со тоа, пред читателот секогаш одново се поставува барањето да го надмине она што му е познато, во одговор на предизвикот на текстот – а на тој предизвик, пак, мора да одговорат и сите што се занимаваат со проучување на книжевноста. И за авторите, и за читателите, и за истражувачите, непосредното искуство – на кое може да се укаже, но кое не може систематски да се разложи – ги надминува сите усвоени институционални норми и хеуристички протоколи.

ЗАНАЕТ Себе сѐ оценуваше како „занаетчија“ кој се бави со темите од книжевноста

ПОЛИТИЧКА МЕТАФИЗИКА Во светло на доминантните тенденции во академското проучување на книжевноста во последните неколку децении, од пресудна важност е тоа што Солар изрично нагласува дека напорот ќе остане без исход доколку во него се подметне било „психолошка или социолошко-политичка метафизика“, било „импровизација на приватна метафизика “ на поединечни автори“, наместо дисциплината на критичкото мислење, (која, никогаш не е излишно да се повтори, се остварува токму во постојано избегнување на формализацијата).

Иако пошироката јавност го познава пред сè како автор на Теорија на книжевноста – учебничка синтеза што, во три децении од 1976 до 2005 година, доживеа дваесет изданија (од кои седмото, во 1982 година, беше преработено, а шеснаесеттото, во 1994 година, преработено и дополнето) – Солар, во светлината на сопствените определби, во своето пишување повеќе се покажува како филозоф на книжевноста отколку како нејзин теоретичар.

А бидејќи тоа подразбира „нужна свест за нецелосноста и релативноста на секој теоретски образец и секоја периодизација“, неговата цел не можела да биде ниту каталогизација на критички правци, ниту класификација на историски промени на интересите, а најмалку кодификација на псевдопарадигматски гноми.

Како што за неговите компендии на книжевнотеориски пристапи (Модерна теорија на романот), лексикони на критичка терминологија (Речник на книжевна терминологија, Книжевен лексикон) и расправи за облици како што се митот (Цар Едип), прозата воопшто (Идеја и приказна; Теорија на прозата; Митот за авангардата и митот за декаденцијата) и романот посебно (Смртта на Санчо Панза; Романот и митот; По смртта на Санчо Панза)  е карактеристичен еклектицизмот на методата, насочен кон нудење прагматични терминолошки и концепциски решенија, така и во неговите читања на поединечни дела, засновани врз феноменолошката традиција, централно место има конститутивно недофатливото искуство на книжевноста, кое, иако индивидуално условено, во својата доживувачка структура би требало да биде заедничко.

Токму прашањето за односот меѓу начинот на спознавање на книжевниот текст и неговата спознајна вредност суштински ги определува и низа трудови посветени на посебни проблеми –  од потребата за пронаоѓање начела на периодизација на историјата на книжевноста поради очигледната недоволност на духовноисторискиот модел на нижење  аксиоматски одделени периоди (што најдетално е разработено на примерот на модернизмот и постмодернизмот, кои се повеќепати разгледувани и анализирани), преку дефиницијата на природата на уметничката проза преку нејзината предметност, а не преку применетите средства на претставување (што го илустрираат анализите на парадигматските дела како „Срцето на темнината“, „Записите на Малте Лауридс Бриге“, „Процес“, „Мајсторот и Маргарита“, „Бука и бес“, „Странецот“, „Молој“ и „Ако една зимска ноќ некој патник“), па сè до толкувањето на жанровите, видовите и формите (мит, новела, роман, есеј, виц, па дури и трач) како јазично обликување на одредено искуство на светот и животот.

ХЕГЕЛОВИОТ ЦРН ЦВЕТ И покрај тоа што Солар повторувано се спротивставуваше на идејата за систематизиран пристап кон книжевниот текст, како и на строго определена жанровска и дискурзивна рамка, неговиот опус покажува јасна скепса кон текстуалните ефекти. Како што забележува Андреа Златар, тој опус ја опфаќа „најшироката лепеза облици на научната проза – учебник, научен текст, предавање, есеј – преку кои се гледа личната авторска еволуција, поврзана со постепената смена на научните парадигми“. Врз оваа основа Солар ја заснова својата сигурна убеденост во извесноста на интерпретативниот консензус.

Во согласност со начелото на херменевтичкиот круг, смислата на текстот „постојано се остварува во читањето и разбирањето“, но конечната проценувачка инстанца останува надвор од дофатот на самиот текст: „Вистината, односно некоја концепција на стварноста, секогаш е позадината врз која уметноста се остварува, и без разбирање на таа проблематика нема ниту вистинско разбирање на уметноста на едно книжевно дело.“

Од друга страна, постојаното промислување на условите на можноста за мислење неминовно води кон хегеловска регресија: „Не можеме, всушност, да препознаеме само препознавањето; тоа би барало да бидеме свесни не само дека нешто разбираме, туку и за самиот чин на разбирање.“ Но токму од таа неможност произлегува постојаното движење на мислата.

Таквиот спознаен релативизам, меѓутоа, ниту најмалку не води кон аксиолошки релативизам. Напротив – токму поради него, изградувањето систем на вредности се покажува како нужно.

Расправајќи за проблемот на губењето на вкусот (Предавања за лошиот вкус; Критика на релативизмот на вкусот), Солар се спротивставува на хегемонистичките тенденции во културата и во истражувањето на книжевноста, каде што плурализмот лесно се претвора во произволен догматизам. Така книжевната комуникација се сведува на мит и трач, а категоријата вкус – на мода.

Вкусот, кој бара и знаење и искуство, секогаш претпоставува традиција. Модата, напротив, своето потврдување го наоѓа исклучиво во сегашноста. Најголемата опасност, сепак, лежи во тоа што модата не остава можност за избор, зашто бара да ѝ се следи, додека вкусот – препорачува и води, развивајќи самосвест за избраните вредности.

Дека теориската мисла на Миливој Солар, во текот на повеќе од половина век во кој се занимаваше со различни прашања и појави, посветувајќи се на повеќе нивоа на проблеми, се развивала систематски и доследно, најдобро се гледа од забелешката на Владимир Бити, кој истакнува дека Солар постојано ја застапувал „таканаречената хуманистичка линија во традицијата на западноевропската филозофија“ и, во согласност со неа, ја афирмирал идејата за човекот кој, преку труд и говор, трансцендирајќи ја сопствената субјективност, ја создава човечката историја. Притоа, систематското мислење го сметал за единствено навистина критичко филозофско мислење, „бидејќи се спротивставува на опасноста дека, поради неуспехот на традиционалната естетика, ќе прибегне кон ирационализам, мистика и теологија, и со тоа – потајно, но уште посрамно – ќе падне во замката на реставративната идеологија.“

Овој став е изнесен децении пред Солар да ги објави книгите во кои подоцна ќе ги разработи бројните аспекти на токму таа општо присутна опасност.

Својата нова книга, есеј за новелите на Чехов, Жак Рансиер ја завршува со тврдењето дека ситуацијата во која слободата е „сè уште далеку, а растојанието што нè дели од неа не може да се измери, исто како ни патот што води до неа,“ истовремено претставува токму тоа растојание како врска со слободата. Во своето пишување, Чехов, за разлика од „заточениците на прогресот“ кои се претставуваат како патокрчачи кон иднината, и нихилистите кои прогласуваат дека „секоја иднина е празна, освен онаа во која и поединците и цивилизациите ќе се вратат во прав,“ „тврдоглаво ја исцртува“ оваа состојба постојано одново — состојба што би можела да се нарече „политика на книжевноста.“

Во контекстот на општото препуштање на славењето на бујната униформна различност и ексклузивната инклузивност, што ги застапуваат самопрогласените ревалоризатори на сè постоечко –  според кои афоризмот е мисла, идентификацијата политика, а уметноста е афирмација, додека критиката е денунцијација – најсоодветно би било да се потсетиме на Соларовото читање на Хегеловата иронична забелешка дека животот се претворил во „весела шаренолика греда цвеќиња меѓу кои, сепак, нема црни“:

„Црниот цвет за Хегел, се разбира, е филозофијата, која не поднесува шаренило; црната боја тука не е симбол на смртта, туку симбол на длабочината, која, секако, секогаш е темна кога се гледа од нивото ‚под кое не смее ни да се погледне.“

Тој далекусежен и лаконичен заклучок покажува дека судбината не беше комедијант кога реши Миливој Солар да почине на истиот ден како и четири месеци помладиот Роберт Редфорд – небаре сакаше да укаже дека обајцата беа обележани со исклучително ретка доблест на лежерно мајсторство и ненаметлив авторитет, произлезени од сериозното сфаќање на сопствената работа, а не на самите себе. Доблест која, во споменатата традиција, е позната под името sprezzatura.

(Превела ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА)

Filed Under: Ревија

ПО ПРВИОТ КРУГ: ВМРО-ДПМНЕ ГО ГУБИ ГЛАСАЧКОТО ТЕЛО АМА ПАК ПОБЕДУВА
КАКО ИЗЛЕЗЕ ТРКАТА МЕЃУ ФАВОРИТИТЕ ВО АЛБАНСКИОТ БЛОК
ЕВРОИНТЕГРАЦИИ: ЦРНА ГОРА И АЛБАНИЈА ОДАТ ПОНАТАМУ
MАКЕДОНСКИТЕ ФИЛМАЏИИ ЖНЕАТ НАГРАДИ ПО СВЕТОТ
УРСУЛА ФОН ДЕР ЛАЈЕН И СОСТОЈБАТА СО МЕДИУМИТЕ НА БАЛКАНОТ НА ЛОКАЛНИТЕ ЛИДЕРИ?

Најново

  • ПО ПРВИОТ КРУГ: ВМРО-ДПМНЕ ГО ГУБИ ГЛАСАЧКОТО ТЕЛО АМА ПАК ПОБЕДУВА
  • КАКО ИЗЛЕЗЕ ТРКАТА МЕЃУ ФАВОРИТИТЕ ВО АЛБАНСКИОТ БЛОК
  • ЕВРОИНТЕГРАЦИИ: ЦРНА ГОРА И АЛБАНИЈА ОДАТ ПОНАТАМУ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet