Најголем регион по површина е пелагонискиот, кој има и најмногу населени места, околу 343, но се одликува со мала густина на населеност од 50 жители на километар квадратен, додека најмалиот регион, скопскиот има изразито густа населеност од 319 жители на километар квадратен и апсорбира повеќе од една четвртина од вкупното население
AНЕТА ДОДЕВСКА
Милионски суми во евра секоја година „легнуваат“ на локално ниво со клучна цел – рамномерен регионален развој кој треба да обезбеди пред се економски развој и подобар животен сТандард. Какви проекти нудат локалните власти, кој ги селектира и кој одлучува дали ќе се реализираат, колку пари годишно се одвојуваат за рамномерен регионален развој и колку Центрите за развој на планските региони ја исполнија својата мисија – „Порталб“ во неколку продолженија ќе даде одговор на овие прашања поврзани со трошењето на непоратни државни средства а чија цел е подобрување на живеачката на граѓаните.
Според законската регулатива, државни средства во висна од 1% од БДП треба да завршуваат за поддршка на регионалниот рамномерен развој. Но, сумата за оваа намена е далеку помала, но сепак се работи за милионски износи кои секоја година во форма на неповратни средства завршуваат на локално ниво – со цел да се реализираат стратешки проекти кои треба да го подобрат стандардот на граѓаните.
„Полошкиот и југозападниот регион се издвојуваат според високото учество на населението кое живее во руралните средини, додека во другите региони руралните населби се поретко населени. Најголем регион по површина е пелагонискиот, кој има и најмногу населени места, околу 343, но се одликува со мала густина на населеност од 50 жители на километар квадратен, додека најмалиот регион, скопскиот има изразито густа населеност од 319 жители на километар квадратен и апсорбира повеќе од една четвртина од вкупното население во Македонија“ – наведуваат од Бирото за рамномерен регионален развој.
На сметките на Центрите за рамномерен регионален развој годнава, според Програмата за рамномерен регионален развој 2020 та, се планирани да легнат 7 500 000 евра. Дополнително уште 209 000 евра се обезбедени и преку Министерството за локална самоуправа. Сите овие средства се наменети за неповратно финансирање на проекти но и за алиментирање на активностите и задачите на самите центри.
На официјалната веб страна на Бирото за регионален развој, кое, меѓу другото, е и контролор на реализацијата на проектите и начинот на трошење на средствата за проектите, од почетокот на годината се објавени јавни повици за развој на подрачјата со специфични развојни потреби во износ од 1,5 милиони евра и за развој на селата во износ од 750 000 евра. Секој од осумте плански региони од сумата за развој на селата ќе добие поеднаков дел во износ од 95 000 евра. Овие средства во однос на лани се зголемени, кога биле на ниво од 1,3 милиони евра за развој на подрачјата со специфични развојни и 671 000 евра за развој на селата.
„Целта на Програмата за рамномерен регионален развој е да се намали диспаритетот, разликите во развојот во различните плански региони. Ние сега имаме региони кои се многу повеќе развиени од други, кои се со низок степен на економски развој. Општините се тие кои ги утврдуваат приоритетните проекти со кои се аплицира до Центрите за рамномерен регионален развој а кои се одобруваат во Советот за развој на планскиот регион во кој членуваат градоначалниците на општините опфатени во планскиот регион. Конечниот збор за тоа кои проекти ќе добијат државни пари се носи на централно ниво, односно најпрво поминуваат во Министерството за локална самоуправа а потоа и во Националниот совет за рамномерен регионален развој во кој членуваат и министри од различни сектори“ – објаснува за „Порталб“ директорот на Бирото за рамномерен регионален развој Рамиз Реџепи.