Јазикот и идентитетот на Македонците не му нанесуваат штета на никого – напротив, тие се дел од светското културно наследство и заслужуваат почит и грижа – вели грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас

Љубовта кон македонскиот јазик се роди од потребата да се поврзам суштински со луѓе кои беа потиснувани само затоа што го зборуваа својот јазик. Мојата ангажираност со македонскиот јазик и литература, сега е дел од мојот идентитет. Тоа е чин на солидарност и отпор кон заборавот, неправдата и потиснувањето. Културната разновидност не претставува закана, туку збогатување. Македонската поезија заслужува да се слушне не само затоа што е естетски вредна, туку затоа што ја носи душата на еден народ. Поезијата не е само за читање, туку и за да нè натера да размислуваме, да чувствуваме и да се разбереме подобро едни со други. Денес постојат нови можности за соработка и за претставување на македонската поезија во Грција, како и на грчката поезија на македонски јазик.
Ова се само дел од пораките што на „Деновите на поезијата“ ги упати најновиот афирматор на македонскиот јазик и книжевност во Грција, Сотирис Минас. На манифестацијата, тој гостуваше на покана на Фондацијата „Ацо Шопов Поезија“, којашто заедно со Скопје Сити Мол, во соработка со неколку институции го организираше и второто издание на „Денови на поезијата“. Во рамите на програмата на манифестацијата се одржа и настанот „Македонско-грчки поетски координати“ за којшто Минас специјално допатува од Атина. На настанот, разговорот со него го водеше книжевникот Иван Антоновски, асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Македонскиот јазик го учевте самоиницијативно. Вклучително и преку македонската поезија. Во секој Ваш настап се препознава
љубов за македонскиот јазик, книжевност и култура. Од каде доаѓа таа љубов? Од каде толкава приврзаност за македонската реч?
– Мојот однос кон македонскиот јазик и таканареченото македонско прашање не е случаен; тој е плод на подлабока потрага што произлегува од моите сопствени вредности. Од мали нозе чувствував потреба да оспорувам сè што се претставува како очигледно. Не ми беше доволна „официјалната вистина“ – сакав да допрам до коренот на работите и да формирам сопствен суд. Иако немам македонско потекло, таа внатрешна потреба ме доведе, околу мојата 25-та година, до подлабоко истражување на македонското прашање. Преку истражувањето почнав да разбирам колку е изопачена историјата и колку систематски е потиснато постоењето на еден цел народ. А кога, неколку години подоцна, лично ги запознав Егејските Македонци, сè што дотогаш го имав прочитано доби човечка форма. Нивните сведоштва за прогон, страв и репресија ме обележаа. Се чувствував како да слушам приказни за моето сопствено семејство, за моите предци. Таа идентификација беше клучна. Љубовта кон македонскиот јазик се роди од таа емоција. Тоа беше длабока потреба да се поврзам суштински со луѓе кои беа потиснувани само затоа што го зборуваа својот јазик. За мене тоа не беше само јазичен избор – тоа беше морална позиција. Помислив: ако кај Македонците е посеан страв да го зборуваат својот јазик, тогаш еден Грк ќе го научи и ќе го зборува тој ист јазик по сопствен избор – и со гордост. Како што го проучував јазикот, дојде и литературата – пред сè поезијата. Открив неверојатен литературен свет, исполнет со емоции, историска меморија и човечка достоинственост. Тоа е поезија што заслужува да се слушне – не само затоа што е естетски вредна, туку затоа што ја носи душата на еден народ. Мојата ангажираност со македонскиот јазик и литература, сега е дел од мојот идентитет. Тоа е чин на солидарност и отпор кон заборавот, неправдата и потиснувањето.
Годинава чествуваме и 100 години од Абецедарот и 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Вие се интересирате и за историјата на македонскиот јазик, и за историјата на македонската
книжевност. Што од сцената би испратиле како порака по овој повод како човек што алтруистички гради мостови меѓу двете култури и двата народа? Како би ги синтетизирале Вашите досегашни сознанија, а од друга страна Вашите емоции за македонистиката?
– Издавањето на „Абецедарот“ пред 100 години претставува многу важен настан во историјата на македонскиот јазик. Иако ова признавање од страна на грчката држава беше ограничено и краткотрајно, сепак останува значаен доказ дека македонскиот јазик постоел и бил институционално признаен, макар и за краток период. Ова признавање, колку и да беше привремено, укажува на постоењето на македонскиот јазик и на идентитетот на Македонците во Грција, и претставува важна пресвртница во историјата на малцинствата во земјата. За жал, издавањето на „Абецедарот“ и ден-денес останува речиси непознато за пошироката јавност во Грција. Иако постоеше повторно издание од издавачката куќа „Батавија“ во 2006 година, малкумина знаат за неговото постоење. Голем дел од грчкиот народ и понатаму верува дека во Грција не се зборува некаков македонски јазик, а дури и луѓето кои го зборуваат, често го нарекуваат „допја“, односно „локален јазик“ – било од незнаење, било од страв, или пак од интернализирана стигматизација.
Теориите кои тврдат дека овие „локални“ јазици се мешавина од повеќе јазици или дека содржат елементи од старогрчки дијалект, за жал, се распространети. А што е уште поиронично, тие теории се поддржани од познати историчари и лингвисти. Тоа го велам не за да го клеветам грчкиот народ – инаку и јас сум Грк, туку за да покажам колку влијание може да има државната пропаганда и перењето мозок на народите. Сепак, верувам дека оваа ситуација може постепено да се поправи. Веќе се направени некои чекори, особено со признавањето на македонскиот јазик во 2018 година од страна на грчката држава.
Што се однесува до кодификацијата на македонскиот јазик во 1945 година, ја сметам за пресвртница во историјата на македонската литература. Политичката ситуација во Југославија по Втората светска војна беше одлучувачка за признавањето на етничките и јазичните групи, создавајќи институционална рамка што овозможи кодификација на јазикот и, истовремено, развој на современата литература на македонски јазик. Така се роди цел свет на литература со огромна динамика, кој го истакна јазикот како носител на културата.
Како македонист и мост меѓу двете култури, сакам пораката која се испраќа по повод оваа двојна годишнина да биде дека културната разновидност не претставува закана, туку збогатување. Јазикот и идентитетот на Македонците не му нанесуваат штета на никого — напротив, тие се дел од светското културно наследство и заслужуваат почит и грижа.

Вие сте најновиот афирматор на македонската книжевна реч во денешна Грција. Но, ако се навратиме наназад, „допирот“ на македонската современа поетска реч со современата грчка култура и општество се случува уште во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век. Во 1960 година, во Ташкент, „Бели мугри“ на Кочо Рацин е објавена во препев на грчки јазик на Васко Караџа. Впрочем, ова е и првиот превод на книга од македонски на грчки јазик. Потоа, во препев на Викторија Теодору, „Бели мугри“ е објавена и во Атина, во 1978 година. Од оваа временска дистанца денес, како го „читате“ препејувањето и објавувањето на Рацин на грчки јазик? Колку Рацин допре до грчкиот аудиториум? Колку може да биде актуелен и денес?
– Поезијата на Кочо Рацин, со длабоката социјална димензија и хуманистички говор, е во сродство со други големи грчки поети од подоцнежниот период, како Јанис Рицос, Манолис Анагностакис, Тасос Ливадитис и други, кои исто така ги претвориле социјалните проблеми и класните нееднаквости во поетски дела исполнети со емоционална напнатост и хуманистичка чувствителност.
Рацин, со чистотата на неговиот израз, му даде глас на обичниот трудбеник, работникот, земјоделецот, и непокорниот дух на секојдневниот човек. Критиката на социјалните структури, осудата на потиснувањето и експлоатацијата, како и фокусот на колективноста и солидарноста, го поврзуваат делото на Рацин со грчката социјална поезија, во заедничка потрага по правда и човечност.
Поезијата на Рацин, иако се фокусира на социјални теми, не се ограничува само на нив. Таа има и интензивен еротизам, кој ги приближува човечките односи со истата автентичност и емоционална напнатост која ги карактеризира неговите политички теми. Овој комбиниран аспект на неговата поезија го прави неговото дело богато и многустрано. Иако изданијата на Рацин во 1960-те и 1970-те имале извонредна културна и историска значајност, не успеале да најдат поширока популарност која ја заслужуваат. Препевите на „Бели Мугри“ од Васко Караџа и Викторија Теодору беа направени во тежок период, кога големите издавачки куќи не беа подготвени да објават дела кои силно го истакнуваа националниот идентитет на Македонците, и пред сѐ, македонскиот јазик.
Денес, сепак, делото на Рацин изгледа како да може повторно да најде популарност меѓу грчката читателска публика. Современото грчко општество се соочува со слични социјални и политички проблеми, како што се сиромаштијата, нееднаквоста, несигурноста и социјалната изолација. Темите на потиснувањето, експлоатацијата и човечката достоинственост остануваат актуелни, и поезијата на Рацин продолжува да нуди силен глас за секојдневниот човек, кој може и денес да нè воодушеви и да нè научи.
Политичките и социјалните услови можеби се промениле, но потребата за социјална правда, отпорност против потиснувањето и заштита на човечката достоинственост остануваат актуелни прашања кои Рацин ги изразува и повеќе од доволно.
(поголемиот дел од интервјуто мжеѕе да го прочитате на следниот сајт
– https://www.vecer.press/minas-ako-kaj-makedonczite-e-posean-strav-da-go-zboruvaat-svojot-jazik-togash-eden-grk-ke-go-nauchi-i-ke-go-zboruva-toj-ist-jazik-so-gordost/