ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Кај ВМРО-ДПМНЕ, тоа е правило, да ги ориентираат луѓето кон минатото, а кое веќе добро се остварило и е прилично непотребно, за разлика од недоволното остварување на социјалните и демократски идеали за еднаквост, праведност, развој, итн. кои мора да се подобруваат во иднината. ВМРО-ДПМНЕ, просто, нема пракса во насока на остварување на таква егалитарна добробит
Живее тука еден парадокс на истовремена инклузивност и ексклузивност од страна на партиите кон индивидуи и идеи, како иста категорија на организации со, генерално, исти заложби, ама воедно и спротивни. Прво, за ексклузијата на двете маркантни поларни страни во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ остро ексклудира сѐ што не е по нивната дефиниција „вмровско” (или самите како би декларирале – македонско), а таа дефиниција е тесна, тесна, како најмини фустанче „од овде, до овде”. Ексклудираните се предавници и точка. СДСМ има незгода со ексклудирање бидејќи идеолошки промовира инклузија, но некако има лизгави раце – и кога не сака, ексклудира, бидејќи квалификациите за инклузивност се претежно истите од нивната идеологија – недоволно популарни. За инклузија во социјалната политика мора да се признае дека социјалдемократите направија навистина европски, хуман отскок овде за доста социјални категории, но како организација во целина не успеа и за себе доволно да ги популаризира. За возврат, квалификациите за инклузија на националистичките конзервативни за сопствената организација се многу „мазни“, таа може и шуто и рогато да прими. Но, ексклудирањето го правеше на социјалните категории – сите деца со посебни потреби на куп ексклудирани, сите пензионери, невработени, студенти и сиромашни да се доосиромашат да не пречат на статистиките и да се „привикаат“ во партијата. Значи, социјалдемократите имплементираа инклузија за социјалните категории, не успевајќи во инклузивноста за сопствената организација, а конзервативните инклудираа сѐ што стигнаа во себе, но не се залагаа за инклузија на разните социјални категории во општеството, дури и се стремеа кон ексклузија, како што сѐ уште се многу експлицитни за некои од маргинализираните.
Но, и двата пола (прогресивните и конзервативните) сметаат дека нивната идеологија води кон добро на државата. Ова влече да се помисли – па може да се направат некои компромиси, баланси, слаломи, па да се договорат за наше добро – продолжеток на преговорите со ЕУ, најпосле, ВМРО-ДПМНЕ довикнува и се крева на прсти од задните редови на проевропски ориентираните, да не случајно изоставиме да сметаме дека е проевропски настроена. Не знаеме, додуша, дали тоа реално значи дека прифаќа оти ЕУ е прогрес за Македонија. Но, тоа што нѐ повлекува да помислиме „двете се ок” или „двете се за никаде” е погрешно, бидејќи точно во таа точка – за „нашето заедничко добро” престануваат сите пресеци, дијалектики и патеки од едноставна причина: Колективното добро може да биде остварено исклучиво во иднината.
Оваа вистина е апсолутна и просто аксиоматски јасна, а заради својата содржина, со неа е конгруентна исклучиво идејата на прогресивната јавност:
– обезбедување на можности и праведен третман за сите во општеството и инклузивни, добри социјални политики,
– владеење на правото со добар судски систем кој ги афирмира индивидуалните права,
– стремеж кон добра економија од која има бенефит мнозинството од населението,
– пристап до квалитетно образование кое би овозможило и технолошки развој, а и развој и надоградување на инфраструктурата,
– пристап до евтини, а квалитетни здравствени услуги,
– чиста и здрава животна средина, храна, вода, воздух итн.
Мислам, јасна е дефиницијата на добробитта. И таа е секогаш ориентирана кон подобрување, што значи планирање барем на насоката на иднината. Ако некој се прашува што е патриотизам, тогаш ова планирање на добробитта на секоја индивидуа во државата, преку колективни дејства кои се реперкуираат позитивно индивидуално – никако не би можела да се заобиколи во дефиницијата на патриотизмот.
Но конзервативните сили се ориентирани кон минатото. Концентрацијата им е на традиционалните вредности, културниот идентитет и националниот суверенитет, па затоа патриотизмот го претставуваат како зачувување на традициите, културното наследство, националниот идентитет, заштита на границите, и сѐ што обезбедува континуитет со минатото. Но, минатото, веќе се остварило во стабилните граници, во недвосмисленоста на националниот идентитет, културното наследство не е во прашање, а за традициите кои се корисни и денес – никој не ни мислел да ги напушта, иако со изумирањето на занаетите некои работи се изменети во изработката, но не и заборавени. Автентичноста е постигната, што значи конзервативноста ја одиграла својата улога и може да олабави со неприфаќањето на новите начини, бидејќи за некои идни конзервативци денешните прогресивни начини ќе бидат традиционални вредности. Зошто да нема, на пример, одбележување на нови празници во иднината кои се должат на прогресот денес, кога знаеме и гледаме дека востанијата, војните, „пушка в рака” се анахрони, комплетно нескладни со постигнатата добробит во сегашноста?
Значи, поларната тензија во нашето општество е меѓу граѓаните кои се иднински ориентирани, кон подобрување на сегашноста, и сонувачи за минатото. Еве да замислиме: Како, на пример, одбележувањето на националните празници креира подобра иднина? Како зачувувањето на традициите, кои и онака заради технолошкиот напредок не се сосем оние оригиналните – креира подобра иднина? Како постојаното поставување прашања за идентитетот го зајакнува и како тоа, пак, обезбедува подобра иднина? Како може сите овие конзервативни маркери да се споредат со добрите социјални, образовни, здравствени, еколошки политики, со владеењето на правото, со намерата за технолошки и инфраструктурен развој? Конзервативните маркери така не се веќе ни вредности, каква добробит се произведува од нив? И да се произведува, тогаш не за секого, не рамноправна, не слободна добробит, бидејќи конзервативните, евидентно се поделени на „господа“ и „раја“: „Рајата“ сонува приказни и бајки од минатото, болно анксиозно не мислејќи на реалистичната добробит во иднината – тоа е така тешко, а „господата“ ги нудат приказните од минатото и опортуно си градат политичка кариера врз тоа, со оглед дека повеќе нема некои особени потреби од конзервација на минатото – тоа резултирало со суверена република, цврсти граници, многу пријатели, стратешки партнер САД, зачуван чист македонски јазик.
Тешко може да се поверува дека ова не го гледаат во ВМРО-ДПМНЕ. Сигурно им е јасно и затоа многу е сигурно дека, иако ги рецитираат приказните и бајките за минатото, иако релативно успешно си протуркаа лага која тлее во „рајата“ како страв за македонскиот јазик и нека им служи на чест, иако се држат за оградата на дефинициите на конзервативизмот, тие, како „господа“, самите не си веруваат во нив, туку ги користат како алатка за освојување на сопствената, но неегалитарна добробит. Не може да се рече дека и во СДСМ нема слични „господа“, но кај ВМРО-ДПМНЕ тоа е правило, поради изборот да ги ориентираат луѓето кон минатото, а кое веќе добро се остварило и е прилично непотребно, за разлика од недоволното остварување на социјалните и демократски идеали за еднаквост, праведност, развој, итн. кои мора да се подобруваат во иднината. ВМРО-ДПМНЕ, просто, нема пракса во насока на остварување на таква егалитарна добробит. Сигурно има некои точки од искрени желби, но тоа не е доволно за план, за добра насока на иднината, а колективното непланирање, или погрешно планирање, а можеби дури и тотална антитеза со македонскиот конзервативизам како идеологија е евидентно од тоа што е организација со најмногу бугарски пасоши и меѓу „господата“ и меѓу „рајата“. Да се надеваме дека континуитетот со Ванчо Михајлов им спаѓа само во дрдорење без знаење. Сите тие бугарски „херои“ со финтата Македонија да е посебна за да се спои со Бугарија, сите се антитези на македонските конзервативни вредности. Тогаш би излегло прилично очигледно дека ветото за ЕУ што ВМРО-ДПМНЕ ѝ го става на Македонија е услуга за бугарското и/или српското националистичко подземје, бидејќи Македонија во ЕУ не може да се припојува ваму или таму.
Сепак, заедно со нивната жедна желба за авторитаризам, евидентна од едно-едно „фрлањето во затвор“- муабетите пред микрофон, причината за облекувањето во било што спротивно од прогресивност (па се викало тоа и „конзервативизам“) изгледа многу попрозаично: Првото поглавје од Рамката за преговори со ЕУ е правото, правдата, судството и соодветните институции. Тоа е обука и полагање испит. Колку на ВМРО-ДПМНЕ е тоа од интерес да биде како што треба, секој може да процени, ама чесно да процени. А потоа нека процени и за тие што ја туркаат работата кон ЕУ. Дали навистина никој овде не сака корупција и ако не сака, дали навистина „немешањето“ на ЕУ би ја остварила таа цел или потребна е надворешна евалуација, препораки и знаење. Ајде помалку бајки и недозреани горделивости, а повеќе скромност и признание дека иднината се освојува чекор по чекор со помош од некој кој знае, со оној за кој одамна сме определиле дека го има знаењето – Европската Унија.