„Биди видлив гнидо, куршумот кај и да е ќе те стигне“ – гласи заканувачката порака од профилот со назив „Александар Антиќ“ во кој е наведен податокот дека е од Скопје, упатена кон Џабир Дерала, за колумната „Снајперисти со врзани очи“.
На профилот „Александар Антиќ“ се наоѓаат објави за извесен Александар Петровски, така што постои веројатност дека се работи за исто лице. Профилот „Александар Антиќ“ објавува фотографии на семеен човек, родител, кој и на профилната фотографија е со бебе во рацете. Исто така, според наведениот профил, може да се заклучи дека е член или симпаризер на ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно, лицето што се крие зад овој профил, е мразач, кој одвреме-навреме добива желба да „свирне некому куршум“.
Профилот „Александар Антиќ“ долго време е опседнат со ЦИВИЛ-ите. На 21 ноември 2021 објави видео од Петрит Сарачини, поранешен член на Извршната канцеларија на организацијата, при што напишал коментар: „Тешко и болно ќе биде одстранувањето на хемороидите од Civil MK од анусот на заеф. Затоа да ги поддржиме со песна“.
Две години подоцна, истиот лик кој тогаш пишуваше дека „ЦИВИЛ-ите ги плаши вистината“, денеска се обидува да ги заплаши со куршум!
Според податоците и објавите на Фејсбук профилот „Александар Антиќ“, покрај „семејните вредности“, ги застапува и вредностите на Путин, Вучиќ, Ќосето… и споделува пораки и објави со поддршка на анти-НАТО, анти-ЕУ, антизападна и националистичка пропаганда.
Зад профилот „Александар Антиќ“, врз основа на објавите и фотографиите, може да се претпостави дека најверојатно стои лицето Александар Петровски, особено ако се има предвид дека профилот често ја рекламира фирмата што е во негова сопственост. Според тоа, ова лице има фирма која се вика „Ролпласт Лисиче“ што се занимава со производство на ПВЦ врати и прозори.
Во „слободното време“ човекот зад профилот „Александар Антиќ“, според сите показатели, Петровски, посетува семинари и обуки финансирани од ЕУ, (а не од Путин и Русија), заедно со сопругата Александра Петровска, претседателка на здружението ЗЕОООП (Здружение за значење на еколошкото образование во осовременување на образовниот процес), и наставничка во ООУ Александар Македонски во општина Аеродром.
И таа, „веројатно“ како одделенски наставник, се нашла повикана да коментира на текстови објавени на ЦИВИЛ Медиа.
Уште пред две години на еден текст на Џабир Дерала, Петровска коментира: „За писменоста имате нулаааа. Наместо фала македонски збор е благодарам. Но за Вас писменоста не е битен момент“.
Мониторинг тимот на ЦИВИЛ (ЦМТ) располага со уште податоци за партиската поврзаност на овој брачен пар, како и поврзаноста со еден градоначалник од истата партија, како и за низа други „граѓански“ активности. Во мреѓувреме, како што пишувавме, „Александар Антиќ“ јавно напиша дека куршумот, кај и да е, ќе го стигне Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
Тимот на ЦИВИЛ изразува надеж дека госпоѓата го отворила линкот од Дигиталниот речник на македонски јазик што ѝ го достави админот на ЦИВИЛ и дека во меѓувреме ги описменува учениците како што треба.
(ЦМТ)