Меѓународните финансиери покрај оваа констатација заклучуваат дека јавните финансии се на добар пат а даночната реформа треба да се усвои. Во никој случај да не се удоволува на екстремните барања за повисоки плати
Даночната реформа и данокот на солидарност треба да се усвојат поскоро, без понатамошни одложувања. Потребно е ограничување на платите во јавниот сектор, за да се избегне големо оптоварување на јавните финансии и поттикнување на високата инфлација. Ова се накусо заклучоците за фискалната политика на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од Жак Миниан, која ги разгледуваше економските состојби и политики во земјава на почетокот на јуни, во рамки на програмата за користење на Линијата за ликвидност и претпазливост (ПЛЛ).
Како што се посочува во соопштението, објавено од страна на ММФ, во тек е економско закрепнување на земјава, со реален раст на БДП проектиран на 2,1 отсто за оваа година, и 3,4 отсто во 2024 година. Инфлацијата, исто така започна да опаѓа и се очекува истата годинава да се сведе на 9,2%, следната на 3,5%, додека до 2026 да се врати на стапката од 2%.
Од Фондот истакнуваат дека јавните финансии се на добар пат и дека очекуваат дефицитот да биде во рамки на усвоениот со Буџетот за 2023 година. Сепак, како што нагласуваат, доцнењето во усвојувањето на даночната реформа и данокот на солидарност, може да влијаат на даночните приходи. Во овој контекст, тие препорачуваат даночната реформа, во чие дизајнирање имаше придонес и ММФ и која имаше долг период на консултации со јавноста, треба да се усвои без одлагање, исто како и данокот на солидарност. Напорите за подобрување на наплатата на даноците треба да продолжат и понатаму.
Во однос на платите во јавниот сектор, од ММФ посочуваат, дека во Буџетот на централната влада веќе има простор за зголемување на платите за околу 10%, вклучително и усогласувањето на минималната плата оваа година. Сепак сè што е над ова би создало големо и трајно оптоварување на буџетот, а исто така би било ризик по другите суштински трошоци. Големите покачувања на платите во јавниот сектор, исто така, се ризик привремено високата инфлација да се претвори во постојано висока инфлација – сезаклучи во средбата со НБ.
Во однос на цените на електричната енергија, од Фондот нагласуваат дека блок-тарифите се значаен чекор во вистинска насока. Сепак, како што истакнуваат, цената на струјата за домаќинствата кај нас останува високо субвенционирана и меѓу најниските во Европа. Тие посочуваат дека треба да се продолжи со реформата, да се зголеми енергетската ефикасност и полека да почнат да се исклучуваат субвенциите.
Инфлацијата започна да забавува, помогнато од пониските цени на енергијата и храната, но и како резултат на затегнувањето на монетарната политика. Монетарната политика на Народната банка (НБ) придонесе за стабилизирање на инфлациските очекувања и постепено намалување на инфлацијата. Банкарскиот сектор е стабилен и има доволен капацитет да се справи со последиците од затегнатите финансиски услови и другите шокови.
Ова, како што посочуваат од Народна банка, се наведува во заклучоците на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која престојуваше во нашата земја на почетокот на овој месец, пренесува МИА.
„Во објавата на заклучоците, Мисијата наведува дека Народната банка ја продолжи нормализацијата на монетарната политика преку зголемување на каматите, но и преку користење други мерки за да се осигури дека високата инфлација нема да потрае. Според очекувањата на ММФ, оваа година инфлацијата ќе изнесува просечно 9,2 отсто и ќе се намали на 3,5 проценти наредната година. Покрај придонесот за постепено намалување на инфлацијата и стабилизирање на инфлациските очекувања, монетарните мерки придонесоа и за стабилноста на девизните резерви, наведуваат од Мисијата. Имајќи го предвид фиксниот девизен курс на денарот, девизните резерви се најважната алатка во одржувањето на неговата стабилност“, соопшти НБ.
Мисијата на ММФ, како што се вели во соопштението, посочува дека банкарскиот сектор е ликвиден, профитабилен и соодветно капитализиран, при што од ММФ посочуваат дека позитивните тековни услови треба да се искористат за натамошно зајакнување на капиталот. ММФ, исто така, ги поддржува макропрудентните мерки коишто ги усвои неодамна Народната банка, а коишто се однесуваат на квалитетот на кредитната побарувачка, за кои наведуваат дека се важна алатка за управување со ризиците во секторот „недвижнини“.