ДEНKO МАЛЕСКИ
Не дека ги поддржувам сите потези на македонската влада, но ќе гласам за нив зашто со Мицкоски опасно ќе заглавиме на меѓународен план. Ако не се согласите со нашиот француски предлог, тоа значи дека ѝ вртите грб на Америка, сакаше да каже О’ Брајан во интервјуто.
Само што помислив дека Американците кренале раце од нашата политика и решиле, пред избори, да не земаат страни и да нѐ препуштат на нашата судбина, од Вашингтон стаса изјавата на нивниот висок дипломат, помошникот-државен секретар за Европа и Евроазија, Дејвид О’ Брајан.
Во неа тој ќе го рече ова за нивниот француски предлог и за македонската партија што го отфрла:
„Има понуда на масата. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и веруваме дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не.
Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам дека и не би требало да гласате за нив исто така. Но, тоа е избор што го прават гласачите овде. Јас не гласам овде. Луѓето може да изберат што сакаат“.
Не сум слушнал одамна ваква критика на водството и лично кон првиот човек на партијата на македонските националисти.
Дипломат, па згора на сѐ американски, кој, во текот на денот, имал и средба со водачот на ВМРО-ДПМНЕ да рече дека народот не би требало да гласа за него и за партијата е речиси без преседан во македонско-американските односи.
Со јасна алузија на Мицкоски, да се каже дека „тоа е личност од која не би купиле автомобил“, а камоли да му дадете доверба да ја води државата, треба да е знак за отрезнување.
ЌЕ МОРА ДА ОДАТ ДО КРАЈ Американскиот дипломат, само што не кажа дека водачот и партијата лажат кога велат дека договорот околу кој се согласиле големите западни сили може да се репреговара.
За жал, на неколку месеци пред избори на кои се очекува победа, која е резултат и на отпорот кон надворешните притисоци, лидерот и партијата можат малку да сторат да ја променат сопствената политика.
Заробениците на својот национализам ќе мора да тераат до крај. Познато е универзалното правило во меѓународните односи: Што поголем отпор кон притисок од надвор, тоа посилен аплауз дома.
На темата Бугарија и особено францускиот предлог, ниту ВМРО-ДПМНЕ жалеше труд со сета сила да се спротивстави на странците, ниту обичниот човек, но и новинари и интелектуалци, ги штедеа дланките.
Од таа бучава од ракоплескање не се разбра дека со францускиот предлог беше симнато ветото на Бугарија за да ни се отвори патот кон ЕУ, а дијалогот за минатото остана да се води во текот на преговорите.
Спротивставувањето на ветото на својот сојузник Бугарија укажува колкав е интересот на западните сили, нашата држава да се интегрира во ЕУ. Славниот холандски амбасадор Дирк Јан Коп кажа нешто во духот на она што нивниот министер за надворешни работи Ханс ван ден Брук ми го кажа на почетокот од независноста.
Имено, дека Холандија, земја на продавачи на сирење, би нашла пат до компромис со Грција.
Во тој дух, нивниот амбасадор во Скопје неодамна порача да не го отфрлиме процесот на преговори, со финансиска помош на ЕУ да се трансформираме во Швајцарија и на крај да се откажеме од членство, ама зошто сега, на почетокот да се блокираме самите.
ДА СЕ ОТЕПА ВОЛ ЗА КИЛО МЕСО Зошто? Никој не одговори на прашањето ниту кога истата партија, пред евентуалниот прием во НАТО со референцата, ја почна „антиквизацијата“ и никој нема да одговори ниту денес.
А, одговорот е толку прост: тоа се прави за изборна победа на партијата. Да се отепа волот за кило месо, би рекле Англичаните.
Но, дека партијата, во континуитет, од независноста до денес, не разбира како функционира меѓународното општество на држави е јасно како бел ден.
На новинарско прашање за кого ќе гласа на идните претседателски избори, еден истакнат американски интелектуалец вели дека е принуден да гласа за Бајден, не затоа што не може да му најде грешки во владеењето, туку затоа што ако дојде Трамп на власт, „отиде“ американската демократија.
И не дека ги поддржувам сите потези на македонската влада, но ќе гласам за нив зашто со Мицкоски опасно ќе заглавиме на меѓународен план. Ако не се согласите со нашиот француски предлог, тоа значи дека ѝ вртите грб на Америка, сакаше да каже О’ Брајан во интервјуто, но дипломатски рече:
„Има понуда на масата. Треба да ја земете. Ако не ја земете, ѝ вртите грб на историјата“.
Затоа, партијата на македонските националисти да бере памет и тоа бргу оти Американците, со изјавите на О’ Брајан, веќе им свртеа грб.
Предлагам да се замислат малку врз оваа поговорка на американските Индијанци: „Ако не свртиме сега, може да стасаме таму каде што сме тргнале“.