ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Дали оние кои гарантираа за Митко Чавков со свој недвижен имот сега ќе останат без него или адвокатите на „бегалецот во обид“ пак ќе зборуваат за некакво, наводно, недоразбирање?
Како млади, кога сакавме да кажеме дека некој сака да не зезне на ефтина финта, обично го користевме терминот: „џандарска фора“!
Кога подостаревме, некои структури, се уште беа заглавени во своите плитки ( криминални) мисли користеа „џандарски фори“. Веројатно мислеа дека сите се глупави, а само тие се паметни и како такви ќе не зезаат со тие ефтини – „џандарски фори“?
Еден од тие ликови е и Митко Чавков. Човекот кој во името на партијата или полицискиот (не) професионализам ги имаше „златните команди“ и за кумановските настани, но и за тепањето народ што протестира затоа што такви како Чавков убија момче, а смртта требаше да ја сокријат од јавноста. Чавков беше лидер на „златната команда“ и за време на случувањата на таканаречениот „крвав четврток“, односно на 27. април 2017 година. Митко Чавков фотографираше граѓани кои мирно протестираат. Таквите и ги апсеше! Но никогаш не одговараше за смртта на осуммината припадници на МВР во кумановските настани…..Велат дека „командата на Чавков“ им кажала дека ќе апсат дилери на дрога, а не дека ќе треба да се судрат со голема терористичка група.
Си правеше Чавков што сакаше! Небаре тој е господарот на туѓите животи! Но дојде време за негово притворање и тој веднаш почна да продава „џандарски фори“!
Еднаш притворен, па ослободен. Чавков, во март минатата година и се враќа на затворската ќелија, но со понудени гаранции во недвижини во висина од преку 600.000 евра тој пак се најде од другата страна на решетките. Се работи за имот на луѓе блиски до Чавков, но не и имот на неговите најблиски!
А Чавков и по излегувањето од затврот „Скопје“ продолжи со своите„џандарски фори“. Имено, тој измисли наводно „недоразбирање“ со адресата на која што се пријавил, а всушност заминал да живее во друг стан. Се разбира – самоволно решавал каде ќе ја издржува мерката куќен притвор.
Одбраната на Чавков, веројатно за да не го вратат во притвор, излезе со теза дека се работело за некакво недоразбирање?! Кој знае? Можеби? Мене ми личеше на „џандарска фора“!
Митко Чавков в петок ќе ја слушне пресудата за „27. април“, но јавноста ќе треба да ја слушне и одлуката на судот што со имотот на оние кои гарантираа за него! Тие дадоа имот во залог, а Митко Чавков се обврза дека нема да бега. Сега кога е фатен во обид за бегство и имотот на оние кои гарантираа треба да биде запленет од државата!
Чинам дека ги „изгоре“ луѓето кои гарантираа за него. Ги изигра на ефтина „џандарска фора“!