БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Тој ја вади македонската нација од стварноста и ја бута во сферата на симулацијата. На лошата симулација. Не Бугарите или некој друг – тој ни покажува дека ние не сме тоа што мислиме дека сме. Ни фали диплома.
Се шокирав кога чув дека премиерот ѝ предложил на Европа да донесе резолуција за вековниот карактер на македонскиот народ и на македонскиот јазик.
Демек, Унијата да се претвори во Јасмина и да му дадат тоефел, кој би бил уште полажен и побесмислен од оној на Христовски.
И трагичен за историјата што треба да ја потврди.
Урсула му рекла дека Унијата е лиценцирана за потврди до илјада години старост, но Мицко неќел ни да чуе без нотарски оверена потврда за единаесет векови временска длабочина, понеже Ќулафкова имала оригинални магнетофонски ленти од семинарите на Климент на кои е забележана дијалектичката диференцијација на македонскиот јазик од тоа време.
И албумите на групата „Свети Климент“, на добар грамофон, со мали шумови, можат да ви го принесат најголемиот хит на деветтиот век „Со маки сум се родил…“ на кутмичевски дијалект.
Главчев паднал од столчето.
После, додека заедно мочале, му рекол: „Мицко, морам да ти кажам дека беше феноменален, чест ми е да мочам покрај тебе.“
Не знам што е полошо: дали тоа што нордискиот премиер го побарал или некоја дополнителна несреќа во форма на тоа Европскиот парламент или Совет, навистина да донесат таков смешен и во суштина ултракомпромитирачки документ.
Зошто не побарал резолуција за својата сексуална ориентација.
Или за диоптријата на очите.
Или дека е ментално (не)здрав.
За димензиите на своите гениталии.
Можеби ќе рече дека со резолуциите за државата тој ја брани Македонија и Македонците, а дека со резолуциите за него тој би бил предмет на заебавање.
Всушност, сѐ е една голема заебанција, со тоа што кај документите за премиерот можат да се добијат квалитетни податоци за некаков возбудлив, ворхоловски анатомско-ментален поп-арт портрет, а кај Македонците би се добила потврда која би била користена точно како што беше користена Резолуцијата на Коминтерната од 1934 година за македонската нација и јазик на која со децении се повикуваа оние кои сакаа да кажат дека Македонците се вештачка нација.
Мицкоски побарал таков документ.
Потврда дека нас нѐ има само во надворешни конструкции.
Документ не за потврда на идентитетот туку документ за негово оспорување.
Тој ја вади македонската нација од стварноста и ја бута во сферата на симулацијата.
На лошата симулација.
Не Бугарите или некој друг – тој ни покажува дека ние не сме тоа што мислиме дека сме. Ни фали диплома.
Во кафеана би му рекол дека е будала.
Но тука ќе кажам дека такви шеми можат да се вртат само во главата на некаков двоен агент кој на Европската унија ѝ дава причини да ја држи Македонија на дистанца, а на Македонците истите аргументи ѝ ги прикажува како нова Херонеја.
На двете страни, значи и на македонската и на европската, им подметнува лажни материјали за да произведе криви проценки и реакции.
Оглупавените Македонците викаат „бравос, бе, премиере, како им го плеснавте на Европа“, а Европа вика дека ваква будала во политичката историја не само на Унијата туку и на Континентот – немаат сретнато.
И приказната за Главчев има смисла само како песна на која Македонците ќе играат пиперевка. Демек, техничкиот премиер му рекол дека „сите во бугарското собрание се против вас!“
Што, независно од вистинитоста или лажноста, нема никаква врска со условот што ние треба да го исполниме.
Мицко, пак, му рекол „дај да ги тргнеме емоциите и да се договориме да ја симнете рампата!“
Ах, бе, Мицика, нема рампа, рампата е спуштена одамна, има само еден услов кој веќе не е бугарски, туку е европски: уставни промени и внесување на Бугарите во преамбулата.
Освен тоа, нека да повториме: во овој момент позицијата на бугарскиот парламент е ирелевантна. Сите бугарски фактори го повторуваат истото: уставни промени и почитување на Договорот, а Македонија треба да е или глупава или раководена од злосторници за да го користи тоа како причина да бега од Брисел.
Сѐ што премиерот соопшти по посетата на Брисел, во пакет со категоричниот став на Европа „ништо повеќе и ништо помалку од уставните промени“, го разоткрива како човек кој со сите сили се бори да нема решение за македонските евроинтеграции.
Да останеме надвор.
Како кучиња.
Односно, проблемот со евроинтеграциите го користи за проблематизирање на македонското национално прашање.
За постојано отворање.
Проблемот кој постоеше меѓу Македонија и Бугарија во чија последна пројава Бугарија попушти и практично го симна ветото, да го издигне на европско, односно на светско ниво.
На сите да им каже дека нас нѐ третираат како што никого не третирале.
Што го поврзува со непризнавањето на идентитетот.
И Унијата ја навлекува на тој тенок мраз.
Секој негов потег околу оваа проблематика, а би можело да се каже и комплетната политика, даваат основи да изнесеме две претпоставки: или е тој инсталација на сили и субјекти кои сакаат низ вакви свињарии од Македонија и од Македонците да останат само мостовите на Вардар, или е тој ментално, интелектуално, политички и морално, неспособен да ги проценува импликациите на своите зборови и дела односно нема минимум квалификации за функцијата премиер.
Од едно прашање на човековите права, кое Македонија требала да го реши уште кога се конституирала, демек Бугарите во Уставот, тој и неговата партија направија новичок во чајот на Македонците.
Не што нема да ги пуштат Бугарите во Уставот, тоа им е под „бе“, туку ќе ги исфрлат Македонците и од Уставот и од Историјата.
Сѐ уште се надевам дека некој ќе ѝ згазне на змијата на главата.
Можеме тоа и ние да го направиме.
Со добри цокули.
(frontline.mk)