ЏАБИР ДЕРАЛА
Зад фурнирот на политичките маневри, агендата на Христијан Мицкоски одамна е вкоренета во отфрлањето на демократските вредности. Од неговото „Не, благодарам“ за интеграцијата во ЕУ во 2022 година, до неговите први 100 дена на функцијата премиер, вистинското лице на неговиот антизападен став сега е целосно разоткриен. Останува само да се признае: тоа и го вети, а и го исполни
Кога Мицкоски првпат стапна на политичката сцена, кај него немаше ни трага од прогресивност или модерност. Неговата визија беше јасна од самиот почеток: одржување на националистичките политики и исполнување на антизападна агенда. Со неговото доаѓање на власт, тој останува далеку од тоа да ја води земјата кон просперитетна иднина. Напротив, неговите политики претставуваат намерно назадување, враќање кон минатото во кое „цветаат“ поделби, изолација манипулација и страв. Насилството не само што не е исклучено, туку е многу реална опција.
Визијата на Мицкоски не е само политичка реторика; тоа е смислена стратегија за повторно активирање на старите тензии и поттикнување на антизападниот сентимент. Неговата реторика постојано одекнува со опасната привлечност на национализмот, ветувајќи враќање кон т.н. „традиционални вредности“, „гордост“, „наша Македонија“, „ослободување од тиранијата на малцинството“ – наспроти принципите на демократија, прогрес и почитување на различностите, еднаквост и правичност, соработка и европска интеграција. И – таа реторика е решен да ја претвори во реалност преку зграпчување на институциите и цврста контрола на медиумите и финансиите.
Во светот во кој умерените и прогресивните сили грчевито се борат да ги одбранат демократските вредности и меѓународниот поредок, Мицкоски изгледа решен да ѝ се приклучи на другата страна – клубот на авторитарните режими – и да ја изолира земјата, поставувајќи ја на колосек спротивен од демократскиот Запад. Всушност, неговите ветувања никогаш не значеа тежнеење кон прогрес, туку враќање назад кон времиња кога владееше стравот и кога општеството и државните интереси беа во стагнација. И сега, тие ветувања се исполнуваат – не нè водат напред, туку назад.
Мицкоски и неговите следбеници и политички сојузници го кажаа своето НЕ, БЛАГОДАРАМ за евроинтеграцискиот процес уште во јули, 2022 година. Неговиот вокабулар со години не е променет воопшто. Ако ја погледнеме неговата прес конференција на 1 јули 2022 година. Веројатно, јавноста се сеќава на насилните протести против, како што го нарекоа „францускиот“ предлог што избија веднаш по прес конференцијата на Мицкоски, кога беа повредени неколку десетици полицајци, а не изостанаа ни екстремно националистичките слогани „Гасни комори за Шиптари“ и „Чиста Македонија“.
Суштината на пораките на партијата што сега е на власт, се идентични со оние во изборната кампања на претседателските и парламентарните избори во април и мај, 2024 година. За тоа гласаа мнозинството граѓанки и граѓани на Северна Македонија. И, да не се лажеме, тие што се во коалицијата на власт, сега се сојузници на партијата што велеше НЕ за ЕУ со години наназад. Велеше НЕ и за НАТО претходно, вложувајќи максимални напори – заедно со отворено проруската ултрадесничарска Левица – да го блокира Преспанскиот договор.
Вмровското НЕ воопшто не е ново. Антиевропскиот курс на десничарските партии на чело со ВМРО-ДПМНЕ е очигледен со децении. Тоа што го гледаме денес е само продолжение на политиката, прво во жолтата куќа во центарот на градот, врз чии темели изникна белата грдосија, седиште на една од најбогатите политички партии во Европа. Нивниот поранешен лидер, Груевски, 11 години се смешкаше и им велеше ДА на ЕУ и САД, но во реалноста направи буквално сѐ што може да направи еден авторитарен режим да ја изолира земјата и да ги оневозможи евроатлантските интеграциски процеси.
Мицкоски оди и чекор понатаму од својот претходник. Тој ѝ нуди „европски пристап“ на ЕУ и ги дисквалификува напорите на Брисел во чија политика се слеани позициите на 27 држави членки (!), отпишувајќи ги како „диктат“ на кој му вели НЕ, БЛАГОДАРАМ. Да, токму ЕУ е таа што треба да го слуша него и да се однесува европски, а не тој и неговата влада – тоа е ставот на Мицкоски. И тоа не е нова политичка позиција на Мицкоски. Неговата портпаролка своевремено изјави дека ЕУ треба да се прилагоди на вредностите на партијата (!) и дека е „нормално да не сакаме да бидеме дел од некоја унија со која што немаме исти принципи“. Куриозитетно е да се спомене дека од таа партија ги демантираа текстот и видеото што беа објавени по овој ТВ настап. Како и обично, кога нешто не им одговара, немаат проблем (ниту срам) да ги негираат и најочигледните факти.
Ниту актуелната претседателка што ја кандидираше ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од антизападниот став, иако се обидува да го завитка во сарма од лозов лист и вербални акробации. Сетете се само на нејзината изјава во која „констатира“ дека Европа е предмет на американизација, а светот да ти бил мултиполарен. За нејзините јасни националистички ставови и да не говориме.
За некој што постојано се фали дека е добар математичар, Мицкоски премногу се служи со флоскули и паушални оценки, а за некој што е универзитетски професор, освен што е премиер, тој се однесува неприфатливо дрско и омаловажувачки кон сите што не мислат како него. Не престанува да повторува дека политичарите од претходната власт немале „кичма“, а дека тој имал „кичма“ – главниот аргумент на неговото НЕ, БЛАГОДАРАМ.
Да се чуди човек. Нешто што светот го препозна како пример за лидерство и успешна политика и дипломатија, тој го нарекува немање „кичма“. И се разбира, многумина веруваат во тоа, затоа што пропагандната машинерија не престанува отворено да тврди дека Македонците се жртви на заговор, со што создава простор и за други деструктивни наративи. И секогаш кога ќе се појави пукнатина во фасадата, тука се Албанците кои се „дојденци“ кои „сакаат да ја уништат Македонија (никогаш Северна)“. Но Мицкоски и екипата се тука „да им го покажат местото“ на Албанците – со вулгарна злоупотреба на институциите и пропагандата.
Оние што се обидуваат да го „коригираат“ Мицкоски кога вели дека „огромно мнозинство“ или „огромен број“ македонски граѓани се согласуваат со него, треба да знаат дека кога тој ќе каже „македонските граѓани“, мисли само на Македонците. Тоа може да се види и од односот на Мицкоски кон коалициските Албанци, на кои гледа од високо, час со патронизирачки однос, час со презир. И тоа не го крие.
Мала дигресија во корист на претходната констатација: Исфрустрирани поради својата позиција на последна дупка на владината шупелка, функционерите на ЗНАМ се само уште погруби и подиректни во настапите против своите коалициони партнери Албанци. Како и да е, сите коалициски партнери заедно, во првите 100 дена не покажаа вистинска намера да им излезат во пресрет и на Македонците и на Албанците (чиј став за евроатлантските процеси е максимално афирмативен, над 80%, што е утврдено со повеќе истражувања на јавното мислење).
И претходно напишав дека наративот со кој настапува Мицкоски е едноставен, лишен од факти и аргументи – заснован на ставот „земи или остави“ и „свака роба има свога купца“, со бескрајното повторување дека тој има „кичма“, а тие пред него немале. За „диктати“ не, благодарам – се досетува тој, па и тврди дека е „вљубен“ во европските вредности и дека токму тој на Европа ѝ нуди „европски пристап“. Тој државата ја третира како невеста, која нема ниту успешна кариера, ниту е расположена да биде добра домаќинка, не е нешто посебно богата, а не е ни убавица, но се однесува како сите пожелни беќари на светот да се тепаат да ја запросат. Тие наративи, колку што се едноставни и плитки, толку се и деструктивни. Но тие се засновани на длабоко уверување, став и стратегија за брзо враќање кон минатото.
Се разбира, има тука и многу фантазирање и идолопоклонство. (За реченицата што следи, знам дека човекот ќе ја прими како комплимент.) Мицкоски одамна, а особено откако седна во премиерската фотелја – наликува на српскиот претседател, автократот Александар Вучиќ. Шегата настрана, повеќе од очигледно е влијанието што го има Вучиќ врз Мицкоски. Едноставно, тој му е идол. Освен во стилот на водењето на кампањите, пораките и наративите што (не) се кријат зад изјавите, Мицкоски верува дека може да биде како Вучиќ, дури и да изгледа како Вучиќ, па и да води политика како Вучиќ – да кокетира со ЕУ и САД, а да игра со Русија и Кина. „Стратешкото партнерство“ со Унгарија и кинескиот кредит виа Будимпешта е еден од позначајните, но не и единствен пример за уверувањата на Мицкоски.
Добро, Мицкоски сака да биде Вучиќ. Но тука има еден сериозен проблем. Северна Македонија не е Србија по ниту една основа – политичка, геостратешка, економска, демографска или било која друга карактеристика. Да не навлегуваме во деликатните политички и геостратешки прашања, доволно е да се спореди БДП на Србија со Северна Македонија. Додека проекцијата на српскиот БДП за 2024 година изнесува речиси 82 милијарди долари, за Северна Македонија тој изнесува неполни 16 милијарди долари. Кој разбира, знае дека Мицкоски не може да биде Вучиќ, колку и да сака, а Северна Македонија не може да го добие статусот на Србија во меѓународната политика на која, за волја на вистината, не ѝ недостасува лицемерие.
Како и да е, ништо од тоа не е веќе важно. Во земји со авторитарен режим, каде што владејачките структури имаат и удобно парламентарно мнозинство, збунета и слаба опозиција, контрола врз медиумите и наклоност од крупниот капитал – сите соништа и фантазии може да се претворат во реалност, а комплексите и фрустрациите може да се лечат во садистичка игра без видлив крај.
Значи, меѓу тоа што изгледаше како реална можност за Северна Македонија до пред неколку месеци и тоа што сега се фантазиите и амбициите на првиот човек на владата – зјае бескрајна бездна. Нема мост што може да ги поврзе ставовите и политиката на Мицкоски со државните интереси за интеграција во евроатлантските структури. Накратко, првите 100 дена влада на Мицкоски не ветуваат ништо добро за интеграциските процеси. Но тоа човекот и го ветуваше сите овие години. Не е точно дека тој лажел во изборната кампања. Напротив, тоа што го ветуваат Мицкоски, неговата екипа, сосе претседателката, поддржани од истомислениците во медиумите, невладините фолирантски организации и академијата, па и во партиите што претходно беа на власт – го исполнуваат. Ја водат земјата со брзи и крупни чекори – наназад. И тоа никогаш не беше некаква тајна.
Поентата е: Тоа што Мицкоски и екипата го ветија, тоа и го исполнуваат: „Македонија повторно горда“ – каде што владеат системска дискриминација и структурно насилство. И го исполнуваат ветувањето – онака како што знае и умее, како и да изгледа тоа во очите на нормален човек од третата деценија на 21-от век.
Да резимираме.
Реториката на Мицкоски не е само политички став – тоа е опасна игра која ризикува да ја повлече Северна Македонија од нејзиното вистинско место во евроатлантската заедница. Неговите антизападни наративи, обвиткани во многуслојна кампања за јакнење на националистичките сентименти и тврдења засновани на лаги и антизападни наративи, се идентични на тактиките што ги користат авторитарните режими во регионот и низ Европа. Доколку не се разобличи, овој пристап ќе ја фрли земјата во изолација, ќе ги уништи придобивките од демократските процеси и сериозно ќе ја загрози стабилноста што ја гарантираат сојузите на демократскиот Запад.
Иднината на Северна Македонија зависи од колективната посветеност кон вистината и единството, колку и да звучи ова идеалистички сега, по најубедливиот изборен успех на националистите во 34 годишната историја на земјата (плус, нели, 2000-годишната историја на Александрова Македонија). Од витално значење е прогресивните граѓанки и граѓани, политички и граѓански ентитети и медиумите да останат будни и да се спротивстават на искушението да бидат потиснати од популистичката реторика и опасните политички потези. Влогот е голем – не само за евроатлантската интеграција на земјата, туку и за зачувување на демократските вредности и долгорочниот просперитет. Мицкоски јасно го кажува својот став веќе со години, и тој е целосно спротивен на процесите што обезбедуваат стабилност, демократија и просперитет на земјата. Не знам зошто сѐ уште има такви што веруваат дека реалноста е поинаква.