Го повлече предизвикот за предвремени избори што „го фрли“ на седницата со пратенички прашања, испровоциран од лидерот на СДСМ Венко Филипче
ЗОРАН БОЈАРОВСКИ
Мицкоски или лажеше или се исплаши. Така може да се протолкува повлекувањето на предизвикот за предвремени избори што „го фрли“ на седницата со пратенички прашања, испровоциран од лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Може да се толкува и како импулс, или избрзаност, па дури и како евтин мангупски трик, но тоа е исто толку несериозно со лагата што се криеше во повикот за предвремени избори.
Од трета страна може да се толкува и како „дебело“ спинување за да го сврти вниманието на јавноста, опозицијата и медиумите од крајно проблематиното именување на директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски. И, некој ќе рече дека му успеа. Го одврати вниманието од проблемот што стануваше кошмар. Но таа работа сега ја презедоа институциите, иако една од пречките за проблематичното именување на Христовски беше постфестум решена, онаа за безбедносен сертификат.
Сега, ретерира и вели дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да оди на избори уште утре, но прашањето е дали за тоа треба да трошат парите на граѓаните. Одговарајќи на новинарски прашања во однос на можноста да се одржат предвремени парламентарни избори, заедно со локалните во 2025 година, тој вели дека Владата има четиригодишен мандат од граѓаните и дека треба да ги засука ракавите и да работи за доброто на сите.
И уште вели, „одлуката за избори треба да се носи во интерес на граѓаните, а не во интерес на ‘љубители на естрада’, а всушност тој го направи најестрадниот гест кога предложи предвремени избори.
Од четврта страна, пак, којзнае, резултатите од теренската анкета што ги презентираше Филипче покажува дека над 65 % од граѓаните не се задоволни од работата на Владата. Граѓаните не се задоволни и од животниот стандард и од серија неисполнети ветувања од изборната кампања, а да не зборуваме и за низата од недугави постапки и отстапки: Евроинтеграции заглавени заради инает, реформите не се ни почнати, особено оние за борбата против корупцијата, во правосудството или во јавната администрација…
Како петто, а можеби и најважно, случајната или намерната фрлена ракавица на Мицкоски за предвремени избори може да се смета и за тест како реагира опозицијата и јавноста ако актуелното водство на ВМРО-ДПМНЕ се врати на тактиката на Никола Груевски за избори на секои две години. Таа стратегија на бегалецот од правдата му донесе 11 години владеење во периоди и динамика која целосно ги сруши и ги блокираше полугите за контрола на власта. Цело време се водеше една перманентна кампања со која се создаваше привид на криза за да се оправда тој ритам на постојанин предвремени избори. „Не ви се допаѓа, ајде, одиме на избори“ и така 16 години, со што се докажа дека ВМРО-ДПМНЕ најдобро функционира во време на криза.
Особено во такви кризи коишто самата таа ги генерира. Не е лошо постојано да се има тоа на ум за да не се повторуваат грешките.