Поранешните пратенички Даниела Рангелова и Нола Исмајлоска- Старова и поранешниот претседател на Општинскиот комитет во Центар и амбасадор во Унгарија, Игор Есмеров.говореа за „360 степени“ за стравот на Мицковски да се соочи со своите сопартијци, пред се со оние кои го избраа на последниот Конгрес
За постизборните случувања во и околу ВМРО-ДПМНЕ, активизмот на актуелното раководство предводено од Христијан Мицкоски, кадровските смени во комитетите на општинско и на централно ниво, како и за иницијативите и групирањата со барања за одговорност од лидерот и избор на ново раководство, неодамна во емисијата „360 степени“ говореа поранешните пратенички Даниела Рангелова и Нола Исмајлоска- Старова и поранешниот претседател на Општинскиот комитет во Центар и амбасадор во Унгарија, Игор Есмеров.
Поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, на дебата во „360 Степени“ зборуваше за последните случувања во партијата и последната седница на Централниот комитет на која лидерот Христијан Мицкоски предложил да се одржи вонреден конгрес на којшто тој нема да се кандидира за лидер а ЦК го отфрлил тоа негово барање.
„Ако не е трагично, мислам комично ќе биде а и веќе е трагикомедија ова што се случува во ВМРО-ДПМНЕ. Кога сакате да поднесете оставка, т.е. да предложите да си ја потврдите довербата, дали ве поддржуваат или не членовите на ЦК, вие не спремате ИК, па со готов извршен одите на централен, па кажете сега дали ме поддржувате. Тој што не се плаши од членството, од ЦК, од конгрес, веднаш, ако на 15 јули биле изборите, на 16 излегува… еве, ај почекавме, не направи влада. Излегува и вика – јас чувствувам потреба да поднесам оставка. Повикувам ЦК да организира конгрес. Ако го сакаат членовите и делегатите, ќе го изгласаат. Од што се плаши Мицкоски“, прашува Рангелова.
Никогаш не го поддржав Христијан Мицкоски да биде избран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, рече поранешната претседателка на Унија на жени и пратеничка Даниела Рангелова на 360 Степени.
– Иницијативата што сега бара одговорност од Мицкоски е составена од луѓе што го избраа за лидер. Тие сега имаат најголем легитимитет да му бараат одговорност, зашто тие го избраа. Јас не го поддржав ниту тогаш, сметав дека не е демократски да се прави притисок врз делегати да се избере лидер кој воедно е единствен кандидат – рече Рангелова.
Поранешниот претседател на Општинскиот комитет во Центар и амбасадор во Унгарија, Игор Есмеров, во дебата на „360 Степени“ зборуваше за последните случувања во партијата и повиците за смена на лидерот Христијан Мицкоски.
„Јас не знам каде Мицкоски ја гледа поддршката. Партијата е падната од 450 илјади гласови пред 4 години на 300 илјади гласови. Членството е паднато од 147 илјади до 2017 година, на 45 илјади сега. Во општински комитет Центар членството е паднато од 4.700 на 780 луѓе. Каде е поддршката? Емпириски, односно по негово математички се докажува дали има поддршка или нема. Особено во машкиот дел од популацијата кукавичлук е ако не го признаете поразот и ако не го слушнете гласот на тој што ве поразил. Нас ни испорачуваат негативни резултати на 4 изборни циклуси“ – вели Есмеров.
Тој потсетува на трите работи кои ги ветил Мицкоски пред да го преземе водењето на партијата.
„Првата работа е дека ќе го сплоти членството и ќе ги спречи расколите. Втората работа е ќе ја поправи ситуацијата и кредибилитетот на ВМРО пред меѓународната заедница и третата работа е дека ќе го зголеми коалициониот капацитет. Што од овие три работи е направено“, прашува Есмеров.
Поранешната пратеничка Нола Исмајлоска-Старова, во дебата на „360 Степени“ зборуваше за последните случувања во ВМРО-ДПМНЕ и повиците за смена на лидерот Христијан Мицкоски.
„Резултатот на овие избори беше нешто што се очекуваше. Кога почна моето дејствување како дел од независната пратеничка група ние предупредувавме на ова и за жал испаднавме дека бевме во право заради тоа што членството го препозна лицемерието на Христијан Мицкоски, кое на неколку пати се покажуваше и во носењето на законските решенија, но и во однос на причините заради кои ние бевме сатанизирани и животот на момент се чуствувавме дека ни беше загрозен. Сметам дека најмногу ВМРО-ДПМНЕ беше казнета од сопствените гласачи, и дополнително не успеа да биде атрактивна за некои коишто можеби претходно гласале за СДСМ, за ДУИ, за ДПА и т.н. или коишто не излегувале да гласаат. Значи, тие единствено успеаја да отидат подолу и кај своето членство. Тоа се гледа по резултатите во сите изборни единици без исклучок“, вели Исмајлоска- Старова.
Таа вели дека Мицкоски треба да замине од лидерската позиција на легален начин.
„Мислам дека е време, иако се сомневам дека нешто на нормален начин ќе направи тој човек, да си даде оставка и членството да си го избере лидерот. Можеби ќе го изберат него. Ако толку има поддршка од членството ајде веднаш да не оставаме новиот статут да биде на чекање, па нека гласа целото членство, нека има неколку месеци ажурирање или некој преоден период, може неколку луѓе да го спремат тој конгрес што ќе биде со повеќе делегати или да гласаат сите што ќе се ажурираат“, вели Исмајлоска- Старова.