За лидерот на ДПМНЕ терминот 30/31 август е предалеку. Некако настаните му местат ситуации за кои треба да се решава или изјаснува, па дури и прашањето на парите за пропагандата станаа жешка точка. Најпрвин уценуваше со тоа што бараше измена на законот во добивање на пари за партијата од буџетот. Во петокот во изјава за Сител рече дека парите ќе ги користат иако не се сигурни во кој правец (за ил против референдумот) а во сабота изјави дека парите ќе ги донирал за една гимназија…
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
„Ќе гласаме ли комшија“ – ме прашува една пензионерка додека чекаме автобус. Прашањето стигна после низа критики за секојдневното владеење на актуелната власт, со ветов заклучок „сите се исти“. Потоа дојде онаа моја констатација – провокација „знам дека ти нема да гласаш, според она што го кажа претходно“. Но одговорот ме изненади – жената на свои 70-тина години рече дека не сака во никаков случај да ја види „Макаедонија да остане сама а таа е толку мала“ и додаде дека „секој мора да има пријател на светот…“. Додаде дека првиот дел од референдумското прашање ептен ја погодило и и’ ги расчистило сите дилеми – таа е за ЕУ и особено за НАТО.
Втора соседка, седната во автобусот, но друг ден ама во сличен испровоциран муабет, беше изнедена дека јас воопшто ќе сум излезел на гласање а посебно е шокирана дека ќе сум гласал за опција „која не однародува“. Беше изненадена од она – „дали помалку ќе бидеме однародени ако останеме ПЈРМ“. Да не одиме во понатамошна експликација. Очевидно е инаку дека постојаните гласачи на ВМРО ДПМНЕ во последниот петок се враќаа од некаде (очевидно е избран ден кога пензионерите имаат слободен влез во ЈСП), каде биле на „политичка настава“ и дека веќе е одредено дека референдумот треба да се бојкотира, како што тој ден покажа и провокацијата на пратеникот Антонијо Милошески во Парламентот, кој посака да добие 10 илјади евра за пропаганда и кажа дека ќе пропагира да има – бојкот!
Факт е дека Мицковски стратегијата за која пишувавме (aut amnestia, aut nihil) ќе ја држи отворена се до датумот кој за нив е денот Д (30/31 август), бидејќи за Груевски и Фамилијата, секако, поважно е уцената да успее отколку војната со организаторите на референдумот да биде прогласена за почната! Оттаму, Мицковски веднаш, во петокот, го исправи Антонио во стилот „одлуката за бојкот е негова лична одлука а не е став на партијата“. Партијата се држи до уцената се до последната шанса како „пијан за оградата“ а она со Антонијо е само провокација за да се тестира реакцијата (стратегијата) на Талат Џафери.
Факт е дека таа ситуација од крајот на минатата работна недела е резултат на чекор кој во СДСМ го третираат како „изненадување на непријателот“, односно префрлувањето на парите за пропаганда на Собранието, со опција дека пратеничките групи ќе добијат пари за пропаганда, и ситуација која ја става ВМРО ДПМНЕ на нова чистина. Затоа во средата тие пратеници едноставно се изгубија во зградата на Парламентот, се сокрија по ќошињата во петтоаголникот. Само да не дојдат во ситуација на изјаснување во стилот „земи или остави“.
Има колеги кои се согласуваат дека ВМРО-ДПМНЕ сè уште тактизира околу носењето на ставот за референдумот, но не калкулира околу тоа дали ќе учествува во прераспределба на средствата. „Зошто да не“, изјави во петокот лидерот на партијата Христијан Мицкоски во интервју за „Сител“, нагласувајќи дека граѓаните треба да ја слушнат вистината за договорот со Грција и штетите што ќе произлезат од него. Но од интервјуто се гледа дека одлуката за тоа се одложува – дури неделава раководството на партијата ќе имало состанок со пратеничката група на која ќе се прецизираат деталите околу натамошните чекори. Пак тој датум – 30 односно 31 август, кога во Апелација ќе одлучуваат по жалбата на Груевски околу случајот „Тенк“, се наметнува како клучен, бидејќи и е значаен од аспект на интересите на Фамилијата: ќе се одлучува дали експремиерот во затвор до 20 септември или не?!
На забелешката на новинарите до Мицковски дека изгледа несериозно најголемата опозициска партија на еден месец пред референдумот да нема став, Мицкоски вели: „Би биле несериозни доколку се затвориме во канцеларии и елитистички би го носеле ставот“.
Е па не се сериозни – следното утро претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ијави дека ќе предложи дел од средствата што се потврдени за партијата за кампања за референдумот да бидат пренаменети и донирани. Лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија го објави ова на Фејсбук и притоа ја посочи и целта за што би биле искористени парите – изградба или доградба на нов објект во рамки на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. Ако е тоа важно, бидејќи се бирал некој мелодрамски изговор.
Какво лицемерие – да го виидме патот на променетите ставови. Најпрвин уценуваше со тоа што бараше измена на законот во добивање на пари за партијата од буџетот. Во петокот, споменавме, во изјава за Сител рече дека парите ќе ги користат иако не се сигурни во кој правец (за ил против референдумот) а во сабота изјави дека парите ќе ги донирал за споменатата гимназија. Јасно, Тетово е избрано наради нагласување на антиалбанскиот став …
Всушност, ВМРО ДПМНЕ не треба да се потценува, бидејќи, таа партија води интензивна пропаганда, при што референдумското прашање е само „под б“ – таа е силно концентрирана кон критика на власта во која референдумот е само инструмент власта да падне после само една година и некој месец. Во тоа многу му помагаат стрвните министри и други во екипата на Заев.
Во право се оние наши колеги кои велат дека лошите постапки на власта, особено она со тендерите (во петокот се придружи уште една таква „бомба“ кај Градско сообраќајно претпријатие) директно ја срозуваат погодноста на власта. Се оди на затапување на широчината на опфатот за тоа што би се добило со излегувањето на референдум, се бега од суштината тој процес на изјаснување, туку се стеснува со замената на тезата – неизлегувањето на гласање ќе ја сруши оваа власт.
Организаторите на референдумот засега можат да се надеваат на самоизградените ставови на народот што постои кај обичните луѓе, бидејќи, нивото на извлечена, често и хипотетичка корупција на министрите и другите функционери е на товар на Заев а сакале да се признае тоа или не и ја водата на воденицата на опозицијата.
Во мигот нивната пропагандна машина е затоа повидлива. Дали ќе бидат и поефикасни до крајот на трката?
Некогашниот висок функционер и министер за финансии Џевдет Хајредини рече неодамна дека се чини дека власта нема јасна концепција а ова околу парите наменети за таа насока само ја докажува таа теза.
Во мигот никој не знае под кои услови здруженија, поединци или групи може да водат јавна пропаганда за референдумот, бидејќи, такви услови засега не се пропишани. Познавачите на законската регулатива во оваа област, сметаат дека ДИК ова прашање мора да го регулира со посебен правилник.
„Ова може да создаде проблеми, бидејќи е оставен простор јавната пропаганда да трае од распишување на референдумот до 48 часа пред денот на гласање, а покрај Собранието како овластен предлагач, не е регулирано кои се ‘останататите’ кои може да водат пропаганда“, укажува поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски.
„Како ќе се контролира нивното учество, кога тие не се должни да се пријават. Јавната пропаганда мора да биде регулирана со посебен правилник и да се знае дека Собранието е предлагач, односно партите во него, а за сите други – дали се тоа здруженија, поединци или групи, ДИК треба да заземе став дали и под кои услови може да водат јавна пропаганда. И да се знае од каде се средствата со кои се води јавната пропаганда“, објаснува Новаковски.
Според него, како што пренесуваа медиумите, мора да се донесе и попрецизно упатство во однос на начинот на водење на пропагандата, за да може ДИК да реагира ако таа се злоупотребува.
Како и да се земе не се знае како ќе ја водат јавната пропаганда ни партиите, односно пратеничките групи застапени во Собранието. Единствено е јасно дека парламентот ќе добие еден милион и триста илјади евра (80 милиони денари) за референдумската кампања.
Затоа странските високи функционери се доследни на подршката на референдумското „за“ во Македонија. Во разговор за МИА, поддршка за референдумот стигна и од еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.
„Ова е избор меѓу пат свртен кон иднината на ЕУ-интеграцијата со конкретни бенефити за граѓаните како владеењето на правото, атркативност за странските инвеститори и повеќе работни места, или пат свртен кон изолација, стагнација и пропуштање на единствена шанса за напредок во клучни области (…) Изборот е помеѓу држење до стари националистчки концепти или прифаќање на иднината на земјата, со реформи и со интеграција во ЕУ и НАТО“, смета европскиот комесар Хан.
„Канцеларката Меркел ја потврди поддршката на Германија за постигнатиот Договор меѓу Македонија и Грција, кој го решава долгогодишниот спор, што беше главна пречка за членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Во таа насока заеднички е заклучено дека референдумот е врвен демократски чин и одраз на определбата на граѓаните за иднината на државата“, соопшти Владата.
Особено требаше да биде забележително патувањето во Вашингтон на мнистерот за надворешни работи Никола Димитров кој имаше средби и поддршка од многу моќни луѓе во политичкиот живот на САД. За жал нашите телевизии и тоа токму оние кои наводно не се многу зависни од Фамилијата сликите од преку Океанот ги ставија во втор план, сметајќи во еден гладијаторски манир дека она што се случува во Квиричен е поважно.
Дали честото споменување на парите за пропагандата не го зголеми апетитот на медиумите (не сите, се разбира) кои сега својот придонес го мерат на вагата која е во рацете на спикерот на Парламентот?