Реформите на Прибе чекаат секако нa поголема конструктивност на ДПМНЕ, но нереформираната партија тешко може да испорача нешто конструктивно без драстично успорување на целиот процес и без опортунистички фолклор кој е зададен и тежок за менување и секако, ќе биде казнет ако има промени од страна на партиските директори
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Кога би можеле да змислиме дека партијата која себе се нарекува се уште најголема, може да си направи селфи, што би се видело на фотографијата? Дали е тоа некоја нова партија? Подмладена? Реформирана, како што нејзиниот лидер ветуваше? Со изменета сценографија и пароли?
Одговорот е негативен. Кога еден од александровците, од крилото на реформисти гостуваше во студиото на новата 1 ТВ, па го замилија да ги потсети гледачите што очекувале тие од новото раководство на „најнародната“ партија, добивме список од четири желби за кои Мицковски навистина не се покажа во улогата на златна рипка. Нема нов статут и т.н. и т..н.
КООПЕРАТИВНОСТ За волја на вистината ниту за новата власт, која очекува кооперативност од Мицковски и неговите, нема исполнување на ниту една јасна желба за таква промена. Не е познато каде Заев ја препознал неа, дали можеби му била пренесена од странците во земјава или едноставно во Парламентот има потреба од дветретинско мнозинство за довршување на реформите кои Унијата ги очекува од нас и без кои нема ниту реформи во земјава, па оттаму ниту напредок без оглед на изборната смена во 2017 година.
Заловен во потребата од промени, Мицковски и по последната седница на раководството на партијата, во неделата доцна попладнето, која заврши после сите телевизиски вести вечерт,а само ги покажа нозете на желката кај себе. И секако, карактеристиката на актер: ќе се врател во Собранието, значи и би гласал за промените, пред се во судската сфера ама најпрво да се гласа за доверба на актуелната Влада! И одново значи го имаме ДПМНЕ со брзината на македонски железници – нешто ќе тргне, ама кога ќе стигне на целта (ЕУ или НАТО, да речеме) ќе видиме.
Јасно е дека таму, во Парламентот, математичката цена на опозицијата се разретчува – таа е сега како кокошка чие тело перманентно останува без пердуви, како предигра за добра велигденска супа. Заев секој ден или барем недела се труди да ја трампа тврдолавоста на Мицковски со притисокот врз неговите коалициони партнери. Сега таа бројка е некаде над 70 гласови, па реалниот капитал на ДПМНЕ не е како во јануари 2017 година, секако.
ИНТОНАЦИЈА Јасно, тактиката на Мицковски е насочена и кон тоа не само „да фрла кочани“ во тркалата на промените, туку и да го руши рејтингот на Заев кај неговите сопартијци, кои не кријат дека се гадат од тоа како еден играч со пета и покажувач на средниот прст (Амди Бајрам) се кочопери близу нивните седишта. За преговорите со Ѕинго да не говориме, а интонацијата во водењето на вести на ново-старата „ведета“ во ТВ Сител – Арсова само покажува дека во Кратово сметаат дека им скокнала цената.
Некои коментатори веќе велат дека при гласањето за доверба на Владата, таму околу 10 април, ДПМНЕ ќе ја добие сликата за тоа колку ги има во пратеничките клупи. Таквта игра генерално им шетти и на СДСМ и на ДПМНЕ, за разлика од ДУИ која е распекмезена во својата када со топла вода.
И добро. Ќе мине обидот за „рушење“ на Владата и ДПМНЕ ќе треба да гласа за судските реформи кои можат за завршат онака како што цел свет (минус Москва) очекува: комплетно и конечно обезглавување на Груевски и поранешната елита.
Во принцип чекањето со часови во неудобниот за тркачите по вести Плоштад на ВМРО во неделата попладне и вечерта, не беше продуктивен нит за изветувачите, ниту за земјата. Партијата која состаночи (нов состанок ќе има и во понеделникот) за да најде причини зошто да биде кооперативна времето го троши на формата низ која ќе ја прикаже сопствената мимикрија.
ДОЛГА ЛИСТА НА УСЛОВУВАЊА Но, затоа – ако тоа го може Амди Бајрам – опозицијата исто така има долга листа на желби за исполнување. Така таа го сака за себе она што на својата опозиција во претходните дванаесет години, не им го дозволуваше: да го предлага државниот јавен обвинител, претседателите на ДИК и на Антикорупциската комисија и да има свои претставници и влијание во други контролни и регулаторни тела, како што се Советот на МРТВ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми… Според партиски извори, ова се дел од барањата со кои ВМРО-ДПМНЕ го условува своето враќање во парламентот и учеството во реформскиот процес. Покрај тоа, таа подразбира комплетирање на пратеничката група, враќање на обвинетите пратеници во Собранието и слично, на што не може да смета на испоклнување, секако.
ВМРО-ДПМНЕ има амбиција во иднина членовите на ваквите контролни тела да се избираат со двотретинско, наместо со апсолутно мнозинство. На таков начин би било неопходно да има договор меѓу мнозинството и опозицијата за пополнување на функционерските позиции, како што беше досега случај единствено со Државната изборна комисија. Според некои нашпи колеги кај мнозинството има расположение за одредени отстапки во оваа насока, иако основната заложба е при реформата на овие институции, за дел од кои веќе се почнати процесите, главно да се оди на професионализација и на поставување конкретни критериуми за конкурирање и за избор на кадрите.
АПЕЛ НА ОСМАНИ Наводно Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство не биле дел од пакетот што произлегува од извештајот на Рајнхард Прибе а бил направен компромис кај ДИК, каде претседателот и го давала опозицијата. Една од повпечатливите измени во договорение закони од правосудната сфера е таа дека во иднина министерот за правда и претседателот на Врховниот суд нема да имаат право на глас како членови на Судскиот совет. Сепак, овие регулативи сѐ уште се во првата фаза од донесувањето и можни се дополнителни измени и амандмански интервенции, за што е веќе закажана и јавна расправа – на 10 април во собраниската Комисија за политички систем. Комисијата за одбрана и безбедност, пак, на 5 овој месец треба да расправа за Законите за следење на комуникациите и за формирање на новата оперативно-техничка агенција, кои произлегуваат исто така од реформскиот пакет.
„Во наредните десетина дена да изградиме консензус и да ги усвоиме законите кои упатуваат на државен консензус и со тоа да ставиме точка на евроатлантската иднина на земјата. Јас сум убеден дека е тоа желба на нашите граѓани, нашите гласачи, независно од која партија доаѓаат. Со тоа станува и наша обврска“, изјави деновиве вицепремиерот Османи.
Вицепремиерот нагласува дека од извештајот на ЕК очекува чиста препорака за почеток на преговори со ЕУ и дека тој извештај претставува финале на планот 3-6-9, со што завршува неговата имплементација.
Практично, реформите на Прибе чекаат секако на поголема конструктивност на ДПМНЕ, но нереформираната партија тешко може да испорача нешто конструктивно без драстично успорување и без опортунистички фолклор кој е зададен и тежок за менување. И секако, на прекршувачот му се заканува казната на партиските директори.