Нудење излез од кризата преку замена на СЈО со друго објективно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, е јасно извртување на вистината и спинување. Со ваквата понуда Мицкоски, де факто, потврди дека амнестијата е важна за него и за партијата, иако јавно го тврди спротивното
ТЕОФИЛ БЛАЖЕВСКИ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во обраќање до јавноста на 07.10.2018, искажа спин со тоа што рече дека нудел излез од кризата преку посебен услов:
Спин: Втората опција која ја нудам е господинот Зоран Заев веднаш да се откаже од договорот и потоа ајде на избори, па народот да одлучи, притоа ВМРО-ДПМНЕ после изборите ќе поддржи создавање на нова обвинителска институција за сузбивање на организираниот криминал и корупција, веднаш по завршување на работата на постојното политизирано јавно обвинителство, но овојпат професионализирано и водено од јавен обвинител кој ќе дојде по пат на консензус на партиите кој вистински ќе се бори против криминалот и кој ќе работи на случаите отворени од постојното специјално јавно обвинителство, а воедно ќе има можност да ги доиспита и анализира незаконски прибавените снимани материјали за кои се тврдеше дека поради кусиот мандат не се доиспитани, но и воедно ќе го изнализира и испита и периодот на работење на актуелната влада и сите афери и сомнежи за криминал поврзани со актуелната влада, вклучително и нерегуларностите произлезени од референдумското изјаснување. Но и сите оние материјали кои што се дел од незаконски стекнатите прислушкувани материјали, а кои што се однесуваат на Зоран Заев и СДСМ…
…Нудам излез од кризата, напуштање на договорот, осуда на криминалот и правда за секој еден граѓанин во оваа држава. Тоа и треба на Македонија.
(Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб сајт – датум, датум: 07.10.2018)
Контраспин: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ искажа неколку извртени вистини на споменатата прес конфернција, при што, сепак, во главна ролја беше спинот со „политизираното СЈО“, по што Мицкоски се претстави како човек кој нуди излез од кризата.
Користејќи го веќе длабоко усвоениот шаблон во политичиот израз пред и по референдумот, дека народот испратил порака оти Зоран Заев треба да си оди, Мицкоски го искажа првиот спин, како вовед во главниот:
Овој договор (Преспанскиот – н.з.) не поминува првенствено не затоа што ВМРО-ДПМНЕ води некаков инает, или дека поставува некакви непринципиелни барања, туку власта треба да знае и да расчисти еднаш засекогаш дека народот не го прифаќа.
ЗА КОЈ НАРОД ЗБОРУВА МИЦКОСКИ? По стопати повторена невистина станува вистина, тоа е мислата водилка на ова тврдење. Но, затоа, ако треба и по стопати, сепак, треба да се одговори на секое извртување на вистината.
Јавноста нема претстава дали „народот“, таа широка категорија кога станува збор за патриотски говори, го прифаќа или не го прифаќа или нема став за Договорот од Преспа. На кој народ мисли Мицкоски? На оној што излезе и го поддржа договорот – над 600 илјади граѓани на РМ, на оние десетици илјади кои гласаа против, на оние кои не почувствуваа потреба да излезат, оти никогаш и на ниту едни избори не гласаат, на оние кои свесно бојкотираа изразувајќи политички став, но плашејќи се да излезат на референдумот за да не бидат надгласани и кои беа широко и јавно-тајно поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ да апстинираат или, пак, на народот кој толку масовно е отселен од Македонија, кој реално го нема во земјата, при што од една страна се брои во избирачкиот список, а од друга страна иселениците гласаат во многу мал број со што значително го оптеретуваат цензусот
Јавноста не го знае одговорот на ова прашање – на кој народ мисли Мицкоски, но прилично добро знае дека од реалните околу 1,2 милиони избирачи, колку што максимално излегуваат на последните изборни циклуси, над 600 илјади го дадоа гласот ЗА договорот од Преспа.
Но, овој спин на Мицкоски со народот, беше вовед во главната извртена вистина – дека тој нуди излез од кризата преку формирање на ново јавно обвинителство за организиран криминал (откако ќе завршело со работа постојното СЈО), кое ќе ги доработело случаите на СЈО, ќе ги изанализирало сите снимки кои не биле анализирани, особено оние каде што се споменувал и Заев.
После ова се наметнува прашањето дали новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски, ги прочителе двата извештаи на експертската група на Европската унија предводени од германскиот дипломат Рајнхард Прибе, кои беа алфа и омега и за излез од политичката криза и за приближувањето на Македонија кон европските интеграции?
ПРИБЕ: СЈО Е ПОСВЕТЕНО И КОМПЕТЕНТНО А, еве што запишале експертите за работата на СЈО во септември 2017 година, кога го издадоа вториот извештај (стр.14, точка 68):
И покрај критиките, опструкциите и некооперативноста од широк размер на клучни институции, вклучувајќи го и Претседателот да ги амнестира сите кои што се дури и под можна истрага, Специјалното јавно обвинителство покажа посветеност и стручност. Сепак, ограничувањата и опструкциите со мандатот на СЈО, го покажува значењето на континуитетот кој е клучен за одговорноста за криминалот….
Оттука, експертите на Прибе препорачуваат (стр.17 и 18):
За да се обезбеди одговорност за криминалот власта мора да обезбеди дека сите кривични дела кои произлегуваат од или со нелегалното прислушкување ќе бидат процесуирани до финалниот заклучок. Властите, исто така, мора да гарантраат континуитет, дали преку продолжување на рокот за Специјалното јавно обвинителство да ги доврши истрагите и да поднесе обвиненија или преку обезбедување услови СЈО и натаму да ги следи овие случаи…
Како што може да се види од приложеното од експертите на Прибе, никаде, ама баш никаде, не се изразува сомнеж или политизираност на СЈО. Напротив, се зборува за „широк размер на опструкции“. Овој широк размер на опструкции на СЈО започна уште со последната година на владеењето на Никола Груевски, во јануари 2016 г., а како што се гледа, продолжува со Христијан Мицкоски.
Оттука, нудењето излез од кризата преку ново јавно обивнителство, кое ќе го заменело постоечкото политизирано СЈО, е чисто и јасно извртување на вистината, односно спин.
Со овој спин, Мицкоски иако говори за расчистување со криминалот, де факто говори за амнестија, зашто според него, сега се случувал политички прогон.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.