БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
Зошто да биде проблем трговската марка Macedonia the GReat, која ја промовираше грчиот премиер Мицотакис? Зарем тоа не е нашата заедничка идеја- и на Грција и на Македонија, да станеме големи?
Зошто да биде проблем трговската марка Macedonia the GReat, која ја промовираше грчиот премиер Мицотакис?
Зарем тоа не е нашата заедничка идеја- и на Грција и на Македонија, да станеме големи?
Не во територијална смисла, се разбира, затоа што моќта на една држава најмалку може да биде тоа- нејзините илјадници, милиони километри.
Зарем не може да имаме шанса да станеме големи- ако не се прекршува Преспанскиот договор и се почитува во целост.
Да почнеме да говориме на ист јазик, да го заборавиме балканскиот, кој со векови не ни служеше за ништо вредно и големо. Да го научиме вистинскиот јазик, да го закопаме секој друг- оној на подметнувања, потценувања, обвинувања, големи и ситни препирки, мали и длабоки поделби, омраза, гнев и јад кон другиот.
Зошто таквата Македонија- и онаа на грчкиот дел и оваа, на македонскиот, не би станала една- во таквата големина? Не во опсегот, не во броењето чекори кој повеќе поседува земја, пасишта, ниви и градови, туку голема во некаков европски, цивилизиран дух.
Со таквата големина се копнее по отворање на границите, тие стануваат историја, тогаш кога новата идеја за големина се разбира докрај и се почитува без болка во градите ако некој друг го спомне името, кое го делиме со векови. Големината на името Македонија не значи ништо, само онака попат кажано, повторувано со фиксација за светост, која оди до загрижувачки размери.
Не може да значи ништо добро и кога е напишано со големи црвени букви, излепено насекаде, за да се подвлече национализмот, лудилото, опседнатоста за едно име, на кое секогаш мора да му се даде вистинско значење, за да стане навистина важно и големо.
Тогаш, кога нема да има потреба од официјални договори, заверувани потписи и јавни обрзувања за добрососедство и пријателство, тогаш кога сето ова ќе се подразбира, затоа што не само што мора да се живее заедно, туку и се сака.
Да се биде навистина заедно со соседите, балкански, некогаш биле непредвидливи, денес само најдобри пријатели- тогаш, навистина некој иден Мицотакис ќе има право- Македонија е голема, затоа што сите заедно сме созреале низ вековите.