Договорот за името не е добар за грчките национални интереси, оценува Киријакос Мицотакис во интервју за ДВ. Но кога тој „ќе биде ратификуван од страна на грчкиот парламент, ќе биде исклучително тешко да се промени“
ПАНАЈОТИС КУПАРАНИС
Во интервјуто за ДВ шефот на грчките конзервативци Киријакос Мицотакис зборува за својата економска програма, пледира за европски решенија по прашањето на азилот и го обвинува премиерот Ципрас за попустливост околу прашањето на името. Еве ги прашањата и одговорите кои се однесуваат на Македонија:
ДВ: Партнерите од НАТО и ЕУ го поздравија договорот (за решавање на спорот за името, н.з.), германската влада го нарече „историски“. Вие го отфрлате. Не толку заради договореното име, значи „Северна Македонија“, туку заради тоа што со договорот се признаваат „македонски јазик“ и „македонска националност“…
Мицотакис: … во грчкиот текст. Во англискиот текст јасно се зборува за Ethnicity, значи етничка припадност.
ДВ: Како и да е – од што се плашите?
Мицотакис: Овој договор не е добар за грчките нацонални интереси. Грчката влада направи отстапки за соседната земја какви што не направила ниту една претходна влада: „македонска етничка припадност“ и „македонски јазик“. Имав оправдани сомневања дека евентуално некоја друга влада во Скопје – не актуелната, која има поумерен профил – ќе се врати на дискурс каков што ни е добро познат во нашето опкружување. Тој дискурс опфаќа Голема Македонија, која се протега надвор од денешните граници на Поранешната Југослвоенска Република Македонија. За нас признавањето на македонски јазик и македонска етничка припадност е неприфатлива отстапка. Оттука, недвосмислено ставив до знаење дека нема да дадеме согласност за договорот и нема да го ратификуваме во парламентот. Станува збор за договор кој генерира правосилни резултати. Кога ќе биде ратификуван од страна на грчкиот парламент, ќе биде исклучително тешко да се промени.
ФАЦ предизвика бура во Грција
Ваквите констатации на лидерот на Нова Демократија, Киријакос Мицотакис за ДВ практично се посредна потврда на она што го напиша германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) пред неколку дена. Ставовите на Мицотакис, околу договорот за името со Македонија, предизвикаа бура во Грција, а повод беше текстот во ФАЦ, каде се тврдеше дека Мицотакис во разговори со европски партнери рекол нешто во смисла дека доколку дојде на власт само по себе е разбирливо оти неговата влада ќе се држи до девизата ‘Пакта сунт серванда’ (Договорите треба да се почитуваат).
Повеќе: Што ветил Мицотакис за договорот со Македонија?
Ова беше искористено од страна на грчката влада за напади врз Мицотакис. Портпаролот на владата Димитрис Ѕаканопулос го обвини шефот на Нова Демократија дека дома изигрува бранител на татковината, а зад затворени врати во странство зборува поинаку. Одделот за медиуми на Нова Демократија (НД) го отфрли текстот на ФАЦ како „невистинит од прв до последен збор“. ФАЦ во еден од текстовите на оваа тема оцени дека изјавите на Мицотакис дека ќе го почитува договорот се дадени „во бекграунд-разговори, со вообичаено уверување до партнерите во разговорот дека нема да биде објавен нивниот идентитет. Оттука, не може да ѝ се земе за зло на НД кога тврди дека извори не постојат и дека тие се можеби измислици со цел – клевета“.
Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) во текстот со наслов „Дилемата на грчките националисти“ наведува дека спорот за името, благодарение на актуелните влади во Скопје и Атина, би можел да биде решен до крајот на годината и се занимава со ставот на грчката опозиција по ова прашање и конфликтот во Грција на внатрешнополитички план:
„Во Грција поради спорот за името веќе падна една влада – онаа на Константинос Мицотакис, таткото на актуелниот лидер на опозицијата. Тој во 1993 година ја загуби власта откако неговиот млад министер за надворешни работи Андонис Самарас го обвини дека е премек во судирот околу прашањето дали Македонија смее да се вика Македонија. Губењето на власта во 1993 година, како што деновиве оцени и искусниот европски пратеник од редовите на ЦДУ, Елмар Брок, остави гнојна и болна семејна рана во династијата Мицотакис. Раната не можеше да ја залечи ниту сестрата на Мицотакис, Дора Бакојани, додека беше мниистерка за надворешни работи.
Експлозивноста на делот од текстот кој предизвика внатрешнополитички конфликт во Грција би можела лесно да се превиди, доколку не се има предвид погоре реченото. Тој дел од текстот гласи: ‘Извори во Берлин уверуваат дека Мицотакис повеќепати ветил дека нема да ја поништува согласноста во спорот за името доколку стане премиер. Но, сега морал да демонстрира отпор за да не го загуби десното крило во својата партија и за да спречи основање нова партија подесно од неговата. Доколку Мицотакис тоа навистина го кажал, изненадува неговата исклучително агресивна офанзива против договорот.’
Овие реченици се проширија со неверојатна брзина во Грција и од страна на владата беа веднаш препознаени како можност за ослабнување на позициите на шефот на опозицијата. ‘Господин Мицотакис е сосема демаскиран’, напиша на Твитер портпаролот на владата Димитрис Ѕаканопулос и го обвини шефот на Нова Демократија дека дома изигрува бранител на татковината, а зад затворени врати во странство зборува поинаку: ‘Лицемерие и трговија со патриотизам во сета нивна раскош.’
Прес-службата на Ципрас испрати ултиматум, во кој се вели: ‘Господин Мицотакис треба сосема отворено да одговори на следново: 1) Дали е точно дека повеќепати вети оти доколку стане премиер нема да ја поништи согласноста во спорот за името? … Доколку веднаш не го демантира откритието на ФАЦ, само ќе потврди дека не само што тргува со татковината, туку и дека има само голема уста.’
Одделот за медиуми на Нова Демократија (НД) го отфрли текстот на ФАЦ како ‘невистинит од прв до последен збор’: ‘За разлика од Алексис Ципрас, Киријакос Мицотакис и во Грција и во странство зборува исто.’ Портпаролката на Нова Демократија, Марија Спираки соопшти: ‘Ова е официјално: НД е подготвена да гласа против ратификација на договорот (за решение на спорот за името).’
Со тоа таа демантираше нешто што никогаш и не се тврдеше. Не е спорно дека НД ќе отфрли ратификација на договорот од страна на грчкиот парламент. Меѓутоа, со оглед на тоа што НД во сите анкети води со најмалку 10% пред Ципрасовиот ‘Сојуз на радикални левичари’, а Мицотакис важи за иден премиер на земјата, неговите партнери за разговор во Европа во врска со Македонија се заинтересирани за едно друго прашање: Како тој ќе се однесува како премиер, доколку договорот со Скопје биде ратификуван до неговото доаѓање на власт?
Повеќе партнери за разговор на европско ниво тврдат дека Мицотакис рекол нешто во смисла дека само по себе разбирливо е оти неговата влада ќе се држи до девизата ‘Пакта сунт серванда’ (Договорите треба да се почитуваат). Дури се тврди и дека Мицотакис рекол оти се надева дека прашањето ќе биде решено до неговото доаѓање на власт.
Овие изјави се дадени во бекграунд-разговори, со вообичаено уверување до партнерите во разговорот дека нема да биде објавен нивниот идентитет. Оттука, не може да ѝ се земе за зло на НД кога тврди дека извори не постојат и дека тие се можеби измислици со цел – клевета. Ситуацијата е: изјава контра изјава.
Неспорно е дека ситуацијата во која се наоѓа Мицотакис е тешка. Тој се залага за модерна, отворена кон светот, економски способна Грција, но тоа е и една од причините зошто не може да го контролира десното, националистичко крило на својата партија. Тоа особено вежи за северниот дел на Грција, каде спорот за името посилно ги возбудува духовите отколку во остатокот на земјата. На северот се култивира сеќавање на грчката граѓанска војна, кога ‘славо-македонскиот ослободителен фронт’ со поддршка на партизаните на Тито се борел на страната на комунистите за отцепување на грчка Македонија од Грција.
Северногрчките пратеници речиси нескриено се закануваат со бунт, доколку не се заземе остар курс против плановите на владата за надминување на спорот за името. НД-политичари како Апостолос Ѕиѕикостас, префект на регионот Централна Македонија, ја претворија борбата против договорот во свој заштитен знак. Ѕиѕикостас, како и други политичари на Нова Демократија, важи за близок до северногрчкиот олигарх со руско потекло Иван Савидис.
Савидис, кому меѓу другото му припаѓа фудбалскиот клуб Паок Салоники, е многу влијателен во северна Грција и и порано има јавно полемизирано со шефот на НД. Сето тоа буди лоши сеќавања во фамилијата Мицотакис. Доколку на националистите им успее да го натераат Мицотакис да вети дека во случај на изборна победа ќе го поништи договорот со Македонија, целиот процес би се нашол во опасност. Доколку пак се покаже кооперативен, би добил пријатели во Европа, но можеби би ја загубил својата партија.
За вакви ситуации е измислен зборот дилема. Но дали е можно излезот од националистичката тешка ситуација да се состои во уште повеќе национализам?“, го завршува со прашање авторот Миахел Мартенс текстот во ФАЦ за внатрешнополитичкиот конфликт во Грција околу договорот за решавање на спорот за името.