Обвинителот кој го води предметот „Титаник 2“ се надева дека барем по овој предмет ќе има ажурност на судиите
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/12/se-nadeva-1024x556.jpg)
Говорејќи за застарувањето на делото на ексдиректорот на УБК во случајот „Титаник 2“, обвинителот Гаврил Бубевски во изјава за медиумите се надева дека нема да дојде до тоа, односно дека за четири месеци ќе успее да се заврши судењето пред Основниот суд Скопје, како и Апелација да донесе одлука по евентуалните жалби. Ако се знае брзината со која до сега се носеа одлуките на овие два нивоа на правосудството ретко кој би поверувал во оваа надеж.
Обвинителот Гаврил Бубевски, кој е актуелен шеф на ОЈО Скопје и поранешен член на СЈО, смета дека правдата што требало да ја донесе обвинителството што го предводеше Катица Јанева очигледно ја нема, барем, како што вели, во одредени предмети. За тоа какво е чувството што после толку работа, собирање докази и соочување со опструкции дел од предметите се пред застарување, поранешниот обвинител во СЈО вели за порталот „360 степени“ дека судбината на тие рпедмети е иста како и кај сите граѓани во државата.
„Чувството е исто како на сите граѓани во државата. Правдата што требаше да ја овозможи СЈО очигледно не ја даде, барем од гледна точка на некои предмети кои сè уште немаат свој завршеток иако, сепак, ние сме една страна во постапката и обвинетите заедно со бранителите се друга страна во постапката, а на крајот судот е оној што пресудува во предметите. Очигледно тие се повеќе сегменти кои влијаат и на одложување на постапката и на чувството дали во одредени предмети правдата е задоволена. Се разбира дека поротниот систем ни е застарен, не ни е функционален и тоа веројатно е најголемиот проблем зошто досега немаме и побрза правда. Тој систем во новиот Закон за кривична постапка би требало некако да се поправи и да не зависи од одлуките и поротата да нема такво влијание“, вели Бубевски, алудирајќи на тоа што во минатото бевме сведоци на враќање на судски процеси поради пензионирање или откази на поротници.
Тој денеска беше во Основниот кривичен суд Скопје за да го застапува обвинението во случајот „Титаник 2“ каде што меѓу обвинетите е ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Овој предмет се суди по вторпат, откако Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда со која Мијалков доби три години затвор. Затворски казни добија и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, како и поранешни членови на ДИК за договарање како да гласаат за приговори на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Струмица во 2013 година. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување. Единствено Мијалков е обвинет за друго дело – примање награда за противзаконито влијание кое застарува за четири месеци.
Сега случајот е во доказна постапка и денеска се заврши со сослушување на сведоците на обвинителството, а за да не застари до април 2023, треба да се донесе пресуда во Кривичен, но и за евентуалните жалби за неа да се изјасни и Апелација. Според досегашната пракса, малку е веројатно дека ќе се стигне, но обвинителот Бубевски вели дека се надева оти нема да има застарување. Нема друго, освен како што вели, сите мора да очекуваме дека работите ќе бидат така.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/12/na-staro-mesto.jpg)
„Предметот застарува за четири месеци само во однос на обвинетиот Сашо Мијалков, затоа што дејствијата за кои се товари се до пет години затвор (апсолутна застареност настапува за 10 години). Во однос на другите обвинети предметот останува во процедура затоа што роковите за застареност се многу поголеми. Меѓутоа, очигледно гледате дека судот прави напори сето ова да заврши во најбрз можен рок. Јас се надевам дека и Апелација во предвидениот рок до моментот кога настапува апсолутна застареност ќе има своја одлука. И Основниот суд и Апелација“, вели Бубевски.
„Титаник 2“ не е единствениот предмет каде Мијалков може да „куртули“. Поради застарување, тој се спаси од одговорност за истото дело – примање награда за противзаконито влијание во случајот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување и уништување на опрема за следење на комуникациите. Таму ексдиректорот на УБК се гонеше за вкупно три дела. Покрај споменатото, и за злосторничко здружување и за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Меѓутоа, и овие две дела би можеле да застарат во 2025 година откако Апелација месецов одлучи да ја укине првостепената пресуда за „Таргет-Тврдина“ со која тој доби 12 години затвор. Сега случајот повторно треба да се суди пред првостепениот суд.
За потсетување, првиот судски процес за овој предмет започна во декември 2017 година, а пресуда беше донесена во февруари 2021 година. Апелација одлучи да ја укине во декември 2022 година. Ова значи дека од првото судско рочиште во Кривичен, до неправосилната пресуда, а потоа и до одлуката на Апелација поминаа пет години. Сега, за да не застарат двете дела на Мијалков, целата оваа постапка ќе треба да се повтори и да заврши за помалку од три години.
Инаку, Мијалков е обвинет и во случајот „Трезор“ за начинот на набавка на опрема за следење на комуникациите од Велика Британија. Таму во април 2021 тој беше осуден на 8 години затвор со првостепената пресуда, но Апелација во ноември годинава ја укина и оваа пресудата и го врати предметот на повторно судење.
Ексдиректорот на УБК во април 2022 беше неправосилно осуден на една година и три месеци затвор и во „Плацови на Водно“ и за овој случај сè уште се очекува одлука од Апелација. Му се судеше и во „Тортура“ за начинот на апсење на Љубе Бошковски, но таму доби ослободителна пресуда.
Единствено каде има правосилна пресуда е во „Империја“, каде тој се спогоди со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со што доби три години затвор кои по промената на адресата од Скопје во Охрид ги издржува во струшкиот затвор од отворен тип, а во рамки на спогодбата му беа конфискувани 6,1 милиони евра, како и недвижен имот во вредност од околу 30 милиони евра.