Забележително е дека многу ретко има анализи или продлабочени истражувања на темата вакцинација односно имунизација на населението. Најчесто аналитичките прилози се во форма на телевизиски интервјуа во кои соговорниците дискутираат за безбедноста на вакцините, приоритетните групи за вакцинација, ефектите од имунизацијата.
„Информации засновани на факти и транспарентност за успешна Ковид-19 имунизација“, спроведува мониторинг на известувањето на медиумите за процесот на вакцинација. Набљудувањето и анализата на медиумското известување за Ковид-19 имунизацијата се реализира преку агрегаторот на вести – Time.mk, кој опфаќа вкупно 125 медиуми – вести (63), портали (48) и спортски медиуми (14) и тоа, со пребарување според клучни зборови – „вакцинација“, „Филипче“ и „антиваксери“. Основната цел на набљудувањето е да се утврди интензитетот, квалитетот и доминантните наративи во известувањето на медиумите за целокупниот процес на Ковид-19 вакцинацијата во државава. Овој прв извештај го опфаќа периодот од 1 до 30 април, но заради потребите на споредбената анализа содржи и статистика за периодот од 1 јануари до 30 април, годинава.
Вакцинацијата во текот на април, беше доминантна тема во македонските медиуми. На најголемиот агрегатор на вести во земјава (time.mk) имаше вкупно 12.797 вести поврзани со имунизацијата односно 26% од вкупниот број прилози посветени на вакцинацијата од почетокот на годинава. Во просек, дневно беа објавувани над 400- тини новинарски текстови и оваа бројка недвосмислено покажува дека вакцинацијата е тема од најголем јавен интерес за медиумите во државава.
Во новинарските прилози главен акцент беше ставен на вакцинацијата на населението во земјава и на набавката на вакцини, но на дневна основа, медиумите објавуваа и прилози за имунизацијата во соседните земји, како и за процесот на вакцинирање во други држави во светот. Во почетокот на април, новинарските текстови беа главно поврзани со стартот и процесот на имунизација со вакцината Астра Зенека на лицата постари од 77 години. Медиумите известуваа како се одвива вакцинацијата на оваа категорија од населението во здравствените домови, но објавуваа и информации за карактеристиките на вакцината и за нејзините можни несакани манифестации врз здравјето на луѓето: – „Досега вакцинирани 730 лица над 77 години во Македонија“2 – „Вакцинацијата во Тетово почна со 80 термини во Здравствениот дом“ , „Од 18 милиони вакцинирани со „Астразенека“ во Британија, кај 30 се појавила тромбоза“, „СЗО: Поврзаноста на АстраЗенека со згрутчување на крвта веродостојна, но не е потврдена“.
Потоа, фокусот на известувањето беше насочен кон започнувањето на масовната вакцинација во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје. Медиумите, на дневна основа известуваа како тече процесот на имунизација и кои категории граѓани (главно според возраст и професија) влегуваат во оваа втора фаза на вакцинацијата: – „Почна масовната вакцинација во СРЦ „Борис Трајковски“, – „Ќе се вакцинираат од 4.000 до 7.000 лица на ден?! …започна масовната вакцинација во „Борис Трајковски“, Вработените во МВР, АРМ, ЈСП и градинките ја започнуваат масовната вакцинација во СЦ „Борис Трајковски“, „Пратениците се вакцинираа со руската вакцина „Спутник“…
Паралелно со процесот на имунизација на населението, медиумите известуваа за најавите на претставниците на извршната власт (претежно на министерот за здравство, Венко Филипче) за набавката на вакцини, за тоа кога се очекува да пристигне големата пратка на вакцини од Кина, но и за реакциите на определени групи граѓани кои не се предвидени како приоритетни за вакцинација (на пример, наставниците, лицата со посебни потреби и др.) :
Најголем дел од новинарските текстови беа информативни, односно вести за текот на вакцинацијата, за отворањето нови пунктови за вакцинација или пак, најави за пристигнување нови контингети вакцини. Забележително е дека многу ретко има анализи или продлабочени истражувања на темата вакцинација односно имунизација на населението. Најчесто аналитичките прилози се во форма на телевизиски интервјуа во кои соговорниците дискутираат за безбедноста на вакцините, приоритетните групи за вакцинација, ефектите од имунизацијата. Најчест гостин во дебатните емисии беше министерот за здравство, Венко Филипче, но беа застапени и други медицински лица односно лекари.
Министерот за здравство е главен извор на информации. Во периодот јануари – април 2021, министерот Филипче, на агрегаторот time.mk беше присутен во дури 11.912 новинарски прилози главно посветени на вакцинацијата и на Ковид-19. Само во текот на април, Филипче беше застапен во 4.159 прилози односно 35% од вкупниот број содржини во првите четири месеци од годинава, во кои е регистрирано неговото присуство.
Медиумите ги пренесуваа и критиките на опозицијата насочени кон власта. Опозицијата ја критикуваше Владата за доцнењето на вакцините, а ја обвинуваше и за корупција при набавките на вакцините. На пример тоа се текстовите: „Д-р Андоновска: Филипче не обезбеди вакцини, а сега казнува лекари затоа што дале лек на пациент, на крај граѓаните ќе го казнат!“; ЕКСКЛУЗИВНО: Николоски најави нов скандал со корупција во врска со набавката на вакцините“; „ВМРО-ДПМНЕ: На лагите им нема крај, нема вакцини, а Филипче зборува за континуирана, дури и масовна вакцинација“; Медиумите во Република Северна Македонија, на дневна основа известуваа и за процесот на вакцинација во соседните земји: Србија, Бугарија, Косово, Албанија. Особено актуелна тема се условитe под кои македонските граѓани ќе можат да патуваат во Грција, на почетокот на летната сезона. Имаше и прилози посветени на процесот на имунизација во другите земји во светот.
Антиваксерите се присутни заради апсењата во Србија На агрегаторот time.mk, во текот на април, беа регистрирани 97 содржини поврзани со антиваксерите односно 64% од вкупниот број прилози од почетокот на 2021 кои се однесуваат на противниците на вакцинирањето.
Зголемениот број објави на оваа тема во април, која инаку нема голема застапеност во „мејнстрим“ медиумите, се должи главно на акцијата на српските власти за апсење на неколку антиваксери во државата, но и на меѓусебното „препукување“ на министерот за здравство Венко Филипче и на опозицискиот функционер, доктор Вело Марковски. Филипче во телевизиско интервју ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и Марковски за антивакцинална кампања („Филипче: Високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ шират антивакцинална кампања“, на што докторот Марковски одговори дека токму министерот е најголем антиваксер („Марковски за обвинувањата на Филипче: Министерот е најголемиот антиваксер “).
(Анализа на НВО Инфоцентар)